1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Филипче ги посети повредените патници во Бугарија

ДТЗ
23 ноември 2021

Повредените се членови на едно семејство од кои најмладото лице е 16-годишна девојка. Сведоци раскажуваат дека патниците го скршиле задниот прозорец за да се спасат.

https://p.dw.com/p/43MMt
Bulgarien | Busunfall bei Bosnek
Фотографија: Stoyan Nenov/REUTERS

Министерот за здравство, Венко Филипче изутринава ги посети повредените патници во сообраќајната несреќа во Бугарија, во која најмалку 45 лица ги изгубија животите. Тој информираше дека преживеаните седуммина патници се во стабилна состојба и надвор од животна опасност. Тие се хоспитализирани во болницата „Пирогов“ и се со полесни повреди.

Филипче рано изутринава замина во Бугарија заедно со премиерот Зоран Заев и со министерот за надворешни работи Бујар Османи. 

„Веста за страшната трагедија што се случи во Бугарија не потресе сите. Многу млади изгубени животи, неизмерна тага и болка за семејствата до кои изразувам сочувство. Утрово во болницата во Софија ги посетив патниците кои ја преживејаа страотната сообраќајка. Во разговор со колегите од Клиниката, пациентите се згрижени, соодветно третирани и сите се стабилни и надвор од животна опасност“, информираше Филипче. 

Според министерот, само еден од повредените има скршеница, но сите се во стабилна состојба, контактабилни, навремено згрижени. Тој вели дека повредените се членови на едно семејство од кои најмладото лице е 16-годишна девојка.

Nord-Mazedonien: Venko Filipce, Gesundheitsminister
Фотографија: Regierung Nordmazedonien

Претходно премиерот Зоран Заев изјави дека најголем број од патниците се македонски државјани. Меѓу патниците имало и српски државјанин од Прешево кој со вереницата од Куманово бил дел од групата, а еден патник имал белгиско државјанство. Автобусот е на превозникот ‘Беса транс‘ од Скопје. 

Кога настанал пожарот и несреќата на македонскиот автобус во Бугарија, повредените патници успеале да скршат прозорец кој бил на задните седишта и да се спасат. „На задните делови од автобусот, на задните седишта, успеале да го скршат прозорецот и да се спасат овие седум луѓе“, вели Заев.

-повеќе на темата: Изгорени до непрепознатливост: десетици жртви во македонски автобус

Тешката несреќа се случи ноќеска пред два часот на магистрала Струма, во близина на Перник. Македонските државјани биле на враќање од Истанбул, каде што заминале на 18 ноември.

Во изгорениот автобус имало 52 патници, а од нив 12 се деца под 18 години. БТВ јавува дека жртвите од трагедијата што се случи со македонскиот автобус на автопатот „Струма“ во Бугарија, се од Скопје, Струмица, Битола и Велес.