Предистражна постапка за „Холидеј Ин“, деталите се тајни
9 јули 2021Предметот за купопродажбата на земјиштето на плацот кај „Холидеј Ин“ е во предистражна постапка. Според извори од обвинителството, по него активно се постапува, се разгледуваат сите аспекти поврзани со отуѓувањето на земјиштето на најатрактивната локација во центарот на Скопје, но детали за постапката не се обелоденуваат.
„Во интерес на постапката и почитување на начелото на пресумпција на невиност, сите активности и дејствија што ги преземаат надлежните органи во текот на предистражната постапка се тајни, па согласно тоа јавноста ќе биде навремено информирана кога ќе можат да се споделат повеќе детали што нема да и попречат на постапката“, се вели во одговорот на Јавното обвинителство на прашањето на ДВ, до каде е предметот за иницијативата која што пред неколку месеци ја поднесе Антикорупциската комисија.
-повеќе на темата: Ивановска за „Холидеј Ин“: Се прават намерни пропусти за да поминат веќе договорени зделки
Тие побараа да се отвори истрага за злоупотреба на службената положба за поранешните градоначалници на општина Центар, Владимир Тодоровиќ и Андреј Жерновски, но и раководителите на секторите за урбанизам од Општината, Градот Скопје и Министерството за транспорт од 2012 година поради парцелата кај „Холидеј Ин“.Првата антикорупционерка, Билјана Ивановска вчера повторно го повика обвинителството да се произнесе за иницијативата, повторувајќи дека тие не можат да ја водат сами битката за зачувување на јавниот интерес, кој е сериозно загрозен на сметка на личниот интерес на поединци.
„Предметот е во предистражна постапка и истата согласно закон е постапка за прибирање на докази, во фаза кога кривичното дело или неговиот сторител сѐ уште не се откриени во целост. Целта на предистражната постапка е јавниот обвинител да обезбеди материјал врз основа на кој ќе може да оцени дали согласно прибавените докази има основи на сомневање дека определено лице сторило кривично дело и во таа насока да донесе јавнообвинителска одлука за понатамошниот тек на постапката односно дали ќе донесе наредба за спроведување на истражна постапка или ќе ја запре постапката“, велат од Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за ДВ:
Според нив, надлежниот јавен обвинител ги разгледува сите аспекти поврзани со овој случај, меѓу кои и отуѓувањето на земјиштето и во рамките на своите надлежности ги презема сите неопходни дејствија за расчистување на случајот.
-повеќе на темата: Дали е загубена битката за „Холидеј Ин“ и за „Треска“? Антикорупционерите велат „не“
Во меѓувреме од Општина Центар информираа дека нема никакви пречки фирмата „Фешн груп“ и Македонската православна црква (МПЦ-ОА) да почнат со градење на првата од трите кули во најстрогиот центар на Скопје. Со најновиот развој на настаните се отвора простор за почетокот на изградбата на првата 20 катница, која се наоѓа на земјиште во сопственост на МПЦ-ОА, а за којашто се уплатени комуналии во висина од 2,4 милиони евра. За другите два објекта – станбена зграда и деловен центар - дополнително ќе се платат надоместоците за уредување на градежното земјиште. Две станбени згради и една деловна зграда е планирано да никнат на просторот на паркингот на „Холидеј Ин“ во Скопје. Станбените згради ќе бидат од 20 и 22 ката, ќе имаат 400 станови во кои ќе можат да живеат околу 1.200 луѓе. Деловната зграда, пак, ќе има приземје и 16 ката. Во рамките на парцелата е предвидено зеленило на 6.520 метри квадратни.