Силен земјотрес во Пакистан со десетици жртви
7 октомври 2021Силен земјотрес од 5,7 степени според Рихтер го потресол планинскиот дел од југозападен Пакистан, во кој се наоѓаат повеќе рудници за јаглен. Локалните власти јавуваат за најмалку 20 жртви и преку 300 повредени. Несреќата се случила рано утрово, кога бројни рудари веќе работеле во рудниците.
Според наводите на Министерството за внатрешни работи на провинцијата Балуџистан, епицентарот на земјотресот се наоѓа на околу 14 километри североисточно од посебно тешко погодената општина Харнаи, а бил на околу 20 километри под земјината површина.
Бројни луѓе, информира Службата за заштита од катастрофи, се наоѓаат под урнатините од објектите. Многу од куќите во сиромашниот регион се изградени од глина. Во Харнаи се испратени спасувачки екипи и војници. Работите на спасување на луѓето и расчистување на урнатините се отежнати поради прекинот на струјата во големи делови на Балуџистан.