Феноменот „Алди“
19 февруари 2010Најголемиот број луѓе типуваат на 20 февруари, но никој не знае точно кога е роден Карл Албрехт, впрочем како и за многу други нешта, кои не се знаат за двајцата браќа. Речиси и да нема фотографија од двајцата браќа. Тие никогаш не се појавуваат во јавноста. Еднаш еден весник извести дека Карл е одгледувач на орхидеи и страстен играч на голф. И тој исто како и две години помладиот брат Тео е многу штедлив.
Сигурно е само едно, Карл и Тео Албрехт се најбогатите Германци. Се проценува дека секој од нив поседува богатство вредно 16 милијарди евра. Според ранг-листата на магазинот „Форбс“ браќата Албрехт се наоѓаат меѓу десетте најбогати луѓе во светот. Карл на шестото место зад основачот на „Икеа“, Ингвар Кампрад, а Тео на деветото зад индискиот магнат за челик, Лакшми Митал.
Најдобар квалитет за гарантирано најниски цени
Како што стојат работите, она што започна по Втората светска војна, првобитно како мала продавница за прехранбени производи во градот Есен, е успешна приказна. По повеќе експерименти, браќата во 1962 година го формираа „Алди“ што е кратенка за „Албрехт- дисконт“. Такво нешто светот дотогаш немаше видено.
Рецептот на успехот е едноставен, вели Дитер Брандес, долгогодишен деловен раководител во „Алди“, кој има напишано повеќе книги за неговите поранешни работодавачи: „Всушност е сосема едноставно. Ако може да се оди некаде и да се добие најдобар квалитет за гарантирано најниски цени, зошто тогаш да се оди на друго место.“
Во меѓувреме има речиси 8.000 филијали на „Алди“ ширум светот, од Америка преку Швајцарија и Источна Европа, па дури до Австралија. Сето тоа браќата го имаат фино и прецизно поделено меѓусебе, исто како и во Германија. Низ земјата минува линијата на разделување, на шега нарекувана „Алди екватор“, меѓу „Алди север“ на Тео и „Алди југ“ на Карл.
„Алди“ е едно од најголемите трговски претпријатија во светот. Прометот може само да се проценува, зашто никој не знае точно. Познавачите на браншата говорат дека тој изнесува околу 34 милијарди евра и сето тоа остварено без огромен управен апарат: „Некои мислат дека за тоа мора да се изгради голем управен апарат. Дека е потребен оддел за контрола и советници за претприемаштво. Сето ова во ’Алди’ го нема“, вели Брандес.
Германците се верни на „Алди“
„Алди“ се одликува и со скромно уредените супермаркети и бескомпромисноста кон испорачувачите на стока. Покрај тоа, со браќата Албрехт не е поврзан ниту еден скандал, барем не јавно. Додуша, на двајцата тешко им паѓаат промените. Речиси како мали револуции беа воведувањето на ладилниците, скенерите на бар кодови и плаќањето со дебитни картички во супермаркетите на „Алди“. Се‘ дотогаш муштериите се воодушевуваа на извонредно брзите касиерки, кои очигледно ја знаеја секоја цена напамет.
„Алди“ меѓутоа сега може да расте само во странство. На германскиот пазар минатата година забележан е пад на прометот од четири проценти. Браќата Албрехт меѓутоа опуштено го набљудуваат тоа. Карл во средината на 90 се повлече од оперативниот бизнис, Тео наспроти тоа пак се’ уште има големо влијание врз секојдневното работење. Германците пак во секој случај му остануваат верни на „Алди“.
Автор: Хенрик Беме/Симе Недевски
Редактор: Александра Трајковска