1,2 милијарди долари помош за луѓето во Авганистан
14 септември 2021На првата донаторска конференција откако милитантно исламистичките талибанци ја презедоа власта во Авганистан, многу држави јасно ставија до знаење дека за нивната краткорочна итна помош не се поставуваат услови, но натамошната соработка со режимот ќе зависи од односот кон странските помагачи, жени, деца и малцинствата. Според ОН, 93 % од домаќинствата во Авганистан немаат доволно храна, а снабдувањето со основни потреби во земјата е пред колапс. Со хуманитарна помош освен храна треба да се обезбедат лекови, здравствени услуги, снабдување со вода. Освен тоа со ветените средства треба да се финансираат заштитни механизми за жени и деца, како и училишта, но и бегалските логори во соседните земји на Авганистан, каде се наоѓаат преку два милиони бегалци. Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш изјави дека талибанците дале писмена изјава оти хуманитарните организации ќе можат да ја продолжат непречено својата работа. „Оваа конференција целосно ги исполни моите очекувања во однос на солидарноста кон луѓето во Авганистан“, изјави Гутереш, кој пред конференцијата побара 600 милиони долари за периодот од септември до декември.