1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хојт Брајан Ји: Со асистенција на Нимиц - решението е можно!

Силвера Падори-Кленке12 ноември 2014

Спроти новата рунда преговори за името во Њујорк, Хојт Брајан Ји, заменик помошникот на државниот секретар на американскиот Стејт департмент, за ДВ подвлекува дека со асистенцијата на Нимиц решение за спорот е можно!

https://p.dw.com/p/1Dld3
Фотографија: Daniel Mihailescu/AFP/Getty Images

Која опција околу името денес ќе се најде на преговарачката маса меѓу македонската и грчката страна и посредникот Метју Нимиц во Њујорк, е материја за која во јавноста и пред оваа средба се молчи. Освен вчера изнесените информации од Балканската истражувачка мрежа (БИРН) дека можеби повторно ќе се расправа за предлогот на Нимиц од 2013 година - „Горна Република Македонија“ кој не мина кај грчката страна, друго ништо не се слуша.

Настрана од сите шпекулации, меѓутоа, факт е дека Македонија поради името и натаму останува блокирана од Грција на нејзиниот евроатлантски пат. Извештаите на Европската комисија за напредокот на Македонија покажуваат дека блокадите во Европскиот совет неповолно се рефлектираат врз земјата, што не е добро ни за нејзе и нејзините граѓани, ниту за регионот. Особено што и по пресудата на Меѓународниот суд на правдата од Хаг, највисокото правно тело на Обединетите нации, Македонија и натаму останува осамен играч. Поддршката од големите држави формално останува, но без конкретен резултат, иако, колку за потсетување, и канцеларката Ангела Меркел и шефот на германската дипломатија Франк-Валтер Штајнмајер навестија дека задкулисно се ангажираат за решение на спорот со името.

Американска поддршка

Зошто Соединетите Американски Држави, кои ја имаат признато Македонија под уставното име, не пресечат? Ова прашање Дојче Веле му го постави на Хојт Брајан Ји, заменик помошник на државниот секретар на Стејт Департментот задолжен за Европа и Евроазија (на насловната фотографија), кој во јануари годинава го посети Скопје и е во тек со случувањата во земјата. Тој одговара:

„Комплетно се согласувам дека за Западен Балкан, за Европа, а пред се' за Македонија е значајно да се најде решение за проблемот со името, по што земјата ќе може да се приклучи кон Европската Унија и НАТО. Но, не е се’ во рацете на едната или другата страна. На двете страни останува да ја најдат потребната флексибилност и политичка волја за да се постигне компромис. Уште еднаш ќе кажам: со асистенцијата на амбасадорот Нимиц, кој има задача од Обединетите нации, веруваме дека решението е можно и ние ќе го поддржуваме колку што можеме“, одговори високиот американски дипломат Хојт Брајан Ји.

Gorge Ivanov und Hoyt Brian Yee 27.01.2014 in Skopje
Високиот американски дипломат Хојт Брајан Ји во јануари во Скопје разговараше за името и со македонскиот претседател ИвановФотографија: MIA

Тој понатаму дополни дека Соединетите Американски држави ги поддржуваат аспирациите на Македонија да се приклучи кон НАТО и Европската унија.

„Верувам дека ако има добра волја на обете страни е возможно да се најде решение за сите предизвици и да се надминат сите пречки. На ова Македонија мора да работи со добри преговарачи, заедно со г. Нимиц. Ние правиме се’ што можеме да ги охрабриме и двете страни да го поддржат амбасадорот Нимиц да дојде до решение. Но, навистина, тоа зависи од двата главни града - да изнајдат политичка волја и флексибилност, да постигнат заедничко решение“, уште еднаш за ДВ подвлече американскиот дипломат Хојт Брајан Ји.

Германско влијание

Ако се направи куса ретроспектива на германските реакции по секоја од добиените препораки за Македонија од Европската комисија за почеток на пристапните преговори, несомнено е дека германската политика, пред се' она на ниво на парламентот, безрезервно ја поддржува Македонија. Но, кога препораката се одбиваше во Европскиот совет, тогаш следеа образложенија од типот: во Европскиот совет се одлучува едногласно, а Грција е дел од ЕУ!

Во времето на финансиската криза, кога Грција ја бараше солидарноста од ЕУ, дел од германските парламентарци беа на мислење дека треба да се искористи моментот и од Грција да се побара солидарност за европското проширување и деблокада на Македонија. Други, пак, коментираа дека притисок за решение на спорот е невозможен поради тоа што германската канцеларка Меркел, која цврсто стоеше зад курсот за штедење, во Грција не е омилена и секој притисок би бил контрапродуктивен, односно состојбата уште повеќе би се влошила доколку се бараат отстапки за Македонија.

Aspen Südosteuropakonferenz in Berlin
Германската поддршка формално стои, но Македонија чека конкретни резултати - министрите Штајнмајер и ПопоскиФотографија: Silvera Padori-Klenke

Од пратениците што се занимаваат со Македонија, се слушна и идејата дека можеби треба да се побара нов формат на преговорите за името - нивото на Обединетите нации да се симне на европско - на пример во решавањето да се ангажира Советот на Европа. Но, и оваа опција остана исклучиво во парламентарните кругови на владеачките партии на Унијата (ЦДУ/ЦСУ) и идејата на друго политичко ниво не се прошири.

Нова расправа за името во ОН?

Што ќе донесе новата рунда со преговарачот Нимиц, дали и чии црвени линии овојпат ќе го одбележат процесот, ќе се знае за неполни 24 часа. Но, сигурно е она што пред недела го порача шефот на македонската дипломатија Никола Попоски:

„Ние сме заинтересирани и ќе вложуваме и натаму напори за решение. Воедно е јасно дека какво било решение не смее да ги загрози македонските идентитетски параметри. Не смее да дојде до промена на уставот - со цел промена на уставното име и клучните параметри за кои сме утврдиле дека не може да бидат предмет на уцена и пазарење, а не се такви за сите други земји во светот. Мислам дека Македонија има покажано дека може да биде многу повеќе од само конструктивна, со тоа што има прифатено прилично навредливо именување во Обединетите нации и ред други отстапки, на кои сега не би сакал да се навраќам. Во овој момент, навистина ни требаат и соговорници во Атина, но и клима во која нема да бидеме жртва на една наметната блокада, која не‘ спречува да бидеме дел од Европската унија и НАТО“, кажа Попоски во разговорот за ДВ, притоа не исклучувајќи ја ниту опцијата - Уставното име на Република Македонија одново да се актуелизира пред Обединетите нации.