Хенри Кисинџер во Бон не го сакаат?
4 април 2014Во мај 2013 година, неколку дена пред 90. роденден на Хенри Кисинџер, германската влада донесе одлука за отворање Катедра за меѓународни односи и меѓународно право на универзитетот „Фридрих Вилхелм“ во Бон, која ќе го носи името на американскиот политичар. Во образложението на одлуката стои: „Кисинџер е политичар кој стекна големи заслуги во мировната политика, разоружувањето, безбедноста и деескалацијата во светот“. Катедрата ја финансираат Министерството за одбрана и Министерството за надворешни работи, а таа би требало да почне со работа наесен.
Меѓутоа, штом се дозна за одлуката, почна и бран критики кој не престанува. Критичарите го обвинуваат Хенри Кисинџер, Американец со германско потекло и добитник на Нобеловата награда за мир, за воени злосторства, злосторства против човештвото за време на војната во Виетнам и кршење на меѓународното право со улогата во воениот пуч во Чиле во 1973 година. Кисинџер беше национален советник за безбедност на САД од 1969 до 1973 година, а од 1973 до 1977 година беше министер за надворешни работи на САД.
„Наставата мора да остане независна“
На основањето на катедрата прво се спротивстави „Иницијативата цивилен универзитет Бон“. „Истражувањата и наставата мора да бидат независни“, смета Лукас Менгелкамп, кој е дел од иницијативата, која стартуваше онлајн-петиција за собирање потписи против Кисинџер-катедрата. Досега има собрано околу илјада потписи. Менгелкамп и останатите студенти стравуваат од влијание на Министерството за одбрана врз катедрата. Дел од германските универзитети минатата година се најдоа на мета на критики поради тоа што, како што јавија радиото Норддојче рундфунк и весникот Зиддојче цајтунг, за свои истражувања добивале неповратни средства од американското Министерство за одбрана.
„Единственото нешто врз што основачот на катедрата може да влијае е нејзиното име“, одговара портпаролот на универзитетот во Бон, Андреас Архут. Тој смета дека критиките се неосновани: „Сојузното министерство за одбрана е само донатор и нема влијание ниту врз наставата ниту врз изборот на професори и научни соработници.“
Научници: Кисинџер е воен злосторник
„Тоа што катедрата треба да го носи името на Кисинџер е чудно. Уште почудно, меѓутоа, според мене, е што таа ќе биде финансирана од Министерството за одбрана“, вели германско-францускиот публицист и политиколог Алфред Гросер, додавајќи: „За мене Кисинџер е воен злосторник.“
Гросер е еден од првите потписници на отвореното писмо против катедрата, на кое потпис ставија повеќе од 100 научници. Меѓу потписниците се познати политиколози, како Волфганг Меркел, Елмар Алтфатер и политичарот на СПД и поранешен министер за култура, Ролф Вернштет. Тие му префрлаат на поранешниот американски министер за надворешни работи одговорност за воени злосторства и толерирање на тешки повреди на човековите права. Затоа, според нив, не е во ред катедрата да го носи неговото име.
Поранешниот американски државен секретар, заедно со претставникот на комунистичкиот Северен Виетнам, Ле Дук Тоом, во 1973 година ја доби Нобеловата награда за мир за мировниот договор во Виентам.
„Мислам дека тоа не е заслужено. Откако на јавноста ѝ станаа достапни документи на американската тајна служба ЦИА и на американското Министерство за надворешни работи, стана јасно какви сѐ страшни работи се случувале во времето на Кисинџер“, вели Гросер.
Кисинџер повредувал човекови права
За контроверзната политика на Кисинџер е пишувано многу. Германскиот политиколог Бернд Грајнер во својата книга „Војна без фронтови: САД во Виетнам“ ја опишува улогата на Кисинџер во продоложувањето на војната во Виетнам. Критички се изразува и Вилијам Покрос во „Војна во сенка. Кисинџер, Никсон и уништувањето на Камбоџа“. Кристофер Хиченс во книгата „Досие Кисинџер“ го обвинува поранешниот американски министер за надворешни работи за воени злосторства во Виетнам, Лаос, Кипар, Источен Тимор, Пакистан и Чиле. Овој новинар смета дека поради одобрување на кршењето на човекови права во текот на диктатурата на Пиноче во Чиле, Кисинџер би требало да се најде пред суд.
„Со основање на катедрата ‘Хенри Кисинџер‘ се игнорираат научните сознанија и научниците од тоа мора да се чувствуваат погодени“, вели пензионираниот професор по социологија Клаус Мешкат. Тој е иницијатор за отвореното писмо против катедрата „Кисинџер“. Мешкат предавал во Чиле од 1973 година, кога тогашната социјалистичка влада беше соборена од страна на армијата под раководство на генерал Аугусто Пиноче, а со американска помош. Тој во тоа време бил уапсен, но имал среќа што за разлика од голем број други Германци, успеал да го напушти Чиле.
„Особено ме погаѓа што еден од главните виновници за американската интервенција против чилеанската демократија е почестен со катедра во Германија“, вели Мешкат. Никој не спори дека Кисинџер има и заслуги, но тоа што при давањето на името на една катедра се игнорира научно документираната контроверзна политика, според Мешкат, е несфталиво.
Некои му се восхитуваат како далекувид стратег, други го напаѓаат како студен реал-политичар. Кисинџер поларизира, тоа го знае и раководството на универзитетот во Бон. Но независно од критиките, од одлуката за катедрата не се отстапува. Постапката на избор на наставен кадар е во тек и наскоро ќе биде објавено кој ќе биде лицето зад името на катедрата „Хенри Кисинџер“.