1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЦИА: Русија замешала прсти во победата на Трамп

Ж.А. /агенции
10 декември 2016

„Вашингтон пост“ се повикува на извештај од ЦИА, во кој стои дека Русија извршила влијание врз претседателските избори во САД. Целта била да му помогне на Трамп да победи.

https://p.dw.com/p/2U3y5
Kombobild Trump/Putin

„Вашингтон Пост“ пишува дека се идентификувани личности поврзани со руската влада, кои на интернет платформата Викиликс ѝ проследиле илјадници хакирани електронски пораки, меѓу кои од изборниот штаб на поразената кандидатка за претседател, Хилари Клинтон. Проценките на ЦИА се дека Русија „имала намера да му помогне на Доналд Трамп да победи на изборите“, цитира весникот. Ова е неподелено мислење меѓу експертите во тајните служби. Ваквите меилови постојано ја доведуваа Клинтон во непријатна ситуација. ЦИА деновиве за своите сознанија информирала водечки членови на Сенатот.

Тимот на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп ги отфрли заклучоците на тајната служба. „Тоа се истите луѓе кои своевремно изјавуваа дека Садам Хусеин располага со оружје за масовно уништување“, се вели во соопштение од тимот на Трамп. Самиот Трамп неодамна ги отфрли обвинувањата за руско вмешување во американската претседателска изборна кампања. „Не верувам дека Русија се вмешала. Можно е да била Русија, можно е да била Кина. А можеби бил некој човек од Њу Џерси“, изјави тој во интервју во „Тајм“.

Symbolbild Hackerangriff
Фотографија: Sergey Nivens - Fotolia.com

Американскиот претседател Барак Обама, кој наскоро ќе ја напушти функцијата, вчера нареди опсежна истрага на хакерските напади врз претседателската кампања. Резултатите треба да бидат готови пред тој официјално да ја предаде должноста на 20 јануари. Предмет на истрагата се и изборните кампањи во 2012 и 2008 година.Пред осум години имаше хакерски напади врз изборниот тим на Обама и на неговиот републикански ривал Џон МекКејн, за кои САД ја обвинија Кина.

Изборната кампања на демократската кандидатка Хилари Клинтон беше торпедирана со сајбер нападите. Експертите и владини кругови уште тогаш се сомневаа дека зад нив стојат руски хакери поврзани со владата. Беа објавени дури и имиња на високорангирани руски службеници кои дале дозвола за сајбер нападите. Москва ова го отфрли како „апсолутна лудост“. Основачот на Викиликс Џулијан Асанж тврди дека хакираните меилови ги добил од невладини извори.