1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Франција - нова Грција за Македонија?

СН/ агенции
26 јуни 2018

Евентуалната блокада од Франција на европскиот пат на Македонија би била речиси смртоносен удар за компромисот за името, оценуваат експерти во медиумите на германски јазик. Советот на ЕУ мора да остане веродостоен.

https://p.dw.com/p/30Iut
Bulgarien EU-Balkan-Gipfel in Sofia | Macron und Zoran Zaev
Фотографија: Getty Images/AFP/L. Marin

Медиумите на германски јазик и натаму ја следат ситуацијата околу договорот меѓу Грција и Македонија за спорот за името и претстојниот самит на Европската инија во Брисел, на кој меѓу другото би требало да биде одлучено дали Македонија може да започне пристапни преговори со ЕУ.  Германската новинска агенција ДПА јавува за протестот на неколку стотици луѓе во понеделникот вечерта (25.6.) во Солун против компромисот за повеќедеценискиот конфликт околу името Македонија: „Демонстрантите извикуваа националистички и екстремно-десничарски пароли обвинувајќи ја владата во Атина, на чело со Алексис Ципрас, за предавство. 'Македонија е само грчка', извикуваа тие. Околу 200 маскирани демонстранти фрлаа со камења на полицијата, која употреби солзавец да ги растера“, известува агенцијата. Таа потсетува дека Македонија и Грција на 17 јуни постигнаа договор за запирање на спорот околу името Македонија, кој трае речиси четврт век. Според овој договор, поранешната југословенска република во иднина би требало да се вика Република Северна Македонија, со што би се разликувала од северногрчката провинција Македонија и од античка Грција, пишува ДПА. За возврат, Атина во иднина нема да го блокира патот на земјата кон НАТО и ЕУ. Но на патот кон Унијата сега се заканува блокада од друга страна.

Griechenland Proteste in Thessaloniki
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/G. Papanikos

Франција го убива компромисот

На самитот на ЕУ кој ќе се одржи на 28 и 29 јуни во Брисел, почетокот на преговорите со Македонија би можело да ги блокира Франција, пишува виенскиот весник „Стандард“ и во насловот предупредува: „Француското 'не' за Македонија би можело да го уништи решението за името“. „Тоа речиси би бил смртоносен удар за компромисот во врска со името, кој го постигнаа Македонија и Грција“, вели за весникот шефот на Центарот за југоисточна Европа од универзитетот во Грац, Флоријан Бибер. Тој потсетува дека во Македонија наесен е планирано одржување на референдум и оценува оти е „тешко да се замисли дека исходот ќе биде позитивен, доколку Европа не го награди постигнатиот договор“.

Повеќе на темата:

-Германија ја убедува Франција за отворање ЕУ-преговори со Македонија

-Согласноста од Грција на маса, ќе стигне ли и од ЕУ?

-Грција здивна, Македонија пред рампата на Франција

Виенскиот весник оценува оти на македонската национално-конзервативна опозиција во тој случај нема да ѝ биде тешко да ги убеди луѓето да не го поддржат договорот за името, затоа што ќе може да каже дека и покрај откажувањето од симболите на идентитетот ништо не се менува. „Тоа би бил тежок удар за реформската политика на Балканот“, вели Бибер и додава оти со тоа „Франција би станала нова Грција за Македонија.“

„Стандард“ потсетува и на тоа дека Македонија уште од 2005 година е кандидат за членство, но оти на патот кон ЕУ досега ја блокираше Грција, и дека во случај Франција да вложи вето, таа и натаму би била спречена да пристапи во ЕУ и во НАТО. „Владата на претседателот Емануел Макрон до европските избори во 2019 година категорички ги одбива сите чекори кон натамошно проширување на Унијата. Тоа има врска со тоа што либерално настроениот шеф на државата се плаши од зајакнување на влијанието на илибералните источноевропски земји, како што се земјите од Вишеградската група. Макрон сака во важните земји од ЕУ на власт да останат проевропските партии и затоа бара да не се одобрат натамошни преговори за проширување. Покрај тоа, многу земји во ЕУ сѐ уште не сфатиле дека политиката на проширување на Балкан е поврзана со строги услови. Многу реформски чекори, како што е обемната демократизација во Македонија или реформите во правосудството во Албанија, притоа воопшто не се земаат впредвид. Во прашање е целокупната политика на условување на ЕУ и проширувањето само по себе.“

Стручњакот за југоисточна Европа, Тобијас Флесенкемпер, од Европскиот институт ЦИФЕ од Ница, за виенски „Стандард“ оценува: „Европскиот совет има обврска да се придржува до критериумите кои самиот  ги постави и со тоа соодветно да го поддржи наредокот кој е постигнат во земјите. Ако тоа не го стори, тоа трајно ќе ѝ наштети на веродостојноста на својата политика. Доколку неделава не прати сигнал дека напорите се исплатеа, го уништува процесот на проширување“.