1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Холандија ќе тужи поради патарината во Германија

ЕМФ /агенции
2 декември 2016

Само што Европската Комисија даде зелено светло за воведување патарина за автомобили во Германија, веќе се појавија нови пречки: Холандија најави тужба. Ваквата намера ја поддржуваат и други соседи на Германија.

https://p.dw.com/p/2TcNA
Symbolbild Pkw-Maut in Deutschland
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Büttner

Холандија има намера да поднесе тужба против воведувањето патарина за автомобили во Германија, соопшти холандската министерка за сообраќај Мелани Шулц ван Хеген во Брисел. И покрај тоа што Европската Комисија даде зелено светло за патарината, соседите на Германија имаат намера да тужат.

Чекорот на Холандија има поддршка и од Австрија. Надлежниот австриски министер изјави дека со новите планови сега фактот дека ЕУ-странците во Германија ќе бидат запоставени е „нешто подобро замаскиран“, но не се отстранети грижите дека ќе постои дискриминација. На тужбата можеби ќе се приклучат и Белгија и Данска, изјави холандската министерка за сообраќај, која плановите за патарината во Германија ги нарече загрижувачки. „Оваа загриженост може да се отстрани само ако патарината не биде воведена“.

ЕК претходно, по долгогодишен спор, даде зелено светло за променет модел на патарина за автомобили во Германија. Според компромисот кој германскиот министер за сообраќај Александер Добринт вчера го постигна со еврокомесарката за сообраќај Виолета Булк, сопствениците на особено „чисти“ возила во Германија може да се надеваат на даночни олеснувања од дополнителни 100 милиони евра годишно. Со тоа ЕК би ја ставило под мраз постапката против Германија за повреда на европското право, која е во тек.

Deutschland Autobahn A14 Mautbrücke
Фотографија: picture-alliance/dpa//J. Woitas

Компромисот беше можен само поради тоа што Добринт излезе во пресрет на централните барања на ЕК: вињетите за странците кои планираат кус престој, да имаат поголемо ценовно степенување. Така, наместо три различни категории, како што беше првично планирано, би требало да има пет категории, сѐ во зависност од зафатнината на возилото, односно издувните гасови кои ги испушта. Цената на вињета за десет дена, според плановите, би требало да почнува од 2,50 евра. За големи постари возила за десет дена би се плаќале 20 евра. Вињета за два месеца, според предлогот, би се движела од 7 до 40 евра.

И натаму не е сигурно дали патарината навистина ќе биде спроведена. Сега изменетите планови треба да бидат разгледани во Бундестагот. Берлин точно ќе пресмета колку пари навистина би донесла патарината. Сепак, и доколку биде дадена виза за патарина, таа нема да биде воводена бргу. Министерот Добринт не смета дека во Германија би имало патарина за автомобили пред парламентарните избори 2017-та.