1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хрватски новинари добиваат закани со убиство

Среќко Матиќ
28 декември 2017

„Репортери без граници“ ја критикува Хрватска: состојбата со слободата на печатот е многу влошена. Многу новинари во земјата се соочуваат со закани. Двајца од нив за ДВ раскажуваат како живеат со тоа.

https://p.dw.com/p/2pzyD
Protest in Zagreb bei Videokonferenz zur Pressefreiheit
Фотографија: picture-alliance/PIXSELL/S.Strukic

Приказната требало да биде убава - ТВ-репортажа за успешна интеграција на бегалец од Нигерија, кој во Загреб има ресторан со африкански специјалитети. Тој добил азил во Хрватска и тука пронашол своја нова татковина. Но, работата излегла сосема поинаку од планираното. Неколку часа по објавувањето на репортажата на хрватската телевизија ХРТ, авторката Маја Север добила закани со убиство, анонимно, преку Фејсбук.

„Ја отворив пораката, кусо размислував каков ли е тоа човек кој се заканува на друг човек дека ќе го убие. Но, не размислував предолго, туку веднаш направив скриншот и поднесов пријава во полиција“, вели познатата хрватска телевизиска новинарка. Авторот на пораката, кој се покажа дека е Хрват кој живее во Белгија, ѝ се заканува на Маја Север дека ќе ја убие затоа што рекламирала „мултикултурна политика“. Освен тоа, таа во пораката е навредувана. И тоа не е првпат. Сепак, вели дека не се плаши. „Секоја закана ќе ја објавам јавно. Јавноста треба да види на каков притисок сме изложени ние новинарите секојдневно и тоа само затоа што си ја вршиме работата. Ги охрабрувам своите колеги да го сторат истото. Сите треба да преземеме нешто, тоа е наша обврска!“

Screenshot Twitter Morddrohung gegen Maja Sever
Закани на Твитер кон Маја СеверФотографија: Twitter/SeverMaja

Сѐ побрутални напади

Во Хрватска отсекогаш имало закани кон новинари. Меѓутоа сега, со социјалните мрежи, тие станаа повидливи. И, очигледно - побројни и побрутални. Според наводи на Хрватското здружение на новинари (ХНД) во 2017 година се регистрирани 12 тешки закани (со убиство) и телесни напади врз хрватски новинари.

Една од жртвите е и Наташа Божиќ. Во својата ТВ-ретроспектива за телевизијата Н1 таа во едно интервју на почетокот на декември праша дали хрватската претседателка би требало да му ги одземе на осудениот воен злосторник Слободан Праљак неговите воени ордени. Оправдано прашање, кое меѓутоа не му одговараше секому: „Бев вџашена, се чувствував огорчено поради целата омраза на социјалните мрежи во рок од само еден до два часа по интервјуто. На почетокот сакав да ги игнорирам навредите“, вели Наташа Божиќ. „Меѓутоа, многу брзо сфатив дека не се работи само за вообичаени шовинистички забелешки, туку и за отворени закани. Еден сосема непознат маж ми имаше напишано дека треба да ми биде скината главата.“

Screenshot Twitter  Morddrohung gegen Natasa Bozic
Закани на Твитер кон Наташа БожиќФотографија: Twitter/Najtasa

Лесна задача за полицијата

Лицето кое се заканувало ја објавило заканата со убиство на својата Фејсбук-страница. Под своето вистинско име. На полицијата не ѝ било тешко. Тој е брзо фатен, призна сѐ и сега чека на судски процес. Во најлош случај му се заканува казна затвор во траење до пет години.

Многумина се чуствуваат сигурно затоа што на интерет остануваат анонимни. Очигледно со право, се жали претседателот на Хрватското здружение на новинари, Саша Лековиќ: „Полицијата по правило ги фаќа само оние кои не го кријат својот идентитет. Затоа само еден мал дел од пријавените случаи завршува пред суд. А процесите завршуваат често со условни казни. Тоа не е доволно, зашто пораката е јасна - дозволено е да се напаѓаат новинари, вербално, но и физички.“

Лековиќ вели дека е незадоволен од реакциите на хрватската правна држава. Извршителите би требало да се гонат поодлучно.

Kroatien Staatlicher TV Sender in Zagreb
Јавниот сервис во Хрватска функционира како „Јутјуб-канал на власта“, се потсмеваат медиумските критичариФотографија: Imago/Pixsell

Големо влошување на слободата на печатот

Состојбата на хрватските новинари и медиуми е значително влошена генерално. Тоа произлегува и од најновата ранг листа на „Репортери без граници“ за слобода на печатот за 2017 година. Од сите држави членки на ЕУ, најголемо влошување има во Хрватска - полоша позиција на ранг листата за цели 11 места во споредба со лани. Сега Хрватска се наоѓа на 74. место и е полоша од соседните земји, како што е Србија, која не е членка на ЕУ.

Повеќе на темата:

Опасниот живот на новинарите

Меѓународен ден на слободата на печатот: апсени, мачени, убивани

„Репортери без граници“ ја критикува, меѓу другото, реториката на политичарите која е непријателска кон медиумите, како и политичкото влијание на национално конзервативната влада врз јавнот сервис. Такво политичко влијание и не е нов феномен - поранешната централно-левичарска влада исто така се обиде да си обезбеди подобро известување преку персонални рокади во ХРТ. Медиумските критичари се потсмеваат дека јавниот сервис во Хрватска во меѓувреме функционира како „Јутјуб-канал на власта“.