1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хуманоста не трпи тривијализации

6 април 2020

Иако здравствената криза не смее да биде предмет на партиско мерење на мускулите, таа црвена линија викендов беше прегазена.

https://p.dw.com/p/3aUUW
Symbolbild Hände zusammen
Фотографија: Africa Studio/Fotolia.com

Во целата несреќа со ширењето на коронавирусот, се надевавме на две добри нешта: дека ќе успеееме да ја стесниме неговата разорна траекторија за да има што помалку жртви и заболени, и второ, дека ќе создадеме нуклеус за враќање на изгубеното заедништво и за крај на политичките поделби и политкантството, барем пред огромната здравствена закана по која следат економски и ред други сериозни последици. Од цврстината на заедништвото и солидарноста, во најголема мера ќе зависи како ќе се справиме со здравствениот предизвик: дали преку искрена помош, поддршка и почитување на здравствените мерки, или преку ширење лажни вести, постојано денунцирање на владините мерки и создавање паника кај граѓаните.

Во моментов, за жал, имаме од сѐ по нешто, но најмалку заедништво. Иако „кругот е мал, и во него сме сите (мета на вирусот)“, иако здравствената криза не смее да биде предмет на партиско мерење на мускулите, таа црвена линија викендов беше прегазена. Сега сите политички протагонисти мора да се вратат повеќе чекори назад, во зоната каде што постапките имаат врска исклучиво со здравствените политики и мерки.

Да почнеме со солидарноста. Таа е исклучително потребна, и секоја помош од кој било граѓанин е добродојдена. Семејството Заеви викендов донирало големо количество прехранбени пакети за оние на кои име е најпотребно. Убав потег. Но, ќе беше уште поубав, ако портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов, оставеше овој хуман потег да заврши без негово медиумизирање. Прво, ако тоа е приватна, семејна донација, што има тој со тоа? Вели се вклучил како волонтер. Но, додал дека тоа го сторил „заедно со Душко Заев и Панче Заев, Стојан Коциров и други волонтери“. Токму тие „други волонтери“, ненаведени со име и презиме, требало да ја поделат донацијата. Зашто кога во објавата се спомнуваат имињата на таткото и синот на лидерот на СДСМ, приказната добива друг призвук.

Зарем други партиски портпароли и функционери не можат да бидат волонтери и да дистибуираат помош донирана од лица од нивната партија или блиски до неа? Сигурно дека можат, но така ризикуваат да ја прегазат границата меѓу солидарноста и популизмот, и да ја девалвираат секоја донација. На што ќе личи ако пред нашите врати почнат да се расшетуваат портпароли и политичари? Тоа нема да значи додадена вредност во ситуацијава, туку сигнал дека институционалниот систем губи чекор пред партиските претстави. Затоа, секоја помош треба да биде насочено кон одредена централна адреса, а да се дистрибуира од волонтери од граѓански и хуманитарни организации. Не од партиски.

Притоа, да не се заборава правилото број еден: оној што искрено помага, не сака тоа да се знае. Дозолувам дека Костадинов сакал да мотивира и други да се вклучат во донирањето и волонтирањето. Но, ефектот е спротивен. Има многу луѓе кои сакаат да донираат на сметката на Министерството за здравство, толку колку што имаат, бидејќи секој денар е важен. Некои можат да дадат 1.000 денари, некои 3.000, некои повеќе од тоа. Но, кога Костадинов објавува видео од магацин преполн со кутии за донации, можеби многу луѓе се демотивираат да ги уплатат своите скромни 1.000 денари, сметајќи дека тоа би било недостојно во споредба со прикажанато.

Правило број два: Во време на оваа криза, и владините и партиските функционери мора да се држат до однесување кое исклучува какво било монополизирање на принципите на хуманост и солидарност, бидејќи по системот акција-реакција, тоа ќе создава нови поделби.

Пример - помошта од Словенија. Зошто беше потребна толкава врева и „истрага“ дали лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, навистина разговарал со словенечкиот премиер и побарал помош? Тоа што помошта стигнала преку механизмот на Европска Унија во рамките на цивилната заштита, не значи дека Мицкоски не ја побарал, туку дека донацијата мора да се стави во некаква системска рамка. Белки не очекувате помошта да биде испратена на адреса на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. И наместо да се сомничи и омаловажува тој гест на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, ќе беше добро да се поздрави. Така се прекинува синџирот на недоверба, така се дава импулс на заедништвото.

За волја на вистината, за тоа да се постигне, и опозициската партија ќе мора темелно да го преиспита своето однесување. Постојаните соопштенија од типот „Владата не работи ништо... сиромаштија тропа на врата" не водат кон целта.

Сиромаштијата тропа на врата во сите земји зафатени од Ковид-19. Ниту е точно ниту коректно да се каже дека Владата не работи ништо. Може да постојат различни ставови околу мерките што таа ги спроведува, но има начин тоа да се каже на начин кој нема да ги вознемирува граѓаните. Ако има грешки, тие ќе се утврдуваат кога ќе заврши здравствената криза. И не е во ред да се третираат ограничувањата на движењето и вонредната состојба како начин за политичка контрола врз граѓаните. Ако е така, тогаш да не примаме помош од земји кои вовеле строги ограничувања во време на пандемијата. А таква помош ќе ни стигне денеска. Секоја земја има суверено право да ги одреди мерките со кои ќе се спротивстави на заканата. И секое лице има еден избор: да го даде најдоброто од себе во дадената ситуација, или најлошто.

Ако сите го дадат најдоброто од себе, само така ќе имаат чисти позиции да аргументираат дали некој згрешил со мерките, но тогаш кога оваа криза ќе заврши.