1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Филипче: Брзата помош нема да се приватизира

ДТЗ
16 декември 2021

Итната медицинска помош и понатаму ќе биде под капа на државата и граѓаните нема да плаќаат, дециден е министерот за здравство, Венко Филипче.

https://p.dw.com/p/44MPy
Nordmazedonien Corona-Pandemie in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Итната медицинска помош нема да се приватизира, дециден е министерот за здравство,Венко Филипче, откако измените за Итната медицинска помош заглавија во Собрание, како последица на меѓупартиските обвинувања меѓу власта и опозицијата, а ситуацијата дополнително се разгоре откако Левица поднесе 1.200  амандмани за Законот за здравствена заштита, со што се спречи законот да биде изгласан. 

Според Филипче, во Законот јасно пишува дека Итната медицинска помош може да ја врши само јавно-здравствена установа. Со измените кои се предлагаат, ќе бидат ставени во законска рамка и приватните здравствени установи, коишто нудат ваква услуга.

Nord-Mazedonien Gesundheitsminister Venko Filipce
Со измените кои се предлагаат, ќе бидат ставени во законска рамка и приватните здравствени установи, вели Венко Филипче.Фотографија: DW/P. Stojanovski

„Постои дупка во законот, со измените само ќе се стави во законска рамка она што се случуваше досега. Нема простор за паника, Итната медицинска помош и понатаму ќе биде под капа на државата и граѓаните нема да плаќаат“, вели Филипче.

Исклучок ќе бидат граѓаните, коишто по своја волја ги повикуваат приватните клиники за услуга. Тие и досега плаќаа за итна медицинска помош од приватните клиники, а тоа е незаконско, според министерот. Покрај јавно здравствената установа, итната медицинска и стоматолошка помош и домашната посета ја прават и приватните установи „Неуромедика“, „Жан Митрев Клиник“, а со транспорт започнува и „Никоб“. 

Лекарски извори коментираат дека во време на пандемијата, особено, треба да се стави ред во однос на превозот на пациентите, да има задолжителна фискализација и контрола колку средства им се наплаќаат на пациентите за услугите од приватната итна помош, коишто им се нудат. На тој начин ќе се спречат злоупотреби и ќе се намали преголемиот товар од дополнителни трошоци за граѓаните во услови на Ковид-19. 

Блокада во Собрание

Законот за здравствена заштита беше блокиран во Собранието, поради поднесените 1200 амандмани од политичката партија Левица. „Ваков круцијален закон не смее да помине без јавна расправа од стручната лекарска фела. Пратениците на Левица, под никакви околности, нема да дозволат приватизација на Брзата помош“, е ставот на партијата. 

Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека власта се обидува да го истурка законот на мала врата заради компанија наводно блиска до врвот на власта. Тие сметаат дека се апсурдни тезите на СДСМ дека тоа ќе биде само во реони каде што нема итна помош. „Ако на приватен стопанственик му се исплати да купи возила, да вработи и плаќа лекари, даноци и да има профит, тогаш зошто државата не го направи истото, и место профит, парите од истиот ќе завршат за поголеми плати“, велат од опозициската партија.