1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хан со нова инфузија за ХЛАД

Катерина Блажевска18 септември 2015

Спроведувањето на Договорот од Пржино ќе биде клучно за оценките што ќе се најдат во Извештајот на Европската Комисија за напредокот на Македонија, наjaви еврокомесарот Јоханес Хан.

https://p.dw.com/p/1GYMa
Фотографија: MIA

Еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, кој синоќа пристигна во Скопје, денеска ќе учествува во Високиот политички дијалог помеѓу Европската комисија и македонската Влада. Во обновувањето на дијалогот на високо ниво, кој започна во 2012 година, а беше замрзнат по една година, аналитичарите гледаат нова можност да се врати во живот европската перспектива на Македонија, која беше доведена во прашање со длабоката политичка и институционална криза.

Работната посета на еврокомесарот почнува во 10.30 часот на средба со Националниот совет за евроинтеграции, по што тој ќе има работен ручек со премиерот Никола Груевски. По средбата со премиерот, се очекува Хан да присуствува на пленарната седница за Претпристапните преговори на високо ниво (ХЛАД). Еврокомесарот во текот на денот ќе се сретне со лидерите на политичките партии, со кои ќе разговара за напредокот во имплементацијата на Договорот од Пржино, а посетата ќе ја заврши на затворена средба со претставници на граѓанскиот сектор.

Еден ден пред доаѓањето во Скопје, Хан го поздрави именувањето на специјалниот обвинител, но порача дека Европската комисија ќе продолжи будно да ја следи состојбата во Македонија.

„Го ценам и го поздравувам фактот дека со наше посредништво политичките партии во Македонија успеаја да именуваат специјален обвинител и да донесат закон за него. Именувањето на обвинителот е важен елемент за нормализација на политичката ситуацијата во земјата и затоа ова е големо постигнување. Јас сум среќен, но ова не е крај на приказната и затоа земјата ќе ја 'имаме на око'“, изјави Хан.

Од канцеларијата на Хан во Брисел за новинската агенција „Мета“ соопштиja дека во агендата на еврокомесарот не е предвидена средба со новата специјална обвинителка, Катица Јанева, не не ја исклучија можноста Хан „случајно“ да се види со Јанева во рамките на некоја од претходно закажаните средби.

Празно досие

Шефот на државата Ѓорге Иванов изрази надеж дека по усвојувањето на специјалниот закон и изборот на специјален обвинител, Европа ќе го спроведе ветеното со заобиколување на пречката од спорот со името. Но, политички аналитичари сметаат дека Македонија во овој моментов може да се пофали со некоков исчекор напред за кој би барала соодветна „награда“, бидејќи исполнувањето на обврските од Договорот до оваа фаза е резултат, пред се, на меѓународните напори и притисоци, а малку на домашните.

Во областите критикувани од ЕУ во изминатите години не е остварен никаков напредок, а со оглед дека во меѓувреме кулминираше и политичката криза чиј расплет започна со Договорот од 2 јуни/15 јули, Владата денес нема многу аргументи за пофалба на своето конто, освен дека е повлечен Законот за лустрација и ставен мораториум на владините реклами во медиумите. Сите тие теми и незавршени обврски ќе бидат разгледани на дијалогот на високо ниво денеска.

Johannes Hahn in Skopje
Фотографија: MIA

Хан и вчера потсети дека ако не се постигнеше Договорот од Пржино, препораката за преговори ќе беше повлечена. Запрашан од новинарите дали по постигнувањето на Договорот Македонија се оддалечува од опасноста од губење на препораката за преговори за членство во ЕУ, Хан изјави: „Не можам да кажам каков ќе биде нашиот конечен предлог. Таа работа е во тек. Но тоа е дел од целата дискусија: дека без договорот од јули и без примената на сите точки од договорот, земјата ќе се најде во слепа улица. Досега можам да констатирам дека договореното се остварува. Опозицијата се врати во Собранието, специјалниот обвинител е назначен и барам од сите да работат со доверба едни во други“.

За еден месец Брисел ќе го објави извештајот за напредокот на Македонија, а од него ќе зависи дали Македонија ќе ја добие седмата препорака за преговори. Следната недела во Брисел на македонските власти ќе им биде презентиран нацрт-извештајот, во кој ќе бидат истакнати напредокот, но и забелешките за Македонија од Европската комисија. Сепак, имплементирањето на политичкиот договор од 2 јуни останува клучно за Извештајот.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема