Хан: решение за спорот за името со лидерство и државништво
7 февруари 2018ДВ: Г-дине Хан бевте ли шокирани од сликите на десетици илјади луѓе кои демонстрираа во Грција поради спорот за името кој е стар со децении со поранешната југословенска Република Македонија?
Како што и самите рековте, ова е спор кој трае долги години. Постојат одредени чувства, особено во Грција, но знам дека актуелната грчка влада е посветена да го реши овој проблем, да најде решение со својот сосед. Уверен сум дека тоа може да се постигне во блиска иднина.
ДВ: Но доколку ја погледнете историјата на тој конфликт, што ви дава сигурност дека тој проблем може да се реши во краток рок?
Потребно е лидерство и, ако сакате, и државништво не само да се најде решение, туку и за да се постигне согласност и да се обезбеди неопходното политичко мнозинство. Тоа е предизвик за лидерите во двете земји. Јас сум во постојан контакт со нив, и тие се многу посветени и знаат дека е важно да се најде решение затоа што таков нерешен проблем не може да остане меѓу две земји среде Европа.
ДВ: Кога ќе видите такви слики (од протестите во Атина, н.з.), а работите напорно за решавање на проблемите во регионот, дали тоа ве прави помалку самоуверен за процесот?
Би бил на погрешна функција доколку лесно ми влијаат такви настани. Тоа е дел од нашата секојдневна работа. Тоа е предизвик, но работиме за подобра Европа, а подобра Европа значи подобри животни услови за нејзините граѓани, особено во регионот, а тоа има влијание и врз нас во ЕУ. Затоа и го правиме ова. Дефинитивно не е лесно, но е неопходно.