1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Тероризам

Ханау: Заедништвото е најсилно средство против омразата

Аида Софиќ-Салихбеговиќ | Среќко Матиќ
21 февруари 2020

„Нема да дозволиме да нѐ уплашат“, порача германскиот претседател Штајнмајер синоќа во Ханау, на местото на расистичкиот напад во кој животот го загубија 11 луѓе. Меѓу нив е и еден државјанин на Босна и Херцеговина.

https://p.dw.com/p/3Y6sd
Solidaritätsbekundung nach Schießerei in Hanau: Frank-Walter-Steinmeier
Фотографија: Reuters/K. Pfaffenbach

 „Да, го познавав Хамза. Овде во Ханау сите се знаеме. Голем шок е кога тоа ќе се случи некому кого лично го познавате“, вели едно 22-годишно момче, кое не сака неговото име да се појавува во медиумите.

Хамза Куртовиќ, државјанин на БиХ, е една од жртвите на расистички мотивираниот напад кој се случи во градот во близина на Франкфурт на Мајна.

„Не сте сами!“

На улиците на Ханау синоќа беше тивко. На плоштадот Марктплац, на кој синоќа се собраа неколку илјади луѓе, трепереа свеќи. Единствено повремено меѓу присутните можеа да се слушнат повиците: „Надвор нацисти!“ или „Меѓународна солидарност!“

На насобраните им се обрати германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер: „Не сте сами! Уверен сум дека големо мнозинство луѓе во Германија го осудува овој чин и секоја форма на расизам, омраза и насилство.“

Штајнмајер го посети Ханау заедно со премиерот на покраината Хесен, Фолкер Буфиер. Со минута молк им оддадоа почит на жртите и апелираа на заедништво и солидарност во општеството.

„Во ова сме сите заедно. Тоа е најсилно средство против омразата. Нема да дозволиме да нѐ уплашат“, порача Штајнмајер.

Крвопролевањето во Ханау претходно остро го осуди и германската канцеларка Ангела Меркел: „Расизмот е отров. Омразата е отров. А тој отров е присутен во нашето општество и веќе е виновен за премногу злосторства.“

„Се чувствувам несигурно“

„Не познавав никого од убиените, но сите во Хану сме погодени од ова злосторство против човештвото“, вели еден жител на Ханау од турско потекло, кој не сака да го каже своето име. „Овој напад беше насочен против Турците, но не се плашиме, зашто ксенофобијата во Ханау никогаш не била проблем. Мислам дека тоа ни во иднина нема да биде проблем“, вели човекот.

Solidaritätsbekundung nach Schießerei in Hanau
Собир за солидарност со жртвите на нападот во ХанауФотографија: picture-alliance/AP Photo/M. Meissner

Меѓу насобраните имаше и луѓе од Босна и Херцеговина, меѓу кои и Зоран Вучковац, по потекло од Приједор. Тој во Германија живее две и пол години. На собирот дојде со сопругата Даниела и нејзиниот татко. „Се чувствувам несигурно“, вели тој. „Изборите во Тирингија, АфД на власт (застапеност на партијата во покраинските и сојузниот парламент, н.з.), потоа неодамнешното апсење на 12 екстремни десничари... Кога сето тоа ќе се собере, човек чувствува несигурност“.

Вучковац вели дека на ја познавал жртвата на нападот по потекло од БиХ. На собирот дошол за да изрази солидарност и поддршка кон сите пријатели и членовите на семејствата на убиените. „Никогаш не сум бил мета на расистички и други напади, но сепак не ми е баш едноставно да сум овде, странец од Босна, кој изгледа доста слично со луѓето од Блиски Исток“, истакнува Зоран.

„Институциите сепак ја вршат својата работа“

Генералниот конзул на Босна и Херцеговина, Лучијано Калужа, во разговор за Дојче веле, им порачува на граѓаните од БиХ, кои живеат во Германија, дека немаат причина за загриженост: „Мислам дека стравот и несигурноста сега се моментен шок за сите луѓе кои сакаат да живеат нормален живот. Нашата босанскохерцеговска заедница овде е интегрирана, вредна и живее во своите мирни заедници. Верувам дека така и ќе остане.“ 

Алмир Хасановиќ, конзулот од Франкфурт, во име на Генералниот конзулат на БиХ во Германија синоќа го посети домот на настраданиот Хамза Куртовиќ и изрази сочувство.

„Ова е ужасна трагедија. Ќе присуствуваме и на погребот кој ќе биде во следните денови“, наведува Калужа.

Тој додава и дека настанот во Ханау е порака до германските органи дека мора да бидат поактивни и поажурни. „Од друга страна, Германија е голема земја, со голем број жители, спречени се многу слични напади. Мораме да признаеме дека институциите сепак си ја вршат својата работа“, објаснува генералниот конзул на БиХ.

Повеќе на темата: 

Ханау: Омраза во срцето на Германија

Ханау: Меркел најави битка против „отровот на расизмот“

Единаесет мртви во Ханау, меѓу нив и осомничениот напаѓач

Хале и теоријата на „волк самотник“

Синоќа (20.02) е одржан итен состанок на германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер и неговите колеги од сојузните покраини на кој се дискутирало за можните мерки во борбата против екстремизмот.

Терористичкиот напад во Ханау, како што го окарактеризира и претседателот Штајнмајер, е веќе трет екстремно десничарски атентат во Германија за помалку од една година. Во летото 2019 година еден нацист, како што се претпоставува, го уби политичарот на ЦДУ, Валтер Либке. Есеноска еден десен екстремист се обиде да изврши крвопролевање во една синагога во Хале, во источна Германија.