Покана за Хан и пратеничката тројка за финалната средба
20 јуни 2015Има умерен оптимизам дека ќе се дојде до решение за излез од кризата. Ваков е впечатокот во политички и аналитички кругови по вчерашната кратка средба, на која македонската лидерска четворка искажа посветеност за целосно спроведување на договорот од 2 јуни. За таа цел, на 29 јуни лидерите ќе ги продолжат започнатите разговори.
Крајот на месецот, условно речено, се смета за последен рок до кој лидерите треба да се усогласат околу финалниот договор, бидејќи наредниот месец веќе ќе започне подготовката на Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија, со кој ќе се одлучи дали земјата ќе ја задржи или ќе ја изгуби препораката за почеток на преговори. По неуспехот на разговорите во Брисел и со претстојниот ризик за губење на препораката, лидерите деновиве демонстрираа волја за одредени отстапки од првично декларираните тврди позиции во преговорите, со цел да и овозможат на земјата да продолжи по патот за интеграција во ЕУ.
Државните пред партиските интереси
Во партиите има надеж дека за десетина дена ќе се дојде до финален договор. Пратеничката на ДУИ, Ермира Мехмети, во вчерашната средба гледа нов обид за надминување на политичката криза, врз основа на договорот постигнат на 2 јуни.
„Јас гледам на овој нов обид за договор, како на единствена надеж да се испрати порака дека, сепак, лидерите во Македонија имаат капацитет да ги постават државните пред партиските интереси, во пресрет на министерскиот совет на ЕУ, закажан за следната недела во Луксембург. Решавачки за ваквата промена во однесувањето, чинам дека се неколку околности. Прво, реалната закана дека ке ја изгубиме препораката за преговори. Второ, експертскиот извештај кој е многу критичен за Македонија, за нејзината демократија и институциите. Трето, мислам дека сите лидери сфатија дека актуелната состојба на агонија и неизвесност е неиздржлива и единствено води кон натамошна поларизација во општеството. Во оваа фаза на процесот, мислам дека негови гаранти остануваат меѓународните преставници, но исто така битна улога играат и домашните актери. И медиумите би требало да одиграат улога во поддршка и афирмација на дијалогот како институционална рамка која ќе превенира натамошна ескалација на политичката криза“, сугерира Мехмети.
Во кампусот на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ јавно се воздржуваат од коментари. Но, неофицијално и од двете партии потврдуваат дека „мора да се исполнат очекувањата на граѓаните за излез од кризата“. Не сакаат да коментираат дали финалното решение во последен миг ќе се реализира во стилот „земи или остави“, што значи дека нема да има многу простор за „ценкање“. Но, она, за кое социјалдемократите сметаат дека не може да има компромис, тоа е обезбедувањето темелни реформи, услови и гаранции за спроведување фер и демократски избори.
Интензивен период
Деновите до 29 јуни не се сметаат за „изгубени“ и без никакви активности, туку напротив - за многу интензивен период во кој лидерите ќе ги продолжат средбите и консултациите со олеснувачите на процесот, со цел да обезбедат што подобра подготовка и поусогласени ставови за средбата на 29 јуни. Според дипломатски извори, амбасадорот на ЕУ, Аиво Орав, наредните недела ќе биде во Брисел, но Делегацијата на ЕУ во Скопје ќе продолжи да дава поддршка на партиските тимови во изнаоѓањето конструктивни решенија, како и досега, заедно со американскиот амбасадор во Скопје, Џес Бејли. Во Скопје престојува и белгискиот експерт Петер Ванхоуте, кој како претставник на ЕУ учествуваше во подготовката на Извештајот за 24 декември 2012 година.
Тој во наредните денови ќе оствари серија средби со раководствата на четирите партии, во насока на подготовка за клучната средба. Дотогаш се очекува да бидат испеглани разликите по најжешките прашања. Како што дознава Дојче веле, лидерската четворка ќе упати покана до еврокомесарот Јоханес Хан и до европратеничката тројка Кукан, Ховит и Вајгл, за присуство на средбата на 29 јуни. Доколку некој од нив поради службени активности не може да допатува во Скопје на тој датум, можно е лидерската средба да биде поместена за ден-два подоцна. Најавата за ваквата покана, укажува дека лидерите не се сомневаат оти на средбата ќе биде постигнат финален договор, па сметаат дека на тој чин треба да бидат присутни и медијаторите кои први се вклучија во процесот и го знаат текот на преговорите.
Извештајот на Прибе обврзува
Ако се постигне договор кон крајот на месецот, домашната политичка елита ќе има многу обврски во наредниот период. Со согласност на лидерите на вчерашната средба, ЕУ јавно го објави извештајот подготвен од експертскиот тим на Европската Комисија, предводен од поранешниот директор на Директоратот за Западен Балкан, Рајнхард Прибе. Со дадената согласност за објавување на Ивештајот, лидерите истовремено се обрзуваат и за исполнување на забелешките и препораките што произлегуваат од него. А тие не се малку.
„Групата беше фокусирана на области каде се најпотребни мерки за следење на тековната кризна состојба. Значајни недостатоци беа идентификувани главно во пет сфери: следење на комуникациите, судство и обвинителство, надворешниот надзор од независни тела, избори и медиумите“, се вели во Ивештајот.
Сите забелешки нотирани на 20 страници, ќе бидат основа за агенда за фазно решавање на проблемите, која ќе биде со строго утврдени рокови и нема да остави простор за импровизации.
„Препораките кои се подготвени ќе ја олеснат работата поврзана со Итните реформски приоритети поставени од Европската комисија како одговор во кус рок на сегашната криза, Пристапниот дијалог на високо ниво помеѓу Европската комисија и Република Македонија и годишните извештаи за напредокот на земјата, тековната соработка со земјата во рамките на Договорот за стабилизација и асоцијација и тековните програми за помош“, се вели во Извештајот.