Хронологија: терористички заговори во Германија
Во неколку наврати во последните 18 месеци, полицијата успеа да спречи терористички напади и заговори во Германија. Земјата стана цел на исламските милитанти во Европа. Ова се досегашните обиди
Лајпциг, октомври 2016
Полицијата во Лајпциг го уапси 22-годишниот сириски бегалец Џабер ал Бакр по дводневна потрага откако беше откриен експлозив и опрема за производство на бомби во неговиот стан во Кемниц. Беше осомничен за планирање напад врз аеродромот во Берлин. Два дена подоцна, беше пронајден обесен во затворската келија.
Ансбах, јули 2016
Во јули годинава, „Исламската држава“ ја презеде одговорноста за два напади извршени од баратели на азил. 15 луѓе беа повредени во вински бар во близина на влезот на музички фестивал во баварскиот град Ансбах, откако сириски бегалец активираше бомба. Напаѓачот загина во атентатот.
Вирцбург, јули 2016
17- годишен барател на азил вооружен со секира и нож изврши напад во регионален воз кај Вирцбург. Пет лица беа тешко повредени, а напаѓачот беше застрелан од полицијата. Германските власти соопштија дека тинејџерот бил осаменик инспириран од „Исламската држава“, но не бил член на мрежата.
Диселдорф, мај 2016
Три осомничени членови на „Исламската држава“ беа уапсени во три германски покраини. Власатите велат дека двете лица планирале да се разнесат со експлозив во центарот на Диселдорф, додека третиот напаѓач и четврто лице кое беше уапсено во Франција, планирале да отворат оган врз случајните минувачи.
Есен, април 2016
Полицијата уапси три лица откако бомба повреди три лица во храм на Сиките во Есен. Бомбата беше активирана по свадбена прослава, уништувајќи ја внатрешноста на објектот. За нападот е осомничен 16- годишник кој и се предаде на полицијата, додека уште еден малолетник беше уапсен во неговиот дом.
Хановер, февруари 2016
Германката со мароканско потекло Сафиа С. е обвинета за напад со нож врз полицаец на главната железничка станица во Хановер. Оваа 16- годишна девојка била мотивирана од „членови на Исламската држава во Сирија да го изврши нападот“, вели јавниот обвинител Симон Хенрикс.
Берлин, февруари 2016
Во неколку одвоени рации низ државата, полицијата уапси тројца Алжирци осомничени за врски со „Исламската држава“ и за планирање терористички напади во Берлин. Покраинското јавно обвинителство вели дека постоеле „конкретни“ планови за напад во главниот град.
Оберурсел, април 2015
Локалната велосипедска трка беше откажана откако полицијата откри дека е можна цел на исламски терористички напад. Еден 35-годишен маж со турско потекло и неговата 34-годишна сопруга беа уапсени под сомнение дека планирале напад. Во нивниот дом полицијата пронајде материјал за изработка на бомби.