1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Нема нови рестриктивни мерки и по заканата од омикрон

ДТЗ
29 ноември 2021

Дел од епидемиолозите предлагаа да се ограничи работата на клубовите и кафеаните и да се затворат границите на неколку недели за да се забави инвазијата на новиот сој.

https://p.dw.com/p/43bw8
Nord-Mazedonien: Venko Filipce, Gesundheitsminister
Фотографија: Regierung Nordmazedonien

Северна Македонија засега нема да воведува нови мерки и рестрикции како последица на ширењето на новиот сој на Ковид-19 наречен омикрон. Министерот за здравство, Венко Филипче, по утринскиот состанок на Комисијата за заштита од заразни болести, оцени дека е стабилна епидемиолошката ситуација во земјата.  Според него, сè уште нема доволно познати информации, иако Светската здравствена организација (СЗО) вели дека овој сој е лесно пренослив

„Некаква рестрикција во однос на затворање на границите, карантин за патниците кои доаѓаат од одредени земји нема да даде ефект поради тоа што е очигледно дека кога ќе се појави нов сој не може да се ограничи само на една територија“, вели Филипче. 

Symbolbild Corona Covid Variante Omicron B.1.1.529
СЗО во петокот го идентификуваше новиот сој Б.1.1.529, пронајден во Јужна Африка, го именуваше со грчката буква омикрон и го класифицираше како загрижувачки и високо пренослив.Фотографија: Pavlo Gonchar/Zumapress/picture alliance

Според министерот, соеви ќе се јавуваат и понатаму, поради што остануваат на сила сегашните мерки, кои според него, се добро димензионирани и се става акцент на вакцинацијата. „Остануваме со овие мерки засега и ја следиме ситуацијата. Ова е нов сој и допрва ќе дознаваме информации, но од она што го знаеме, нема потреба од рестрикција“, изјави министерот. 

Владата на утрешната седница треба да разговара и за финансиската стимулација за матичните лекари, со која тие ќе добијат по 30 денари од пациент, ако ги убедат 70 посто од нивните пациенти да се вакцинираат. „Опфатени се околу 1.500 матични лекари. Тоа би било еден бонус, кој ќе го добијат. Веќе разговарав со дел од колегите. Тие треба преку комуникација, апели, повици да ги убедат граѓаните да се вакцинираат“, вели Филипче. 

Предупредувања 

Светската здравствена организација (СЗО) во петокот го идентификуваше новиот сој Б.1.1.529, пронајден во Јужна Африка, го именуваше со грчката буква омикрон и го класифицираше како загрижувачки и високо пренослив. 

Во најновото соопштение организацијата нагласува дека сè уште не е јасно дали Омикрон е попренослив во споредба со другите варијанти. „Омикрон има голем број мутации, од кои некои се загрижувачки поради нивното потенцијално влијание врз текот на пандемијата“, додаваат од СЗО. Тие ги советуваат земјите-членки да ја забрзаат имунизацијата на приоритетните групи и да „обезбедат планови за ублажување“ за одржување на основните здравствени услуги.  

Nordmazedonien Skopje | Test auf Coronavirus
Голем број земји воведоа забрана за патувања и дополнителни мерки, поради ширењето на новиот сој, кој веќе продре во Европа. Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Голем број земји воведоа забрана за патувања и дополнителни мерки, поради ширењето на новиот сој, кој веќе продре во Европа. Епидемиологот Драган Даниловски, смета дека и Северна Македонија треба да преземе нови мерки поради новиот сој на коронавирусот, да ја ограничи работата на клубовите и кафеаните и да ги затвори границите на неколку недели за да се забави инвазијата на новата варијанта. Даниловски вели дека „нема да можеме да го спречиме омикрон да влезе во земјата, бидејќи премногу брзо се шири, но со мерките би добиле на време за да дознаеме повеќе за него“. 

-повеќе на темата: Загриженост во Европа – колку сегашните вакцини се моќни против Омикрон?

„Сега веќе повторно доаѓа предвид повторно строго да се инсистира на маски и на растојание во затворен простор - кафеаните и клубовите. Ако се влоши епидемиолошката ситуација, доаѓа предвид и да се затворат, но мислам дека засега е доволно да се направат ограничувања на бројот на гостите“, вели Даниловски, укажувајќи дека земјата треба да го следи примерот на Израел, кој ги запре воздушните линии и наложи карантин за своите државјани кои ќе влезат во Израел. 

Доктор Злате Мехмедовиќ, специјалист по медицина на труд, пак, смета дека сè уште е рано да се каже дали треба да се стравува од новиот сој на коронавирус омикрон. „Сепак, не е решение да се затворат границите за влез на патници од земјите каде што беше детектиран вирусот. Треба да се размислува за задолжителен карантин на овие патници и тестирање за да се потврди евентуално присуство на вирусот“, вели тој.