1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Тероризам

Франција: Обезглавен професор - Макрон: „Ова е тероризам“

ЖА / агенции
17 октомври 2020

Во предградие на Париз на улица на свиреп начин е убиен еден професор, 18-годишниот извршител со чеченско потекло е застрелан. Полицијата приведе девет лица. Францускиот претседател Макрон го оцени нападот за тероризам.

https://p.dw.com/p/3k46B
Frankreich | Paris | Emmanuel Macron spricht nach einer brutalen Messerattacke
Фотографија: Abdulmonam Eassa/AP Photo/picture-alliance

Полицијата ноќеска привела уште пет лица во врска со убиството во Париз. Станува збор за родители на ученици во училишттео во кое предавал професорот. Претходно беа уапсени четири осомничени, кои припаѓаат на опкружувањето на 18-годишниот напаѓач, кој бил убиен од страна на полицијата.

Францускиот претседател Емануел Макрон го посети местото на злосторството во Конфлан Сен-Онорин. „Наш сограѓанин е брутално убиен, тој е жртва на терористички напад", изјави Макрон, видно потресен.

Убиениот наставник предавал историја во париското предградие. Во рамките на курс за слобода на мислењето, на учениците им покажал карикатури на пророкот Мухамед, што не им се допаднало на сите. Училиштето било изложено на бран критики. Синоќа наставникот со нож бил нападнат на улица, по што подлегнал на смртоносните повреди.

Frankreich Paris | Untersuchungen | Mann auf Straße enthauptet
Убиецот го демнел наставникот и го нападнал на улицаФотографија: Charles Platiau/Reuters

Макрон се сретна и со директорката на училиштето, заблагодарувајќи ѝ се за ангажманот во одбраната на слободата на мислење наспроти сите протести. Само пред неколку недели Макрон претстави предлог-закон против настанувањето воглавно исламистички паралелни општества во земјата. Во него централна улога играат образованието и училиштата, каде се пренесуваат вредностите на кои почива државата, а слободата на мисла е една од нив.

„Затоа не е случајно што терористот убил професор, негова цел била да ја нападне Републиката, нејзините вредности, просветителството и можноста нашите деца да станат свесни граѓани, сеедно од каде доаѓаат или во што веруваат. Ова е наша битка", истакна Макрон. 

Повеќе:

Крвав напад со нож во центарот на Париз

„Шарли Ебдо“: Процес што ја допира душата на Франција

Пет години по „Шарли Ебдо“ - хуморот на многумина им е сомнителен

Претседателот не кажа детали за убиството, но од полициски извори се дозна дека жртвата била обезглавена. Истрагата за убиството ја презеде анти-терористичкото обвинителство. Осомничениот 18-годишен убиец бил приведен кратко по нападот, а по обидот со нож да ги нападне полицајците, бил застрелан. Според информации од полициски извори, напаѓачот бил роден во Москва и имал чеченско потекло. По извршувањето на делото извикувал „Алаху акбар“, „Господ е голем".

Франција со години е потресувана од исламистички напади, во кои загинаа преку 250 луѓе. Во септември доселеник од Пакистан нападна и рани две лица во близина на поранешното биро на сатиричниот магазин „Шарли Ебдо“, кој и самиот беше мета заради објавувањето на карикатури на пророкот Мухамед - во јануари 205 година исламистите во редакциските простории убија 12 луѓе.