1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Француски упатства за домашни реформи

2 мај 2019

Стратегијата навестува интерес кој подолго време недостигаше од Франција, како клучна земја членка на ЕУ. Од друга страна, зборува за приближување, но директно не ги позиционира земјите кандидатки како идни членки на ЕУ.

https://p.dw.com/p/3HnFT
Bulgarien EU-Balkan-Gipfel in Sofia | Macron und Zoran Zaev
Фотографија: Getty Images/AFP/L. Marin

Стратегијата на Франција за Западниот Балкан, која беше објавена само еден ден по самитот на лидерите на земјите од Западен Балкан одржан во Берлин, иницира прашања во домашната јавност: дали се тоа јасни пораки за подолг одмор во проширувањето на ЕУ?  

Во Стратегијата се вели дека „има за цел да ја поддржи и да ја надополни акцијата на ЕУ за поддршка на приближувањето на регионот кон Европа“, а се наведува и потребата од многубројни реформи за да се овозможи регионот трајно да се стабилизира и да одговори на предизвиците со кои се соочува. Како предизвици што остануваат се наведени политичките нерешени спорови, економските и социјални прашања, тешкотии при трајното воспоставување на владеењето на правото, безбедносни прашања, како и надворешни влијанија кои го пренасочуваат регионот од својата европска перспектива.

Моделирање на односите

Целата листа на теми и области е истата на која и досега се посветени земјите од Западен Балкан во бројни реформските процеси, со кои чекор по чекор се приближуваат кон очекуваните стандарди. Од тој аспект, што значи сега оваа Страгегија на Франција? 

 „Стратегијата на Франција за Западниот Балкан во голема мера е обид на оваа клучна земја членка на ЕУ да го моделира односот на ЕУ со Западниот Балкан согласно своите интереси“, вели Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европска политка - Скопје.

Deutschland Westbalkan-Gipfel
Стратегијата на Франција за Западниот Балкан беше објавена само еден ден по самитот на лидерите на земјите од Западен Балкан одржан во БерлинФотографија: Hrvatska Vlada

„Стратегијата доаѓа по период на дистанцирање на оваа земја од нашиот регион во изминатите неколку години, период во кој Германија во практика целосно го презема водството во однос на прашањето на проширувањето. Во овој документ, се навестува зголемен ангажман во нашиот регион, но примарно со цел да се обезбеди стабилност и безбедносна соработка. Од една страна, самата Стратегија е добар знак, бидејќи навестува интерес кој подолго време недостигаше од Франција како клучна земја членка на ЕУ, без која не се решаваат големи прашања. Од друга страна, во Стратегијата се споменува приближување на регионот кон Европа, но, истиот не ги позиционира директно земјите кандидатки како идни членки на ЕУ. Ова гледиште е во согласност со ставот на претседателот Макрон, според кој ЕУ прво треба да се реформира внатрешно пред да се отвори прашањето за нови членки. Како дел од тие 'внатрешни прашања' е и исходот на изборите за Европскиот парламент кои ќе се одржат на крајот на мај 2019 година, и се од исклучително значење за претседателот Макрон како прв тест на неговото досегашно владеење“, вели Кацарска.

Реформи во практика, не само на хартија

Ставот на Макрон за приоритетно внатрешно реформирање на ЕУ, ги буди стравувањата дека со тоа земјите од Западен Балкан подолготрајно може да останат надвор од процесот на проширувањето на Унијата. Францускиот амбасадор, Кристијан Тимоние, вели дека токму оваа Стратегија ја утврдува француската посветеност на највисоко ниво за поддршка на европскиот пат на земјите од Западен Балкан.

„Таа се темели врз очекувањата на луѓето кои што живеат во овој регион да видат вистински напредок во областа на владеење на правото. Но, таа се темели и врз нашите очекувања да видиме дека напредокот се материјализира и конкретно се потврдува во практика. Поддршката за реформата на правниот систем и генерално за имплементација на европските стандарди во областа на администрацијата ќе претставува конкретен придонес кон вашиот европски пат. Областите се јасно идентификувани и нашите залагања ќе преставуваат поддршка и надополнување на веќе реализираните активности во рамките на ЕУ и други мултилатерални институции“, изјави Тимоние во интервју за МИА.

Повеќе:

Заев: Време е ЕУ да преземе одговорни чекори за Северна Македонија

ЕУ и наградата за Северна Македонија

Самит во Берлин: Пофалби без ветувања за Северна Македонија

Тој вели дека Франција ги поздравува напорите и напредокот што од 2016 година наваму ги направила земјата, но дека од нивна страна секогаш било јасно кажано дека вистински напредок може да се согледа низ критериумите за владеење на правото, што ќе биде основа за отпочнување на преговорите.

Според него, европската перспектива на Западен Балкан за која Макрон зборувал на Сорбона во септември 2017 година, не е променета.

„Насоката е јасна. Унијата треба да биде обновена за да овозможи приклучување на нови членки. Се работи за двојна активност долгорочно гледано, која бара одредено време и напор. Градењето околности за кредибилно владеење на правото во земјите кандидатки е неопходен предуслов, којшто оди паралелено со напредокот, како на хартија, така и во практика. Никогаш не беше кажано, ниту ветено нешто друго од наша страна“, изјави амбасадорот.

Македонија во Берлин беше пофалена за успешно решниот спор со Грција, кој треба да биде модел и за други земји во регионот, но засега не е извесно дали тој успех ќе донесе почеток на преговорите со ЕУ. Од власта сметаат дека земјата го заслужи тоа, и дека таквиот чин ќе биде мотивација за регионот.

Завчера, еврокомесарот за проширување и соседка политика, Јоханес Хан порача дека е време да се интегрира Западен Балкан. Односно, за да се заврши процесот на обединување, на Европа ѝ е потребен и Западен Балкан.

„Денеска прославуваме 15 години од проширувањето на ЕУ, амбициозен проект основан на заедничките напори и визија - да го реобединиме европскиот континент и да го обезбедиме мирот, просперитетот и безбедноста за сите граѓани на ЕУ“, напиша Хан на Твитер.