Макрон сега треба да се фати за работа!
10 мај 2017Заедничкото покажување во јавност со Франсоа Оланд, на Емануел Макрон не му донесе позитивни поени. Рамо до рамо со претседателот на заминување тој, ден по изборите, положи венец на споменикот на незнајниот војник под Триумфалната порта во Париз. За противниците на Макрон тоа повторно беше можност да го прикажат како ученик и духовен наследник на омразениот претседател на заминување. Но, по изборната ноќ, наследникот веднаш се префрли во државнички модус.
Формирање на влада
На 14 мај се одржува церемонијата на примопредавање на должноста. Франсоа Оланд се сели од Елисејската палата, а во неа се вселува Макрон, заедно со сопругата Брижит, која ќе има свој личен кабинет, но не и плата. Поранешната наставничка планира да се занимава со прашања од школството и образованието. Иако Макрон како министер за стопанство во мандатот на Оланд, на некој начин, беше политички убиец на својот ментор, примопредавањето на власта ќе мине без непријатните сцени до кои дојде кога Никола Саркози му ја предаваше функцијата на Оланд.
Следниот понеделник, Макрон ќе ги претстави членовите на својата влада. Со тоа ќе покаже на кој начин планира да управува со земјата. Сѐ ќе зависи од личноста на премиерот. Се знае дека на таа функција Макрон би сакал да дојде жена. За првпат во историјата на Франција, еден нејзин претседател планира да формира кабинет во кој половина од министрите треба да бидат жени.
Во Париз на големо се шпекулира дали новиот премиер, или премиерка, ќе биде од редовите на републиканците или социјалистите? На пример, популарниот министер за одбрана Жан-Ив Дријан? Или „олдтајмер“ како поранешниот шеф на Светската здравствена организација, Паскал Лами? Можеби европратеникот Силви Гулар од редот на центристите? Засега сѐ е на ниво на шпекулации.
Следното прашање е дали премиерот ќе ги преживее парламентарните избори во јуни, со оглед на тоа дека се уште не се знае односот на силите во парламентот, а мнозинството на Макрон е неизвесно. Конзервативците сонуваат на функцијата да го постават новиот лидер Франсоа Барон, да го принудат Макрон да игра по нивни услови и фактички, на тој начин, да го намалат или ограничат неговото влијание.
Први проекти
Новозибраниот претседател во својот кабинет ќе постави една третина министри кои не доаѓаат од политиката, туку од науката и стопанството. Тој вети и вртење нов лист во Франција, нов почеток и разбивање на старата политичка класа, што веќе и го стори со својот избор. Пред парламентарните избори, Макрон планира да реализира неколку важни проекти. Со воведувањето на нов кодекс на однесување за луѓето на политички функции, тој сака да ги оневозможи скандалите како што е исплаќањето на државни пари на членови на семејствата. Со брза реформа на школството треба да се овозможи во едно одделение да учат по 12 ученици. Тоа би значело нови работни места за илјадници учители и наставници. И конечно, Макрон планира со декрет да го реформира застарениот Закон за работа.
Борба за мнозинство
За Макрон веќе почнува новата кампања, овојпат за мнозинство во парламентот. За четири недели се избира Националното собрание, и во него ќе се одлучува за иднината на владата на Макрон. Неговото младо политичком движење ќе ги претстави кандидатите, но во своите редови ќе мора, пред сѐ, да регрутира поддржувачи од двете големи политички партии. Новиот политички табори ќе се вика „Република напред“ (La République En Marche), најави портпаролот на Макрон. Тоа би било мнозинство во парламентот кое би функционирало како и ткн. голема коалиција во Германија (на ЦДУ/ЦСУ и СПД). Во Франција досега тоа беше непознат модел на владеење.
Прашање е дали социјалистите ќе освојат доволен број пратенички мандати и со тоа да бидат на располагање како партнери? Се чини дека конзервативците имаат подобри шанси за победа. За првпат во францускиот парламент значаен број гласови ќе има екстремно-десната Национален фронт на Марин Ле Пен. Се прогнозира освојување на 40 места. Марин Ле Пен себеси веќе се гледа како шеф на опозицијата. Сепак, таа титула би можел да и ја оспори екстремниот левичар Жан-Лик Меланшон.