Хартиените волци на Штази
17 септември 2016На 15 септември, на интернационалниот ден на демократијата, а по точно една година од основањето, СЈО ги поднесе првите две кривични пријави против 21 лице, дел од нив од највисоката извршна власт, вклучувајќи го и поранешниот премиер Никола Груевски.
Почеток на масовното прислушување
Заради преседанот со степенот на обвинителни предлози што вклучуваат високи функционери на владејачката партија, СЈО на прес-конференцијата во четвртокот избегна да посочи имиња или иницијали на осомничените лица. Но, заради телефонскиот разговор споменат во текот на излагањето, јавноста веднаш препозна дека едно од обвиненијата се однесува токму на лидерот на ДПМНЕ и поранешен премиер, Груевски, кој се сомничи за дело за кое е предвидена казна затвор и до пет години. И додека се чека да се види дали прибавените докази ќе се докажат на суд или нема, за момент се чини дека кодот на најголемата политичка криза од независноста на Република Македонија до денес, лежи токму во првата кривична пријава покрената од СЈО. Нејзината содржина е: оргијастичката природа на тајните служби на ДПМНЕ.
Ако „Преродбата“ е идеолошкиот документ за киднапирањето на државата од Партијата, тогаш од феноменолошка гледна точка Управата за безбедност и контраразузнавање овие десет години служеше како најважна егзекутивна и оперативна алка за завластување на братството на Груевски. Кога во март 2015 македонската јавност за првпат ги слушна прислушуваните аудио снимки од опозицијата, тогаш се зборуваше за над 20.000 прислушувани граѓани од сите сегменти од општеството: од судии до министри, и од медиуми до државни службеници, во период од неколку години. Со 20.000 досиеја на само 2 милиони жители во земјава, тоа значи дека УБК во овие неколку години го прислушувало секој стоти граѓанин во земјава.
Година и пол подоцна, а по точно 10 години владеење на Груевски и по 4 влади на ДПМНЕ (2006, 2008, 2011 и 2014), во четвртокот СЈО поднесе кривична пријава против седум лица вработени во УБК заради уништување на 2.047 документи, во кои е заведено уништувањето на самата опрема со која се изведувало прислушувањето (т.н. случај Титаник). Во извештајот за својата работа, СЈО посочи дека работат со „30м3 доказен материјал“ и дека во последните шест месеци (од март до септември) обработиле 12% (или дури 55.250 аудио фајлови) од вкупниот број на прислушуваните разговори кои се во нивна надлежност.
Во обраќањето до јавноста СЈО изнесе дека поседува докази дека прислушувањето се случило во период од седум години, од 2008 до 2015 - годините додека на чело на УБК е братучедот на премиерот, Сашо Мијалков. Тоа значи дека почетокот на масовниот скандал со прислушувањето се случува во исто време кога е аминуван ребалансот на буџетот за 2007 и кога секторот на Мијалков доби 60 пати поголеми средства од претходната година, и од дотогашните 400.000 евра, следната година располагаше со дури 25 милиони евра, иако во 2007 година на Република Македонија не ѝ се закануваше никаква посериозна надворешна или внатрешна безбедносна криза. Од 2008 започнува и масовното прислушување, а оттогаш зборуваме и за поцврста автократија на ДПМНЕ.
Уништување на документите
Уништувањето на архивите на тајните служби не е нов феномен, а историски е споредлив со распаѓањето на Штази, тајната полиција на Источна Германија. Проучувачите на тоталитарните режими се сеќаваат дека во 1989, само неколку дена по паѓањето на Берлинскиот ѕид, Штази издаде директива до своите агенти да ги уништуваат досиејата на прислушуваните лица. Откако им се расипаа машините за сечење хартија – инаку, патентирани во 1840-тите години, а во Германија во употреба уште од средината на 19 век - агентите на Штази, наречени уште и „хартиени волци“, во рок од само два месеци на рака искинаа близу 45 милиони документи. Оваа операција на Штази тогаш остави зад себе близу 600 милиони „хартиени конфети“ од она што некогаш беа досиејата на прислушувани граѓани од ДДР.
Во 2007, само една година пред да започне масовното прислушување на граѓаните од страна на УБК во Македонија, тим од германски компјутерски научници во Берлин одржа прес-конференција на која го најави финализирањето на проектот за дигитално спојување на искинатите фрагменти од досиејата, при што софтверот и скенерите беа програмирани да читаат различни параметри: од текстурата на хартијата до машинско или рачното кинење на некогашните документи за следење на граѓаните, па низ годиниве полека се спојуваа 600-те милиони фрагменти од една темна историја на малтретирање на дисидентите од некогашниот режим во Источна Германија. Во последните 10 години, а по филмот „Животот на другите“ (2006) над 1.7 милиони германски граѓани поднесоа барања да видат што Штази знаеле за нив, а побарувачката за досиеја не стивна и во годините потоа. И иронијата е дека во исто време, во Република Македонија, штотуку се раѓала нова номенклатура на шефови на тајните служби кои произведувале нова база на оштетени граѓани, чии досиеја итно морале да се горат – по објавувањето на првите аудио снимки од т.н. „Вистина за Македонија“.. И токму тоа уништување е содржината на првата кривична пријава на СЈО.
Како што е познато, денешната македонска тајна служба е некаков далечен историски наследник на ОЗНА (1944-1946), потоа на УДБА (1946-1966), па на СДБ (1966-1995), па на ДБК (1995-2000), а од 2000-та година службата е преименувана во УБК. По доаѓањето на ДПМНЕ на власт во 2006, со оваа Управа цели девет години, од 2006 до 2015 управуваше Сашо Мијалков, братучедот на поранешниот премиер Груевски. И дури седум од тие девет години се одвивал скандалот со масовното прислушување на над 20.000 македонски граѓани. Исто така е познато дека СЈО беше формирано со посредство на меѓународната заедница, меѓу другото, токму за да открие три работи: кој, на кој начин и со која цел од 2008 до 2015 незаконски прислушувал десетици илјадници граѓани на Република Македонија?
Одговорот дојде со првата кривична пријава на СЈО дека во прислушувањето учествувало самото УБК, заради што и следело уништувањето на документите. Упорноста во уништувањето веќе беше слушната на пресовите на СЈО: физичката опрема еднаш била извлечена во преса, а вторпат носена во дробилица, додека пак самите материјали се запалени на локација позната на сега веќе осомничено лице од УБК.
Современи жртви на УБК
Ако ги сместиме бројките на жртвите на масовните упади во приватноста во поблизок географски простор, работите изгледаат уште потраорно.
Во сите 46 години (1945-1991) на комунистичка Македонија, официјалниот број на лични комунистички досиеја е 14.572. Неофицијалните извори зборуваат за над 50.000 досиеја водени за македонски дисиденти во сите 46 години југословенски комунизам. Но, во актуелниот масовен скандал со прислушувањето на двоецот Мијалков-Груевски, ДПМНЕ следело над 20.000 граѓани во само седум години независна Република Македонија. И додека големата концентрација на тајните служби во некогашната југословенска федерација денес се објаснува со фактот дека федерацијата била родена во војна, а од 1942 година, секоја новоослободена територија веднаш формирала разузнавачка зона, тогаш е нејасно за која цел служела сегашната концентрација на тајните служби во независна Република Македонија? Едноставното логично објаснување е фактот дека тајните служби секогаш му служат на тесното раководство за да се инсталира на власт како вечност. Борбата против идеолошката субверзија останува главен приоритет на сите тајни служби и во сите режими. Затоа тие се суштински инсталирани за војна против своите граѓани.
Најтажниот момент во сето ова, пак, е фактот дека во современа и независна Република Македонија, ДПМНЕ на Груевски првично настапи на политичката сцена како некаква декларативна анти-комунистичка партија, што подразбираше и сериозно опонирање токму на тајните служби. И точно од таа позиција не само што ДПМНЕ започна крајно контроверзен и општествено штетен процес на лустрацијата, со кој им оневозможи на граѓаните увид во комунистичкото минато и целосно ги затвори комунистичките архиви во најтесниот круг на својата Комисија за лустрација, туку и отвори задоцнет, болен и општествено опасен процес. А за сето ова време, паралелно, Партијата, го кодираше и планот за нови, „современи“ генерации жртви на УБК.
Груевски нема многу маневарски простор
По прес-конференцијата на СЈО во четвртокот, на која беше изнесен обинителен предлог против Груевски, тој едноставно исчезна од јавната сцена! Вчера не се појави ниту на рочиштето за „Пуч“, во кое самиот е главен сведок и иницијатор, а следното рочиште е закажано дури за ноември. Најлогичната претпоставка е дека лидерот на ДПМНЕ подготвува сценарио за попречување на работата на СЈО, од кое е веќе имплициран во едно кривично дело, од можните пет, за кои беше аболициран од Иванов. Иако со Пржинскиот договор се предвидува одредба со која „ако Уставниот суд донесе одлука дека СЈО или негов дел е неуставен, четирите партии ќе ја усогласат легислативата и во рок од пет дена повторно ќе го воспостават обвинителството“, на Груевски не му останува многу маневарски простор освен да игра на картата на распуштањето на Собранието на 12 октомври.
Во тој двомесечен период помеѓу 12 октомври (распуштањето на Собранието) и 11 декември (закажаните избори), Уставниот суд би можел да биде инструиран од ДПМНЕ за да го прогласи СЈО за неуставно. Ако тоа се случи по распуштањето на Собранието, тогаш веќе нема да постои „легална инстанција“ преку која ќе може повторно да се „усогласи легислативата“ за почитување на петте дена од Пржинскиот договор. А тоа пак ќе значи дека ќе нема ниту кој да го рестартира СЈО. Во вакво сценарио, Република Македонија само ќе ја повтори ситуацијата од пролетта, кога исто така имаше распуштено Собрание, со повторно прелевање на кризата на улиците.
За овие ситуации, психоанализата вели: не е луд слугата кој мисли дека е крал. Луд е кралот кој мисли дека е крал. А во овој случај, лудилото може да потрае.
Јасна Котеска е теоретичарка и универзитетска професорка