Хан заминува, маглата останува
10 февруари 2017Со утринска средба со претседателот Ѓорге Иванов, а потоа и со предавање донација за Министерството за внатрешни работи (10 часот), завршува посетата на еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан. Се очекува пред заминување од Македонија, комесарот да ја информира јавноста за впечатоците од серијата средби со раководствата на парламентарните партии, која заврши доцна синоќа, а Хан ги слушна нивните ставови за актуелните состојби. Последна во низата беше средбата со лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски, која фрли дамка врз транспарентноста. Груевски беше единствениот партиски лидер кој не даде изјава, а не им беше дозволено ниту на тв-екипите да снимат инсерти од средбата. Од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека денеска преку соопштение ќе ја информираат јавноста за разговорите Груевски-Хан.
Тачи: Ахмети и Груевски се договорени!
Но, тоа не беше единствениот „ребус“ во текот на вчерашниот ден. Лидерот на ДПА во оставка, Мендух Тачи, по средбата изјави дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ веќе имаат договорено влада, и дека би било коректно тоа да го кажат.
„На 28 јануари попладнето се виделе господинот Ахмети и господинот од Алијансата за Албанците, и се договориле Алијансата да ја поддржува владата меѓу Груевски и Ахмети: да гласаат за владата, да гласаат за претседател на парламентот кој требало да биде Албанец, и да гласаат за одредени системски закони кои се важни. Тоа се точните информации. Се друго е шепкулација“, рече Тачи, додавајќи дека ДПА никогаш нема да биде владина партија заедно со ДУИ.
Запрашан за ваквите тврдења, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, нагласи дека е нормално да разговара со Никола Груевски затоа што се коалициски партнери десет години, но неговиот одговор околу договор за состав на влада отвори и други прашања.
„Константно разговарам со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, а конечната одлука ќе ја донесе Централното претседателство на ДУИ, откако СДСМ ќе достави писмени материјали. Сакаме материјали на писмено. Без тоа нема потписи од ДУИ. Прво треба да видиме што пишува на тој лист, а потоа ќе се донесе одлука од органите на партијата“, рече Ахмети.
Тој нагласи дека декларацијата на Албанците била потпишана во Тирана, затоа што лидерот на „Беса“ не сакал да седне на иста маса со него, па затоа ги повикал премиерот на Албанија. Потенцираше дека нема простор за загриженост од декларацијата, бидејќи таа не содржи план за „Голема Албанија“.
Зборот е збор
Какви писмени материјали очекува Ахмети од Заев? - го прашаа новинарите лидерот на СДСМ.
„Ова е процес на добивање мандат. Господинот Ахмети не бараше ништо на писмено од господинот Груевски за да влезе во преговори за Влада, но ако... За нас зборот е збор, без разлика дали е даден усно или писмено. Немаме проблем со оваа работа. Правиме `се што можеме побргу да ги собереме потписите, за да добиеме мандат. Тоа значи дека допрва потоа ќе влеземе во преговори за Влада“, одговори Заев.
Притоа, лидерот на СДСМ, објасни зошто не се изјаснува за декларацијата на албанските партии.
„Штом ќе го добиеме мандатот ние ќе се изјасниме за платформата. Мандатот значи право да се изјасниме да преговараме, а тоа сакаме да го направиме транаспарентно. Зошто? Ако Заев во моментов ги каже своите ставови во името на коалицијата предводена од СДСМ, некој може да му каже - кој си ти тоа да го кажуваш? Дали си мандатар? Затоа, да го почитуваме редот. За да добие некој право да кажува како ја гледа иднината поврзана со реформите, со економскиот живот, со барањата на граѓаните Албанци укажани преку платформата, тој треба да биде повикан тоа да го каже. Повиканоста се потврдува со добивањето на мандатот“, потенцираше Заев.
Тврдењата на Тачи дека е договорена влада меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, лидерот на СДСМ кусо ги искоментира: „Очигледно во овој месец господинот Мендух Тачи не бил во државата. Не знам како поинаку да го искоментирам тоа, да се излезе со една ваква изјава. Но, ако има сериозни индиции или причини, тие ќе се појават“.
Ахмети на тест
Според сите партиски претставници, главен заклучок од разговорите со комесарот Хан е дека Македонија нема време за губење, дека мора да ги забрза процесите за што побрзо формирање влада и да ги започне неопходните реформи. Во разговорите комесарот не навлегувал во дискусии кој со кого ќе формира влада, и акцентот го ставил исклучиво на очекувањата Македонија да добие стабилна влада со европска и реформска агенда.
Останува да се слушне уште ставот на ВМРО-ДПМНЕ по вчерашните разговори со Хан. Претходно, Груевски имаше средба со амбасадорот на Република Франција, Кристијан Тимоние, на која партискиот лидер го изнел ставот дека со локалните треба да има нови парламентарни избори и дека „широките коалиции во Македонија се проверен рецепт за неуспех“. На прашањето од францускиот амбасадор „дали во ВМРО-ДПМНЕ се смета дека Ахмети е искрен во тоа што го кажува во политиката“, му било одговорено дека „неговата искреност и мудрост сега се на многу сериозен тест“.