Филипче: Не бев нападнат, човекот си имаше мака
21 мај 2020Вознемирен маж кој утрово го чекал министерот Венко Филипче пред зградата на министерството за здравство предизвика реакција на полицијата. Обезбедувањето на министерството повикало полиција која подоцна го лоцирала мажот во околината на Медицинскиот факултет. Филипче за ДВ вели дека побарал да разговара со мажот и од разговорот дознал дека тој имал проблем со прием во болница на испитување.
„Разговарав со човекот кој имал проблем затоа што не можел да заврши некои испитувања во болница. Го испратив кај колегите на Клиника“, вели Филипче.
Во полициската белешка од настанот се наведува дека лицето А.А. не било вооружено. Човекот седел на скалите на министерството во очекување на доаѓањето на министерот, а откако од обезбедувањето го забележале, тој избегал во правец на Медицинскиот факултет.
На 1 јуни 2017 година беше извршен вооружен напад врз тогашниот министер за здравство Никола Тодоров, токму на скалите на министерството. Тодоров тогаш успеа да се извлече неповреден од нападот кој го изврши дедото на починатата Тамара- девојче чие лекување предизвика многу контроверзи во јавноста.