1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Веднаш да се прекинат пристапните преговори со Турција'

6 септември 2017

Јоахим Херман, носител на листата на баварската Христијанско-социјална унија на германските парламентарни избори во интервју за ДВ истакна дека сака да биде укината сета претпристапна помош за Турција од ЕУ.

https://p.dw.com/p/2jQ9h
Deutschland wählt DW Interview mit Joachim Herrmann
Фотографија: DW/R. Oberhammer

Јоахим Херман, министер за внатрешни работи на сојузната германска покраина Баварија и член на Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), по последните тензии со Турција се залага за јасна германска позиција кон турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Во интервјуто за ДВ рече: „Ние во ЦСУ никогаш не сме гледале смисол во тие пристапни преговори. Силно поддржуваме тие сега да бидат запрени.“ Херман смета дека германската влада би требало да се заложи во ЕУ да се запрат сите исплати на претпристапна помош за Анкара. „Со оглед на актуелниот однос на турската влада, веќе нема причина ЕУ од година во година на турската влада да ѝ уплаќа милијарди за иден прием. Сето тоа сега мора да запре“, вели Херман. Сепак, тој смета оти германската влада мора да одржува контакти со Турција, меѓу останото и поради тоа што „еднаш ќе дојде и време по Ердоган“. Баварскиот политичар исто така, смета дека и договорот на ЕУ со Турција за бегалците мора да остане во сила.

„Отворените граници не ме воодушевија“

Херман повторно се заложи за воведување горна граница од околу 200.000 бегалци кои годишно можат да бидат примени во Германија. Политиката на отворени граници на канцеларката Ангела Меркел од пред 2 години, како што вели тој, никогаш не ја прифаќал со воодушевување. Сепак, потсетува и дека во месеците потоа, токму неговата Баварија многу сторила за приемот и интеграцијата на бегалците. „Беа тоа времиња кога луѓето најпрво се обидуваа да ги згрижат на сигурно своите семејства. Со оглед на тоа оти сега безбедност пред се’ бараат момчиња кои, потоа гледаат и како да ги доведат своите сопруги и деца, се поставува прашањето- а со тоа се занимава и Сојузната канцеларија за миграција и бегалци- кој е тогаш пред сѐ загрозен?“ Во март минатата година германската влада стриктно го ограничи т.н. „право на спојување со семејството“ и Херман се залага за продолжување на таа политика.

Deutschland wählt DW Interview mit Joachim Herrmann
Фотографија: DW/R. Oberhammer

АфД е расистичка партија“

Херман многу јасно се огради од десничарско-популистичката Алтернатива за Германија (АфД): „Со расизмот на АфД ние немаме ништо. АфД нема ни малку компететност кога станува збор за внатрешната безбедност. Тие мафтаат со сите можни пароли, но тие за мене воопшто не се никакво мерило“, вели Херман. Инаку, последните истражувања на јавното мислење во Германија предвидуваат дека АфД ќе освои повеќе од 10 отсто од гласовите, односно дека ќе влезе во Бундестагот како трета силна партија.

Со Меркел на пуст остров

По изборите Херман можеби ќе влезе во сојузната влада. Во Берлин се зборува оти овој 60-годишен политичар, носител на листата на баварската ЦСУ, би можел да го замени Томас де Мeзие на местото министер за внатрешни работи. „Не шпекулирам за позиции“, вели Херман за ДВ. Неговата номинација, наводно, е желба на лидерот на неговата партија, баварскиот премиер Хорст Зехофер, кој на тој начин сака да ја нагласи својата критика на сметка на бегалската политика на Ангела Меркел. На Херман му се прiпишува дека одржува дистанциран однос кон Меркел. Па сепак, на крајот на интервјуто се одлучи за- канцеларката. На прашањето на водителот на ДВ- интервјуто, главната и одговорна уредничка Инес Пол и новинарот Џафар Абдул Карим, кој носител на партиска листа на претстојните парламентарни избори со себе би го повел на пуст остров, Херман не размислуваше многу: „Секако, канцеларката!“ Тој, исто така, Ангела Меркел претседателката на Христијанско-демократската унија (ЦДУ), сестринската партија на неговиот ЦСУ, ја нарече „интелигентна жена“.