1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фидел Кастро - отсутниот великан

Андреас Кноблох/Ж.А.13 август 2016

Денеска (13.08) Фидел Кастро го слави 90-от роденден. Познатиот бунтовник, државник и женкар одамна се повлече од јавноста, но Кубанците сепак сакаат да го слават неговиот роденден.

https://p.dw.com/p/1JhEn
Фотографија: AIN/Handout via Reuters

Знаците за јубилејниот роденден на револуционерниот водач Фидел Кастро низ Хавана се малубројни. На некои ѕидови стојат пресно испишани роденденски желби, овде-онде висат плакати, а по одделни излози на државни продавници се поставени честитки. Фидел ионака речиси не е веќе присутен во секојдневието на Кубанците.

Пред десетина години беше сосем поинаку. Но, вечерта на 31. јули 2006. Кубанците беа конфронтирани со нешто за многумина непојмливо. Во ударниот телевизиски термин приватниот секретар на Фидел Кастро, Карлос Валенсиага со сериозен израз на лицето го најави претстојното повлекување на командантот. Неговото нарушено здравје, дотогаш строго чувана државна тајна, го принуди Фидел по 47 години на челна позиција, да му ги препушти сите важни функции на својот пет години помлад брат Раул.

Етапно простување

Фидел слезе од големата политичка бина на која се искачи во 1953. година преку јуришот врз касарната Монкада во Сантијаго де Куба (и неговиот познат говор „Историјата ќе ме оправда“) и подоцна преку триумфот на револуцијата на Куба во 1959. година. Привременото простување, по две години се претвори во трајно.

Куба во изминатите години, под водството на неговиот брат Раул, кој се смета за попрагматичен, се промени. Дозволена е продажба и купување автомобили и недвижности, укинати се ограничувањата за патување и воведен е интернет пристап за населението. Раул ја отвори и економијата за странски инвестици, го редуцираше државниот сектор, овозможувајќи поголема приватна иницијатива. Стотици луѓе во меѓувреме преминаа во приватници. Но, крунскиот политички дострел на Раул би требало да биде започнатото приближување кон поранешниот смртен непријател - САД.

08.2016 DW Highlights August 2016 Fidel Castro
Фидел Кастро како млад бунтовник

Пресврт во односите кон САД

Фидел е прилично скептичен во тој поглед. Откако американскиот претседател Барак Обама во март оствари историска посета на Куба, Фидел во својата колумна, која повремено ја објавува во партискиот весник „Гранма“, напиша: „Не ни се потребни никакви подароци од империјата,“ потсетувајќи на долгогодишните санкции, напади и убиените жртви во американските агресии против Куба. И врз самиот Фидел биле извршени 638 обиди за атентат од американските тајни служби и кубански групи во егзил, тврди еден поранешен кубански шеф на тајната служба.

Фидел Кастро во изминатите години честопати беше прогласуван за мртов. „Мојата смрт беше толкупати измислувана, што на денот кога вистински ќе умрам, никој нема да поверува“, рече еднаш Фидел. Тешкото заболување на органите за варење кое го принуди на повлекување, очигледно е излечено. Но, тој се откажа од поранешната сеприсутност, речиси не се појавува во јавноста. Повремено ги прима странските посетители, како папата Франсиско и францускиот претседател Франсоа Оланд, на приватен разговор. Сликите емитувани во тие прилики на кубанските државни медиуми прикажуваат побелен, видливо остарен и ослабен човек со треперлив глас, во спортска облека.

Борба за Кастровото политичко наследство

Но и без реална политичка моќ, Фидел останува значајна фигура за православното крило на Комунистичката партија, чии припадници сметаат дека промената водена од Раул оди предалеку. „Конзервативците, кои не сакаат никакви промени, цврсто се држат кон Фидел, во тоа нема сомнение“, истакнува поранешниот кубански дипломат Карлос Алзугарај за новинската агенција АП.

Во прашање е наследството на Фидел. „Ние сите сме смртни, но идеите на кубанските комунисти ќе останат вечни“, изјави Фидел во април на завршниот дел од Конгресот на кубанската Комунистичка партија, кој се одржува секоја петта година. „Веројатно е последен пат што говорам во оваа сала“, рече Фидел, многумина од илјадата делегати имаа солзи во очите.

Kuba Havanna Papst Franziskus und Fidel Castro
Фидел Кастро и папата Франциско, 2015.годинаФотографија: picture-alliance/AP Photo/A. Castro

Воздржување од јавна прослава

Земјата сепак го слави неговиот роденден. Кубанската телевизија прикажува интервјуа од времето кога Фидел беше на власт, се емитуваат различни специјални емисии. Во Биран, во источниот дел од островот, каде Фидел е роден во 1926 година, на викендов на свеченостите се очекуваат стотици посетители, во чест на Фидел ќе се засадуваат дрвја. Сепак, јавна прослава со присуство на Фидел веројатно нема да има.

На улиците на Хавана се фали значењето на Фидел. „Јас сум приврзеник на Фидел, тоа јавно го признавам“, вели Мирта Хернандез, шеесетгодишна учителка. „Нема да има втор како него. Да се надеваме дека ќе ни поживее уште многу години.“

„Јас сум рамнодушен кон политиката на Фидел“, вели напротив Алејандро, кој како што кажува самиот, работи за „своја сметка“ и исто како големо мнозинство од населението, е роден по Револуцијата. „Додека не заминат Фидел и неговиот брат Раул, во оваа земја ишто нема да се промени“.

Информатичарот Фад Переира пак истакнува: „Фидел секогаш ќе остане исклучителна личност, не само во Куба, но првенствено овде. Но, сега е време раководењето со земјата да го преземат младите.“

Сеедно дали историјата ќе го оправда или не, непобитен е фактот: Фидел е зацврстен во светската колективна меморија како млад брадест човек во зелено-маслинеста униформа, кој застана на чело на вооружен бунт и подоцна со години им се спротиставуваше на САД.