1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хан за ДВ: Mилијарда евра од ЕУ за Западен Балкан до 2020

12 јули 2017

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан во интервју за ДВ најавува инвестиции на ЕУ вредни една милијарда евра и отворање на 80 илјади нови работни места во земјите од Западниот Балкан

https://p.dw.com/p/2gN9X
Westbalkan-Gipfel - Mulitmedia-Paket
Еврокомесарот Хан во разговор со Аделхајд ФајлкеФотографија: DW/S. Matic

ДВ: Последните години беа тешки за регионот на Западниот Балкан. Има ли нови импулси и какви се Вашите очекувања од самитот?

Хан: Мислам дека самитот во Трст е одлично подготвен од италијанските домаќини. Се потрудивме да оствариме конкретен напредок. Ќе биде потпишан Договорот за транспорт што ќе им овозможи на земјите од Западниот Балкан, на некој начин, да се поврзат со транспортното законодавство на ЕУ што ќе даде огромни економски импулси за регионот. Ќе бидат договорени една цела дузина проекти во делот на транспортот и енергетиката во вредност од околу 200 милиони евра кои ќе покренат дополнителни инвестиции од околу 540 милиони евра. На тој начин ќе ја поставиме основата за еден регионален економски простор кој ќе треба да ја подобри меѓурегионалната економска трговија која што е неразвиена, а има голем потенцијал. Поаѓаме од тоа дека во следните години во регионот треба да се отворат нови 80 илјади работни места.

ДВ: Тоа се убави вести. Каде е закочена работата?

Хан: Како и секогаш во регионот, кога се работи за, би рекол, благовременото спроведување, има многу апели и ветувања, но потоа, реализацијата е нешто што секогаш заостанува, каде мора да развиете одредена упорност. Но, тоа е нашето секојдневие во регионот и навикнавме на тоа. Конечно, се работи за тоа да им се обезбеди економска перспектива на 20 милиони луѓе која ќе ги гарантира стабилноста, безбедноста, па ако сакате, и мирот во регионот.

ДВ: Ги споменавте стабилноста и безбедноста, но не и демократијата. Се слушаат критики дека ЕУ со своите проекти всушност ги засилува автократските структури во регионот. Како им одговарате на тие критики?

Хан: Кога зборувам за стабилност, јасно е дека тоа подразбира една демократска структура. Ако луѓето не можат слободно да се изразуваат и делуваат, тогаш никогаш нема да ја добијат шансата која ја направи Европа толку уникатна. И тоа е причината зошто е ЕУ толку атрактивна и за земјите од Западен Балкан да станат нејзини членки. Притоа, економскиот развој ќе биде можен само доколку постои и развој во делот на владеењето на правото. Никој нема да инвестира во регионот, ни од самиот регион ниту од други земји на ЕУ, доколку не може да се потпре на функционално судство.

ДВ: Економска соработка и заеднички проекти... тоа звучи речиси анахроно ако се земе предвид дека во регионот остануваат отворени многу конфликти и спорови кои ги оптоваруваат односите. Како планирате да ги надминете тие проблеми?

Хан: Токму тоа е шармот на Берлинскиот процес, ние рековме: ќе ги собереме сите шест земји од Западниот Балкан заедно, без оглед на кое ниво е нивниот развој во однос на идното членство во ЕУ. Веќе конкретно преговараме со Србија и Црна Гора, останатите, во тој поглед, се сѐ уште доста оддалечени. Но, притоа се обидуваме сите овие земји, кои се опкружени со членки на ЕУ, во областа на транспорот и енергетската инфраструктура да ги приклучиме кон ЕУ, и со тоа да поставиме основа со која тие на некој начин ќе бидат приклучени кон Унијата. На некој начин, да ги прегрнеме тие земји, во позитивна смисла на зборот. Со тоа успеваме, и покрај сите пречки, да решиме по некој билатерален конфликт, или во најмала рака да развиеме една перспектива која може да функционира и во иднина.

ДВ: Кои ќе бидат конретните чекори, по Самитот?

Хан: Тоа ќе биде конкретна реализација на она што го договоривме. Годинава веќе учествував на почетокот на работата на неколку проекти, на пример изградбата на мостови меѓу БиХ и Хрватска, но и Србија. Во енергетскиот сектор финансиравме изградба на трансформаторски станици, од една страна врска од Црна Гора кон Италија, но и од Црна Гора преку Балканот до Романија. Тука во Трст се случуваат многу конкретни нешта. Ќе добиеме задача и во пракса да ја имплементираме идејата за регионално економско подрачје. Се работи за поттикнување на мали и средни претпријатија. Ќе потпишеме договор за буџетска линија од 48 милиони евра, кои би овозможиле кредитирање на околу 6.000 микро, мали и средни фирми. Значи, конкретно се работи за тоа да се поттикне стопанскиот развој и да подготвиме проекти за идните состаноци на врвот. До крајот на оваа деценија сакаме вкупно да инвестираме една милијарда евра за во регионот да создадеме нешто конкретно.

ДВ: На самитот ќе бидат претставени и конкретни проекти. Кои точно?

Хан: Имаме шест конкретни транспортни проекти, во делот на автопатите и во делот на железницата. Еден од железничките проекти е и славниот Коридор 8, кој треба да изгради врска исток-запад од Бугарија преку ПЈРМ Македонија, и на крајот до Албанија. Планираме и натамошен развој на водните патишта меѓу БиХ и Србија, во делот на пристаништата. И тоа е многу важно. Во делот на транспортот ставаме на располагање околу 145 милиони евра, кои треба да поттикнат инвестиции од 450 милиони евра. Уште еден конкретен проект во областа на енергетиката е и познатиот интерконектор (гасоводот) меѓу Србија и Бугарија, каде, едноставно кажано, се работи за тоа да се добие едно премостување преку кое гасот ќе може да се доставува од Бугарија до Србија и обратно. И тоа е инвестиција од околу 50 милиони евра.