1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фејсбук му објавува војна на Гугл

Клаус Даман/ Симе Недевски2 април 2014

По преземањето на Вотсеп, Фејсбук ја купи и фирмата Окулус. Целта на зделката е обезбедување пристап до технологијата на очила за интернет. Тоа е тренд на иднината за кој Фејсбук ќе води битка за превласт со Гугл.

https://p.dw.com/p/1Ba1P
Фотографија: ROBYN BECK/AFP/Getty Images

Социјалните мрежи, таблет-компјутери и смартфони- сето тоа е само „лански снег“. Големите играчи на интернет сцената како Гугл или Фејсбук ги интересира само одговорот на прашањата: Kоја е технологијата на утрешнината? Што би можело да биде нов „свет грал“ за користењето на интернет во иднина? А тука е уште едно важно прашање: Kој прв ќе го открие?

Германската новинарка специјализирана за информатичка технологија Свеа Екерт е сигурна дека иднина имаат т.н „wearebles“ апарати, односно апарати кои можат да се носат на телото, а имаат пристап до интернет и препознаваат разни акустични и визуелни сигнали. Експертите го гледаат човекот на иднината како киборг- односно човек робот, кај кого мобилниот телефон, кој веќе денес изгледа како да е сраснат со некои лица, навистина ќе биде сраснат со него.

Трка за трендовите на иднината

Google-Brille
Интернет очилата Гугл гласФотографија: picture alliance/ZUMA Press

Во таа насока се движи и развојот на специјалните очила на компанијата Гугл, наречени Гугл глас. Во стаклото на тие очила се наоѓа мал екран кој на оној кој ги носи му дава информации за она што го гледа во моментот. Освен тоа со трепнување на окото на овие очила може да се даде команда да направат фотографија или да снимат видео. Очилата сѐ уште се во пробна фаза, но Гугл на тој начин повторно има мала предност во трката за освојување на трендовите на иднината.

Фејсбук сега пак со купувањето на фирмата Окулус се обидува да го достигне конкурентот. Олукус се наоѓа во фаза на развој на сопствени очила наречени Окулус рифт (насловна фотографија). Тоа се очила кои на оној кој ги носи му прикажуваат тридимензионална слика. Тие реагираат на движењата на главата и корисникот така може да гледа во кој било виртуален свет. Досега овие очила беа конципирани за видео игри. Првиот човек на Фејсбук, Марк Закерберг, верува дека со тој изум од сопствениот дом може да се присуствува на наставата во училиште или да се разговара со лекарот.

Фејсбук ја преспа мобилната телефонија

„Фејсбук постојано мора да пронаоѓа нови дефиниции на својата деловна философија“, вели Свеа Екерт. „Само така може да опстане на пазарот и да забележи натамошен раст, односно да избегне стагнација“.

Фејсбук целосно го пропушти развојот на мобилната телефонија. „Во моментов таа фирма на мобилните телефони има само една мала икона, мала апликација (еп) сличен на сите други кои ги има на нашите телефони“, вели Екарт и додава: „Фејсбук сака да биде ултимативно средство, платформа преку која сите ние ќе пристапуваме до интернет и ќе ги живееме наштите 'вмережени' животи. И тоа сега се обидуваат да го поттикнат со купувањето на тие очила, односно на фирмата Окулус“.

И Гугл очилата како и Окулус рифт сѐ уште можат да се купат само како тест-верзија. Корисниците и натаму самите мораат да пишуваат програми за користење на тие апарати. Еден од оние кои се занимава со тоа е Макс Рајнер, од Високата школа на уметности за физичка интеракција од Цирих. Тој разви симулатор кој со помош на специјални очила, корисникот го претвора во јастреб, кој може да лета над определени предели. „Повеќето лица кои ги тестираа очилата и програмата беа фасцинирани од реалноста на чувството на 'летање' и 'лебдење над предели'', вели Рајнер.

Screenshot Oculus Rift Virtual Realities Youtube
Поглед низ очилата Окулус Рифт

Конкуренцијата не спие

Сепак овој истражувач наведува дека технологијата сѐ уште не е доволно усовршена. Очилата и натаму реагираат релативно бавно, сликите не се секогаш најостри. „Нашиот уред симулира движење во просторот, односно во воздухот. Ако сето не е стопроцентно усогласено, тогаш има моменти во кои не се чувствуваат најпријатно“.

И Свеа Екерт се чувствувала нелагодно кога за првпат ги пробала Гугл очилата. Таа вели дека некои кои првпат ги пробале тие очиле дури имале и нагон за повраќање.

Значи пред истражувачите е уште многу работа пред да се дојде до производ зрел за пазарот. Во тек е трка во кој се впуштија и американската фирма Вузикс, потоа Голден од Велика Британија, француската Ластер Технолоџис и италијанската компанија Си14. На Универзитетот во Вашинготн веќе работат на контактни леќи кои би биле способи да се приклучат на интернет и сликите директно да ги емитуваат во рожницата.

Треба ли да се смета на тоа дека наскоро и чипови би можеле да се вградуваат во окото па дури и во мозокот? „Што се однесува до контактните леќи тоа би можело да функционери за догледно време. Ама имплантати во мозокот? Тука сум многу внимателен“, вели Макс Рајнер.

Kombobild Facebook Google Logo
Фотографија: Montage DW

Моќта на Силиконската долина

Тој ја разбира загриженоста која поради изумот на Гугл очилата владее кај експертите за заштита на приватноста и личните податоци. „Фасциниран сум од можностите кои ги пружаат тие очила, но тие се и отворен прозор во областа на приватниот живот. Ако не се води сметка за тоа, може да дојде до фатални грешки“, вели Рајнер.

Свеа Екерт е уверена дека регулативните агенции на владата во Вашингтон тешко можат да ги запрат компаниите од Силиконската долина: „Интернет индустријата во САД стана неверојатно моќна. Не смеат да се потценуваат износите кои таа ги издвојува за финансирање на своето лоби, за да се спроведе она што е во нејзин интерес “.