1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Филипче смирува: Вториот бран ќе трае кратко

БГ
5 јуни 2020

Министерот за здравство Филипче вели дека ситуацијата е под контрола и покрај драматичниот раст на бројот на новозаразени. Тој очекува до крајот на следната недела сликата целосно да се промени.

https://p.dw.com/p/3dJoP
Nord-Mazedonien: Venko Filipce, Gesundheitsminister
Фотографија: Regierung Nordmazedonien

Министерот за здравство Венко Филипче проценува дека вториот бран на коронавирусот во земјава ќе трае кратко и прогнозира дека состојбата ќе се стабилизира до крајот на следната недела. Ваквиот оптимизам Филипче го темели на податокот дека над 90 проценти од новите случаи на Ковид-19 се асимптоматски или со лесни симптоми на болеста.

Во последното деноноќие во земјата беа регистрирани 180 нови случаи, од кои само во Скопје- 109.

„Речиси 90 проценти од новозаразените со коронавирусот се асомптиматски или со многу лесни симптоми на вирусот“, вели Филипче и проценува дека најголемиот дел од нив ќе минат и без терапија. 

„Вирулентноста опаѓа“, вели тој и додава дека „бројките не значат ништо“ со оглед на тоа што интензивно се тестирани првичните контакти и тие се изолирани за да не се прошири вирусот. Сепак, тој предупредува дека тоа не значи дека граѓаните треба да се опуштат затоа што се’ уште има и тешки случаи. 

Во главниот град, коронавирусот и натаму се шири во рамките на 15 семејства кои се главни носители на новиот раст на заразените. Филипче вели дека сите луѓе кои се дел од овие кластери се откриени и се во самоизолација.

Реагирајќи на критиките дека била направена погрешна проценка со воведувањето на полицискиот час во Скопје за време на продолжениот викенд, Филипче вели дека тоа што голем број скопјани заминале во други градови не менува ништо.

„Колку и да заминуваат, а за продолжен викенд тоа се очекува, треба да се почитуваат превентивните мерки. Единствениот начин да не се пренесува вирусот е да се почитуваат мерките“, вели Филипче.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема