1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Февруари е, и повторно се зборува за албанскиот јазик

24 февруари 2017

Единствено тврдокордно во изминатите 20 години е апсурдноста со која се храни националистичката хистерија секогаш кога ќе се споменат правата на Албанците. Но целта не се тие, туку власта, пишува Борис Георгиевски.

https://p.dw.com/p/2YC5b
Mazedonien Pro-Regierungsdemonstration in Skopje
Фотографија: picture-alliance/epa/G. Licovski

Ме потсетија деновиве на еден текст во кој се одбележуваше десетгодишнината од студентските протести во 1997 година. И тогаш, како и денес - 20 години подоцна, повод за реакции и незадоволство е употребата на албанскиот јазик. Во јануари-февруари 1997 година, протестите започнаа како израз на незадоволство од Предлог-законот за употреба на албанскиот јазик на Педагошката академија, подготвен од министерката за образование, Софија Тодорова. Студентите-Македонци на Педагошката академија бараа повлекување на законот и оставка од министерката.

Протестите кои започнуваат во јануари 1997, својата кулминација ја доживуваат кон средината на февруари, откако Собранието ќе го изгласа законот. Овојпат студентите бараат и оставка на Владата. Врз зградата на Министерството за образование првите денови се фрлаат јајца, а потоа и камења, конзерви, овошје и зеленчук... Демонстрантите ја извикуваат македонската азбука и ја пејат химната. Се слушаат и скандирањата: „За Шиптари гасни комори", „Нека разберат клетите Шиптари, македонско име нема да загине", „Софија Шиптарка", и слични.

Дополнително, 460 професори и асистенти на Скопскиот универзитет со заедничко писмо предупредуваат дека со законот се прави „чекор напред во промоција на мултијазичноста во Македонија, измена на нејзиниот Устав, поделба и федерализација на државата“. Спорна е, имено, можноста која им се дава на студентите од албанска етничка заедница да учат на својот мајчин јазик на Педагошката академија.

Тврдокорни апсурди

По точно 20 години од овие настани, деновиве повторно се актуелни „опасностите од албанскиот јазик“, овојпат преку „неуставниот закон за двојазичност на целата територија“. Во сличен тон како и во 1997-ма, некои предупредуваат од „измена на Уставот, поделба и федерализација на државата". И актерите, за волја на вистината, не се многу различни. Тоа што меѓу „тврдокорните“ денеска и во следните денови можеби ќе ги нема истите ликови од 1997-ма не значи дека нивниот „дух“ нема да провејува меѓу демонстрантите. Како тогаш, така и денес, нивната „духовност" ќе се сведе на националистички патос чија цел, во крајна линија, не се ни правата на Албанците, туку власта.

Се јави секако и моралната вертикала - МПЦ, чии великодостојници изминативе десет години не успеаја од затемнетите стакла на своите лимузини да видат што се случува во државата, но сега видоа загроза за „уставната позиција на македонскиот јазик“ и опасност за унитарниот карактер на државата.

И можеби еден од реперите за тоа колку потона Македонија во изминативе години е токму соопштението на МПЦ. Споредете го однесувањето на црквата деновиве со изјавата на поглаварот на МПЦ, г. г. Михаил од 1997 година во која го осудува однесувањето на демонстрантите: „На една ваша парола прочитав дека барате гасни комори за сите Албанци. Тоа е страшно. Со векови сме живееле со Албанците и мислиме и понатаму да живееме со нив и да градиме иста куќа. Оној што го напишал тоа, ви направил многу лоша услуга“, ќе порача пред 20 години владиката Михаил.

Остана ли денес во Македонија некоја морална инстанца која ќе испрати слична порака до своето „стадо“? Волтер рекол: „Оние што ќе те натераат да веруваш во апсурди, ќе те натераат да сториш и злосторства". Хушкачи од таков калибар гледаме секојдневно. 
А за апсурдноста на хушкачката националистичка манија која трае еве веќе 20 години, убаво зборуваат студентите на Педагошкиот факултет. Прашани на 10-годишнината во „Утрински весник" (16.02.2007) што знаат за протестите од 1997 година, нивниот одговор е: речиси ништо. Во глава им се останати само имињата на некои од лидерите кои потоа си изградиле политички кариери. И толку. 

Во текстот се користени извадоци и цитати од текст на Утрински весник посветен на 10-годишнината од протестите во 1997 година. http://www.utrinski.mk/?ItemID=3B91761ECFEA5B479DDBAFDC6C0A2782