Хандке меѓу Македонците: Слобо врати се!
13 декември 2019„Светот, таканаречениот свет, знае се за Југославија, Србија. Светот, таканаречениот свет, знае се за Слободан Милошевиќ. Таканаречениот свет ја знае вистината. Затоа тој таканаречен свет денес го нема, и не само денес и не само овде. Таканаречениот свет не е свет. Јас знам дека не знам. Не ја знам вистината. Но ја гледам. Ја подслушнувам. Ја чувствувам. Се сеќавам. Се прашувам. Затоа сум денес овде, блиску до Југославија, блиску до Србија, блиску до Слободан Милошевиќ.“ Петер Хандке на погребот на Слободан Милошевиќ, 18.03.2006
Малкумина, верувам, во Македонија го читале Петер Хандке. Причините за тоа веројатно се најразлични: недостаток на преводи, на интерес... кај некои можеби и контроверзите кои го опкружуваат австрискиот писател придонеле да се откажат од задоволување на литературниот апетит. Како и да е. И јас му припаѓам на мнозинството иако некои пријатели ме убедуваат дека доколку се одвои политичкото од литературното, кај Хандке има што да се прочита. Нејсе.
Може ли да се одвои политичкото од литературното доколку целта на литературното е да се оправда или да му се додвори на политичкото поведение, делување или, во екстремни случаи, и насилие?
Дебатата за Хандке и неговите ставови околу војните на просторите на поранешна Југославија, геноцидот во Сребреница, поддршката за режимот на Слободан Милошевиќ и српскиот национализам, се води речиси две децении во западна Европа и во дел од државите кои произлегоа од Југославија. Во Македонија дебата на оваа тема, а ни интерес за такво нешто, никогаш немало. Дури ни во неделите и месеците откако Хандке беше прогласен за лауреат на Нобеловата награда за литература како и во деновите пред да му биде врачена наградата во Стокхолм, кога критиките и сомнежите во исправноста на одлуката достигнаа кулминација, повторно, во земјава никој претерано не се потресе. Реакции прочитавме и слушнавме дури откако шефот на дипломатијата Никола Димитров преку Твитер извести дека го советувал македонскиот амбасадор во Шведска да ја бојкотира церемонијата на доделување на наградата во Стокхолм. „Мора да се спротивставиме на негирањето на геноцидот“, порача Димитров. Со тоа, и Северна Македонија, конечно, се приклучи кон останатите земји од регионот: Хрватска, Босна и Херцеговина, Косово и Албанија. Конечно, затоа што ставот на овие земји беше познат неколку дена претходно, и нејасно е зошто им требаше толку долго на македонската влада и дипломатија да го преземат овој чекор. И соопштувањето на одлуката преку Твитер, не беше доволно. Ставот на министерот или на владата требаше да биде изразен преку официјално соопштение кое ќе остане како документ да сведочи за потегот и ставот на Скопје. Вака, делува како министерот Димитров да донел одлука за која немал поддршка од владата или од водечката партија во неа.
И види чудо, од сите што молчеа додека светот водеше дебата за Хандке, одеднаш како печурки по дожд изникнаа загрижени на повеќе страни, а најмногу преку социјалните мрежи, токму кога некој во земјава конечно зазеде став и се приклони кон осудата на контроверзниот австриски писател. Нема резон да се навлегува во квалификациите искажани преку разни социјални профили, но треба да се замислиме за профилите на оние кои излегуваат со квалификативите: градоначалници, професори, јавни личности... Разбирам дека социјалните мрежи дадоа шанса секому да кажува што мисли, тоа е цената на новото интернет доба. Потешко е да се сфати, и тоа трае веќе подолго време, кому ја даваме довербата да води општини, институции или да ги учи младите генерации.
Тешко е, од повеќе аспекти, да се верува дека нервозните реакции на одлуката на македонското МНР се должат на почитта кон делото на Хандке и неговата литература. За жал, многу повеќе делува како зад тоа да се крие прикриениот восхит кон делото на Слободан Милошевиќ и неговите недела. А според „лајковите“ на социјалните мрежи, не се малку.
Во своите јавни настапи, Хандке секогаш ги отфрла обвинувањата дека му бил „лојален“ на Милошевиќ и неговата политика. Тврди дека го водела љубовта кон поранешна Југославија како држава и потрагата по вистината за нејзиниот распад кој, според Хандке, бил погрешно интерпретиран и пренесен од западните медиуми. Од тие причини, српскиот и југословенски писател Бора Ќосиќ уште во 2006 година го нарече Хандке „лажниот адвокат на Србија".
Останува дилемата дали македонските адвокати на Хандке самите знаат чии адвокати се? Ако се уште не се на чисто можат да тргнат по стапките на Хандке и да испијат по една ракија со Радован Караџиќ. Тој „херој“ барем се уште е жив.