Последниот авион од Кабул
31 август 2021Последниот американски воен авион полета од аеродромот во авганистанската престолнина Кабул во текот на изминатата ноќ, објавија американските вооружени сили. Со тоа завршува и воена мисијата за евакуација на луѓе од земјата. Американскиот претседател Џо Бајден нареди целосно повлекување на војниците до 31 август.
„Тука сум за да објавам завршување на нашето повлекување од Авганистан и крај на воената мисија за евакуација на американски државјани, државјани на трети земји и загрозените Авганистанци од земјата“, рече началникот на Централната команда на вооружените сили на САД, генерал Кенет Мекензи, кој преку видео-врска учествуваше на прес-конференција во Пентагон.
Американскиот амбасадор исто така ја напушти земјата со последниот авион Ц-17. Американската амбасада во Кабул денеска пак на својата веб-страница соопшти дека ги суспендирала сите активности. Таа од Кабул ќе биде префрлена во Доха. Меѓутоа, дипломатската мисија за овозможување на луѓе кои се загрозени од талибанците, кои повторно владејат со Авганистан, да ја напуштат земјата и натаму е во тек.