Фудбалска еуфорија: Леле луѓе, што направивте!
13 ноември 2020Колони од возила со свирење и развеани државни знамиња, изминатата ноќ ја претворија во ден. Така беше и на скопските, и на улиците во сите македонски градови, каде што се славеше победата на македонската фудбалска репрезентација над Грузија и првиот пласман на Европското првенство (ЕП).
Со аплаузи, многу емоции и еуфорија беше дочекан и автобусот со кој македонските фудбалски реперзентативци рано утрово влегоа во земјата на граничниот премин Блаце, откако од Тбилиси слетаа во Приштина. Во дресови со името на Пандев, победничката репрезентација ја пречекаа премиерот Зоран Заев, првиот потпретседател на Владата, Артан Груби, и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски, во присуство на голем број на медиумски екипи.
Пандев: Сонот ми се оствари
„Многу сме среќни сите, да знаете. Не сте свесни каква радост му донесовте на целиот народ“, им велеше Заев на фудбалските херои додека позираа за заедничка фотографија.
Селекторот на македонската репрезентација, Игор Ангеловски, на сите им се заблагодари за пречекот.
„Среќни сме што успеавме да го обединиме народот, затоа што ние во репрезентацијата така живеевме пет години, без разлика на етничка верска, или каква било припадност. Бевме едно големо семејство и тоа ни донесе успех. Среќен сум што работам со вакви фудбалери и се надевам дека Македонија ќе се радува на уште поголеми успеси“, рече тој.
Повеќе:
-Фотографија на денот: Прослава и награда за фудбалските херои
-Македонија и Пандев ќе дебитираат на ЕП на 13 јуни во Букурешт против Австрија
-Историја во Тбилиси: Пандев ја одведе С. Македонија на ЕП
Фудбалската легенда, која во 56-тата минута од натпреварот ја донесе победата, изјави дека уште не се свесни што направиле.
„Сонот ми се оствари. Поминавме долг пат за да стигнеме до ова Европско првенство. Уште не сме свесни што направивме. Не верував дека на 38 години ќе се пласирам на Европско првенство. Добро е што дојде овој корона вирусот, па продолжи кариерата уште малку“, се пошегува Горан Пандев.
Заев: еден за сите, сите за еден
Радоста не ја криеше и премиерот Заев.
„Голема е радоста со која вечерва е преплавена целата наша земја. Оваа голема радост ја донесоа македонските фудбалски јунаци кои го оставија срцето на стадинот во Тбилиси и ја донесоа оваа огромна победа каква што македонската историја не памети досега, со што македонската репрезентација доби шанса за првпат да учествува на ЕП. Сите македонски граѓани се радосни за овој голем успех на нашата репрезентација. Слави цела држава. Еден гол за сите, една победа за сите, тоа е можно само заедно. Македонци, Албанци, Турци.., во ист дрес, под едно знаме, за заедничката татковина. Ова покажува дека само заедно можеме еден за сите, сите за еден. Вечерва сме овде јас и првиот потпретседатал на Владата, Артан Груби, за да ја споделиме радоста и на нашата Влада, која што пред пет-шест часа одржа специјална седница за на укаже чест и почит кон нашата македонска репрезентација, на која донесовме одлука сите членови на фудбалската репрезентација да добијат награда од по 10.000 евра. Им посакувам успех и здравје, да живее македонскиот фудбал“, порача премиерот.
Благодарност до фудбалерите искажа и претседателот на Фудбалската федерација, Муамед Сејдини.
„Bи сакал да упатам големи честитки до овие херои што ја донесоа оваа победа којашто ќе се пишува со златни букви и ќе се памети во нашава држава. Благодарност до премиерот и вицепремиерот, како и сите останати што не пречекаа во овие утрински часови. Останаа и тие будни за да им оддадеме чест на нашите херои“, изјави Сејдини.
Радоста голема, но мерките строги
На прашањето дали за денеска се планира некаква прослава, премиерот рече дека му е должност да го пренесе она што како апел го испраќаат минстрите за здравство и за внатрешни работи и претседателот на федерацијата.
„Нашиот народ долго време немал поголеми причини за славење. Ова е огромна причина за славење. Но должност ми е да апелирам и да замолам да се почитуваат мерките за Ковид-19. Забрането е собирање. Верувам дека ќе дојдат и нови успеси и нови победи, кои сите заедно ќе ги прославиме. Важно е здравјето и на нашите репрезентативци и на нашиот народ. Излеговме вечерва, славевме, доминантно со возила. Знам дека имаме право оваа радост и многу повеќе да ја споделиме, но дефинитивно здравјето е важно за сите“, порача премиерот.