1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фрчкоски: Охридскиот договор е успешен, но уште „неразбран“

14 август 2021

Принципот дека нема територијални решенија за етничките права - кој првпат е јасно поддржан во Рамковниот договор, е од суштинска важност за сите идни решенија во регионот и пошироко

https://p.dw.com/p/3yywx
Mazedonien Ljubomir Frckovski Politiker
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Кои се придобивките од Охридскиот рамовен договор (ОРД), кои се неговите слабости, во колкава мера тој донесе нов дух на толеранција и помирување, и зошто сепак не стана извозен продукт? За овие и други аспекти на ОРД, кој во конфликтната 2001 година стана клучен стабилизирачки документ за земјата, разговаравме со професорот Љубомир Фрчкоски.

ДВ: До денес во јавноста постои конфузија во однос на тоа како да се дефинираат настаните од 2001 година, но и каков документ е Охридскиот рамковен договор?

-Охридскиот Рамковен Договор е политички акт од внатрешен карактер со правни консидерации - одредби во деловите за кои сака прецизно да се дефинираат. Тој не е меѓународен договор и не е мировен договор. Меѓународен не е поради страните кои учествуваат во неговото сочинување и потпишување, и независно од силното гаранциско учество на посредници, тој во основа е внатрешен акт. Не е мировен, иако има одредби кои се однесуваат за прекин на воените дејства и регулирање на последиците од нив, бидејќи во Македонија немало ниту воена или вонредна состојба за време на конфликтот. Тој од меѓународен аспект се рангира како ниско интензивен внатрешен конфликт, во правна смисла нешто помеѓу бунт и востание.

ДВ: Сепак, силното медијаторство за разрешување на конфликтот со претставници на ЕУ и САД, говореше дека земјата со вонредни напори е вратена од работ на амбисот, дека конфликтот можеше да прерасне во нешто од кое ќе нема враќање назад, доколку не се постигнеше договор...

-Интензитетот на странското вмешување е поради важноста за мирот што Македонија го претставува за регионот во очите на странците, а не е резултат на жестокоста на судирите. Исто така странците јасно прифатија дека нема да ја легитимизираат ОНА со нејзино седнување на преговарачка маса, туку го засилија легитимитетот на албанските партии регистрирани и активни во Македонија. Странските гарантори го земаа на себе товарот на „рационализирање или артикулација“ на буновничките барања кои одеа од отворен расизам (во почетокот на судирите) во насока на агенда за човекови права. Сето тоа јасно го докажува внатрешниот карактер на Договорот и неговото зацврснувачко дејство врз унитарноста на државата.

ДВ: Вие и професорот Владо Поповски како правни експерти бевте вклучени при креирањето на решенијата на ОРД. По дистанца од две децениии, како гледате на тој документ и неговата реализација?

-Договорот има некои навистина важни и пошироки елементи: начинот на кој се реши инклузивно проблемот со употребата на албанскиот јазик во институциите; двојното, Бадинтерово гласање како некакво суспензивно вето за заштита на правата на заедниците кои не се во мнозинство; тој генерално елиминираше каков било вид територијално решение за етничките права - федерализација или кантонизација и начинот на кој се регрутираа припадници на заедниците во државната администрација; и конечно локалната самоуправа како хоризонтално демократизирање на системот кој се допираше и кон употребата на јазикот на заедниците и нивно регрутирање.

ДВ: Во колкава мера трите столба на кои се темели ОРД (проширување на употребата на јазикот на малцинските заедници, правична застапеност на припадниците на малцинствата во државната администрација и локалната демократија) ги дадоа очекуваните резултати, а во колкава мера избегаа од рамката во интерес на клиентелизмот и партиските агенди?

-Една од слабостите на инаку исклучително успешниот договор е токму партиското киднапирање на регрутниот процес на припадниците на заедниците во државната администрација. Тоа можеше и сѐ уште може да се коригира со поефикасно меѓународно „мешање“ во процесот на селекција на кадри, заедно со давањето помош (средства) за реформи во државната администрација. Тој систем на регрутација е генерално важен и неизбежен, а начинот на кој се узурпира може да се поправи. Но, другите решенија се покажаа исклучително успешни и иновативни - Бадинтеровото гласање, нормите за јазикот и сл.

ДВ: Надвор од нормативниот дел, се очекуваше духот на Договорот со текот на годините да донесе и помирување помеѓу заедниците. Го имаме ли тоа денес?

-Помирувањето е подолготраен процес на суштествено разрешување на антагонизмите кои биле основа на некој културно-идентитетски конфликт. Помирувањето е создавање односи на соработка помеѓу луѓето и групите кои учествувале во претходен конфликт. Тоа е транзиција од компетитивност во кооперативност, која вклучува реконструкција на општеството, создавање услови за нормална соработка и живот. Деликатноста и проблемите со помирувањето се во тоа што ги допира емоциите и селективната меморија на жртвите и сторителите на злосторствата. И двете групи имаат своја меморија и поаѓаат од неа во процесот на помирувањето. Секоја индивидуа и група го следи сама своето патување низ срамот, бламажата, бесот, гневот, вината, прифаќањето и конечно мирот. Простувањето и помирувањето како социјален проект создаваат отпор кај жртвите на индивидуално ниво. Има злосторства кои едноставно не можат да се заборават ниту простат. Некои злосторствата се такви - не можат да се казнат ниту простат, по нив останува само тишината. Но од некои основи на видливост на страдањето на жртвите од конфликтот и од нивната вистина мораше да се направи основа за правденоста на идниот заеднички живот. На пример, раселените лица требаше да се сместат и нивните случаи да се решат; коските на исчезнатите и убиените (можеше тоа да се направи) да се достават до нивните семејства да се погребаат; некои случаи вратени од Хаг требаше да се процесуираат и да завршат со пресуди. Тој остаток на недовршена пракса се провлекува во ресентимент и денес, кога се работи за оценка што се случи во 2001 година. Духот на Рамковниот договор е поглед и кон прашањата кои во него не се третирани со внимателност и инклузивност. Тоа ќе создаде атмосфера на заедничко живеење во демократија како можна. За Македонија тоа е важен, да не кажам клучен стабилизирачки момент, а и „извозен“ концепт кој може да се нуди како можна, иако тешка мултикултурна демократија.

ДВ: Со години се провлекува впечатокот дека Договорот (о)стана трофејна значка на реверот на една партија...

-Денес симболизмот на Рамковниот договор, наместо кај институциите на државата е монополизиран и киднапиран од ДУИ како партија, која и не учествуваше во неговото создавање ниту преговарање. Тие од прославите ги исклучија сите кои навистина учествувале во неговото создавање, имаат своја интерпретација на Договорот и свои гости, од кои некои без каква било врска со истиот, создаваат свој симулакрум за Договорот и неговото значење и важност.

ДВ: Иако Охридскиот договор беше оценуван како „договор кој гради, а не разградува држава“, зошто до денес, сепак, не стана извозен продукт?

-Извозноста на договор од ваков вид (решавање идентитетски конфликти) е мошне деликатен. Се сведува на принципи кои се применети - инклузивност, нагласок на јазичните права, институционални аранжмани за гласање и изборен систем, и слично. Тоа не се прави со препис на решенијата, туку со принципот. На пример, принципот дека нема територијални решенија за етничките права – кој првпат е јасно поддржан во Рамковниот договор, е од суштинска важност за сите идни решенија во регионот и пошироко. Но за да стане „извозен“, треба нашата стручна јавност да го разбира и да го третира како можност за сопствена научна промоција, за правење „теорија“. За жал, нашите професори го „мразат“ Договорот. Го третираат како „наметнат“, ги одбиваат неговите решенија и трагично - не го анализираат, ниту пишуваат за неговите принципи и следење на резултатите од неговата примена. Тоа е кога провинциска интелигенција не може да разбере ни кога нешто добро направила, и да ги избегне своите мрежи на конспиративни толкувања.