1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хилари Клинтон: пресметана и успешна

Фолкер Депкат/превод:БГ28 јули 2016

Хилари Клинтон не е политичарка која ги грее срцата. Важи за студена и пресметана, не ужива големи симпатии. И покрај тоа, таа има добри шанси да стигне до Белата куќа, коментира за ДВ, професорот Фолкер Депкат

https://p.dw.com/p/1JWy6
Фотографија: Reuters/L. Jackson

Хилари Родам Клинтон успеа. Таа сега и официјално е кандидат на Демократската партија за претседател на САД - по долга, напорна и многу тврда кампања, во која за противник го имаше неочекувано силниот Берни Сандерс, и за која долго и целно се подготвуваше. Нејзиниот брак со Бил Клинтон, и покрај емоционалната блискост, секогаш беше политичко партнерство со цел натамошен развој на нивните кариери. Таа работна заедница беше многу ефикасна- многу поефикасна од онаа на Френклин и Еленор Рузвелт во 1920-те и 1930-те години. Прво Хилари ја турна својата кариера во втор план за да успее кариерата на Бил, и тоа додека тој беше гувернер на Арканзас, за време на претседателската кампања во 1992, како и додека беше прва дама на САД - меѓу 1993 и 2001. Истовремено беше видлива и како самостоен политички актер и всушност како „најполитична“ прва дама која кога било живеела во Белата куќа.

По истекот на својот претседателски мандат, Бил Клинтон целосно се потчини на кариерата на својата сопруга. Таа успешно се кандидираше за стратешки важната функција - сенатор на Њујорк, а во 2008 за првпат се обиде да стане претседател, за потоа да биде именувана за шефица на дипломатијата во служба на претседателот Барак Обама, а од таа функција се повлече правовремено за на мир и од дистанца кон Обама да ја подготвува својата втора претседателска кандидатура.

Volker Depkat
Фолкер ДепкатФотографија: Volker Depkat

Таа упорна насоченост кон целта секако спаѓа во главните особини на Хилари Клинтон и доказ за нејзината лидерска способност. Но, токму таа насоченост е причината што многумина ја гледаат како студена, пресметана и опортунистична. За разлика од Барак Обама пред 8 години, Хилари не ги грее срцата на своите бирачи. Речиси е незамисливо дека таа кога било ќе емитува ентузијазам каков што прикажа Обама со слоганот „Yes, we can!“ Напротив: ниту еден друг кандидат за највисоката фунцкија не бил толку непопуларен како Хилари Клинтон, а нештата не ги менува ни фактот дека ниту кандидатот на Републиканците Доналд Трамп не е многу поомилен. Доколку Американциоте гласаат за Клинтон, тоа ќе биде одлука која се носи со глава, а не со срце.
Номинацијата на Клинтон по вторпат во осум години урива една непријатна традиција. По Обама кој беше првиот црн претседател, сега таа е првата жена кандидат.

Хилари Клинтон е политичарка која поларизира - и тоа, во нормални околности, би бил сигурен крај на нејзините амбиции, бидејќи изборите во САД досега секогаш беа одлучувани во центарот на политичкиот спектар. Но, со Доналд Трамп, Републиканците номинираа човек кој со својот популизам и нарцисоидност има потенцијал добро да го исплаши умерениот центар, како и различните етнички групи. Тоа на Клинтон ѝ дава шанса да се презентира како избалансиран кандидат, политички разумна, со државничко искуство и умерен став. Тоа не ќе беше можно доколку републиканскиот противкандидат беше некој како Џеб Буш или Марко Рубио. Претседателската трка е изненадувачки отворена, но Хилари Клинтон има добри шанси да победи.

Фолкер Депкат е професор на американски студии на Универзитетот во Регензбург. Тој е експерт за САД и европско-американските односи.