1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Цајтнотот ќе ја спаси еврообврзницата од поништување?

Катерина Блажевска26 јули 2016

Малку е веројатно дека постапката за издавање на еврообврзница ќе биде поништена, бидејќи станува збор за „многу доцна фаза“, проценуваат експерти, откако се потврди дека е издадена без согласност од министерот за правда

https://p.dw.com/p/1JVoh
Фотографија: picture-alliance/dpa

Реномирани светски адвокатски канцеларии изразиле подготвеност пред арбитражен суд да го оспорат задолжувањето со еврообврзницата во корист на Република Македонија, но условот е за тоа да добијат официјално барање од македонската Влада, дознава ДВ од странски извори. Но во овој случај, Владата нема намера да го побара тоа. Напротив, таа денеска очекува да се реализира т.н. порамнување на еврообврзницата, односно средствата да легнат на сметка. Министерот за правда, Валдет Џафери, иако задоцнето, пред два дена јавно призна дека од него, како единствен застапник на Министерството, не е побарано мислење за правната важност на еврообврзницата, што укажува дека нејзиното издавање е нелегално.

„Министерството за финансии нe се обратило службено да побара мислење во Министерството за правда. До овој момент, од Министерството за финансии до Министерството за правда немаат доставено некакво барање во врска со да дадеме ние правно мислење за еврообврзницата. Министерството за правда е застапено од министерот“, рече Џафери.

По ваквото признание, лидерот на опозициската СДСМ, Зоран Заев, вчера побара од четирите банки - агенти инволвирани во издавањето на 450 милионската еврообврзница, веднаш да го запрат процесот.

„Со јавно обраќање кон банките агенти - Ситигруп, Дојче Банк, Ерсте Груп и Сосиете Женерал, како и кон потенцијалните инвеститори инволвирани во издавањето на еврообврзницата, СДСМ предупредува дека правно мислење од Министерството за правда не е обезбедено од единствениот официјален претставник на институцијата и дека целата постапка во себе содржи дејствија на измама, погрешно претставување и злоупотреба на службената позиција. Новата Влада ваквите обврзници, доколку истите бидат издадени, ќе ги смета за нелегални, неважечки и ништовни и ќе ги преземе сите правни дејства кон сите инволвирани страни и лица кои што се вмешани во целиот процес. Исто така, новата Влада нема да ги подмирува обврските кои ќе произлезат од ваквите обврзници“, соопшти СДСМ. Партијата оцени дека ребалансот на буџетот треба да биде повлечен од дневен ред, сѐ до расчистување на законитоста на постапката за издавање на еврообврзницата.

Symbolbild Staatsschulden Staatsverschuldung Schulden Geldhaufen Euro
Фотографија: Fotolia

Процесот е во доцна фаза

Економистите не се оптимисти во одговорот на прашањето што вчера го постави СДСМ: Што ако заради прекршување на Законот за јавен долг и постапката за издавање на еврообврзницата таа биде поништена, а Собранието го изгласа ребалансот на буџетот со калкулираните 450 милиони евра и истите бидат потрошени. Кој ќе ја сноси одговорноста?

Според економски експерти со кои разговараше ДВ, малку веројатно е дека постапката ќе биде поништена, бидејќи сега станува збор за „многу доцна фаза“, за разлика од првиот пат кога издавањето на еврообврзицата беше стопирано.

„Веројатноста за поништување на постапката е многу мала, бидејќи штетите ќе бидат големи. Ако банките се исплашат од одредени правни и финансиски последици, тогаш ќе треба некако да им ја исплатат штетата на сите кредитори што ја запишале еврообврзницата. Штети ќе има и државава, бидејќи ќе ѝ биде долгорочно нарушен угледот, како земја во која не владее правото, а ќе има и проблеми со покривање на дефицитот“, велат тие.

Според нив, клучно е да се провери дали е пробиен лимитот на задолжувањето. Со буџетот за 2016 година, Владата имала право да позајми околу 40, 5 милијарди денари или 659 милиони евра. Со нив требало да го покрие дефицитот од 308 милиони евра пред ребалансот на буџетот, а другиот дел да го искористи за отплата на кредити. Ова задолжување е дозволено од парламенот.

„Но, прашањето е дали го пречекориле лимитот на задолжувањето пред ребалансот. Ако тоа се случило, тоа би значело дека има повреда на Уставот, бидејќи парламентот одобрува задолжување, на барање на Владата. За таа цел, треба да се направи ревизија на целата серија задолжувања со години наназад, за да се види дали ингеренциите на парламентот биле или се дерогирани од страна на Владата во однос на задолжувањата“, објаснуваат економски експерти.

Одговорност на домашните функционери

Со ваквата сугестија се согласува и поранешниот гувернер на НБРМ, Петар Гошев:

„Не е дозволено да се надминува правото на задолжување што е утврдувано со буџетите усвојувани од Собранието, а потоа, со ребаланси или со усвојување на завршните сметки за буџетите тие износи да се инкорпорираат ex post. Колку што се сеќавам, во една година за време на сега, екс-министерот Ставревски, тоа се има случено, а треба да се провери за секоја година одделно“, вели поранешниот гувернер.

Petar Gosev
Петар ГошевФотографија: Petr Stojanovski

Тој ги истакнува трите прашања врз кои сега е сконцентрирана критичката јавност во врска со последната еврообврзница. Прво, дека со неа Македонија веќе зачекорува во зоната во која се потешко станува сервисирањето на јавниот долг, па оттука, наместо со него да го стимулира растот, долгот поприма карактеристики на кочничар на растот. Второ, дека се работи за крајно нетранспарентен начин на задолжување и крајно проблематична намена на позајмените средства. И трето, дека е прекршена правната процедура за задолжувањето, поради што надлежните министри треба да сносат кривична одговорност.

„Опзицијата, немоќна да промени било што од првите два вида забелешки, фокусот го стави на правниот аспект на задолжувањето: дека тоа е извршено спротивно на соодветната законска регулатива. Притоа, опозицијата смета дека Министерството за правда не би смеело да даде позитивно мислење, со оглед на тоа дека во Законот за влада има одредба (производ на Договорите од Пржино) дека задолжувањето на Владата не може да се остварува (во овој период) без согласност на опозицијата. Лично мислам дека постои повреда на правната процедура и дека за тоа треба некој да сноси одговорност. Но тоа нема да се случи, со оглед на вкупната девастираност на правниот поредок, поточно неговата целосна контрола од сегашните креатори на долгот. Истовремено, не мислам дека има можности, во некоја временска точка, Македонија да им го оспори долгот на купувачите на еврообврзницата. Ниту правно, ниту поинаку, Македонија не може да совлада таква препрека. Впрочем, ја издале официјални лица во име на Република Македонија. Ако воопшто некој може да сноси одговорност (и тоа по паѓањето на оваа власт), тоа може да бидат само некои домашни функционери“, смета Гошев.

Тужби на сите страни

Барање одговорност и најави за тужби веќе има. Откако СДСМ вчера соопшти дека ќе поднесе кривични пријави против министерот за финансии и заменик-министерката за правда поради незаконско издавање на еврообврзницата, од ресорот финансии стигна најава за контратужба.

„Со цел да се заштити и угледот на Министерството за финансии и на земјата, Министерството за финансии ќе поднесе соодветни тужби до сите инволвирани страни кои со клевета придонесоа за нарушување на меѓународниот углед. Согласно кривичниот законик, потсетуваме дека кривична пријава може да се поднесе и за лажно пријавување на кривични дела“, се вели во соопштението.

Според Заев, целиот процес е јасен приказ дека однесувањето на Владата е надвор од контрола.

Mazedonien Anti-Regierungsproteste Zoran Zaev Oppositionsführer Statement
Зоран ЗаевФотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

„Процесот е напор на некомпетентни и неодговорни поединци кои сакаат да ги прескокнат законите и да ги поминат сите граници за само да останат на власт, без разлика на последиците за народот, државата и за местото на државата меѓу семејството на европските земји. Вицепремиерот за економски прашања и министерот за финансии треба веднаш да поднесат оставка заради нивното криминално однесување и нивната неспособност“, порача лидерот на СДСМ.

Неговата партија на 18 јули предупреди дека има информации оти е направен втор обид за издавање на еврообврзницата. Според сознанијата на партијата, тогаш вицепремиерот Владимир Пешевски реализирал седумминутната видеоконференциска врска со потенцијалните инвеститори, а покрај него биле присутни и министерот за финансии, министерката за информатичко општество и администрација, заменик министерката за правда и гувернерот на НБРМ. Прашањето е дали во тој разговор заменикот- министерката Билјана Бришкоска-Бошковска, од име на министерството неовластено потврдила пред инвеститорите дека постапката за издавање на еврообврзницата е во согласност со законите? Односно, дали банките-агенти биле изманипулирани од претставници на власта? Одговорот на овие прашања го знаат во Владата, но не се достапни за одговор. Она што го знае јавноста, е дека двете последни еврообврзници значат нов јавен долг, кој заедно со каматата е околу една милијарда евра.