1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ципрас на македонско тло

Гордан Георгиев
2 април 2019

За првпат еден грчки премиер стапнува на тло на држава која ја признава. За жал на токсичните и нетоксичните националисти овде, Ципрас со посетата го признава постоењето на нашата држава најмалку од АСНОМ па наваму.

https://p.dw.com/p/3G6CQ
Gordan Georgiev
Фотографија: privat

Посетата е историска, бидејќи ваква посета се случува за првпат во историјата на младата независна држава Република Македонија, денес Северна, но со правен политички континуитет најмалку од 1945 година. Ние, Македонците, треба да се запрашаме зошто ниту еднаш ниту еден премиер на Грција не дошол во официјална посета на нашата држава. Одговорот е јасен и за дипломатијата тој е недвосмислен: грчката држава и грчкиот политички естаблишмент не го признаваше северниот сосед за постоечки ентитет. Одбираше да го игнорира неговото де факто постоење, со надеж дека еден ден тој ентитет или ќе згасне како резултат на поделба (доктрина Мицотакис-Милошевиќ), или ќе се дезинтегрира во воен пир (2001-ва година), или ќе имплодира (грчкото ембарго кон Македонија во деведесеттите). Бидејќи ништо од тоа не се случи, симболиката на оваа посета е повеќе од важна. Таа покажува дека за првпат еден грчки премиер стапнува на тло на држава која ја признава. И тоа тло не е некое друго тло, не се некои други луѓе кои живеат на тоа тло, не се различни политичките актери, ништо не е различно во смисла на државен континуитет. За жал на токсичните и нетоксичните националисти овде, Ципрас со неговата посета го признава постоењето на нашата држава најмалку од АСНОМ па наваму. Цената која ја плативме сите ја знаеме, таа е голема. Но овој денешен факт е несомнено значаен. И за Грција, и за Македонија, и за регионот.

Малиот прозорец светлина

Грција за првпат влегува во (Северна) Македонија како беневолентен џин, со стотина бизнисмени и дузина министри и со порака дека „сакаме да ја освоиме Северна Македонија". Таа порака за првпат не звучи лошо, нити надмено, нити заканувачки. Таа е легитимна порака која доаѓа од една регионална сила која има амбиции да го освои неосвоениот простор-територија, до неодамна цврсто замандален со предрасуди и национализам. Малиот прозорец светлина кој го отвара Ципрас е доволен во овој момент. Но, наспроти еуфоријата на повеќето провладини и независни анализи и коментари дека со оваа посета предрасудите се надминати, тоа едноставно не е точно. Зоран и Алексис очигледно меѓусебно си ги надминале предрасудите, министрите во двете влади веројатно исто така се индуцирани да ги надминуваат сопствените предрасуди, ама тоа е отприлика нивото на кое завршуваат овие работи. А тоа сепак не е ништо. Така почнуваат овие работи. Политичките елити се тие кои го трасираат патот, а секој од нас собира плодови на тој пат, секому според умот и разумот. Бизнисмените - бизнисот, културњаците - културата, екологистите - животната средина, земјоделците - земјоделието и.т.н.

Патот е навистина долг и има уште многу за одење. Тој веројатно никогаш и нема да се изоди до крај, бидејќи секогаш од двете страни на границата ќе има зовриени или онеправдани глави кои нема да сакаат да ја признаат реалноста или ќе ги болат неправдите. Но, оној ден кога грчкото владино авионче ќе слета на македонско тло и тоа нема да претставува никаква еуфорија или да биде наречено „историска средба“, тогаш ќе кажеме дека сме на добар пат. Или пак кога експресниот воз од Атина до Скопје ќе стига за 2,5 часа и секојдневно ќе се истоваруваат луѓе и стоки кои вршат дневен бизнис.

Да работиме малку повеќе и да бидеме помалку корумпирани

Оваа посета на сепак добронамерниот и добродушниот Ципрас треба да биде и добра показна вежба за дел од нашите граѓани кои (често со право) покажуваат скептицизам кон сѐ што е грчко и се водат од онаа дека на Данајците не треба да им се верува дури и кога носат подароци. Еден млад партиски функционер од опозицијата деновиве на ТВ дебата ефектно поентираше кон неговиот политички противник со паролата „Ние живееме во Република Македонија, вие живеете во Република Северна Македонија“. Поентата е ефектна и веројатно добро одѕвонува во ушите на опозиционерите, но таа поента е толку лажовна и манипулативна што повторно и постојано нѐ враќа на темата - длабока поделба на македонскиот народ.

Други колумни од авторот: 

Македонската репрезентација

„Македонското сценарио“ и спасителите-месии

Слично беше и деновиве, кога О.К. ВМРО-ДПМНЕ Кисела вода прогласи победа на Република Македонија во општина Кисела вода. Зошто? Затоа што советниците од власта кои го прават мнозинството во советот немале мнозинство тој ден и морале да ја одложат точката за промена на таблите на локалните институции со новото име на државата. Ова се опасни манипулации и вбризгуваат отров кај младите, отров кој никому не му е потребен, а најмалку на опозицијата која ги изгуби сите битки досега на темава. Простата вистина е дека раководството на ВМРО-ДПМНЕ опасно го манипулира членството и особено младите. Тие (вмровците) веќе никогаш нема да живеат во Република Македонија, исто како и јас и сите ние. Жално е, болно е можеби, ама вистинито е. Да не манипулираме сега, кога е завршена работата, со каменот кој предолго ни тежеше на сите. Помладите нема да се сетат и затоа се најподложни на вакви приземни манипулации, но слично беше и со Охридскиот договор и со територијалната организација. Сега, ајде искрено, ќе опстоевме ли како држава без потпишувањето на ОРД и завршувањето на конфликтот? Мораме да престанеме со овие работи веќе, мораме посвесно да работиме на здравјето на нацијата и да не се труеме повеќе.

Еве, многумина велат дека СДСМ лошо владее, дека секојдневно прави грешки и води лоши политики. Значи, како и секоја власт која никогаш не е вечна, и СДСМ ќе падне еден ден. Нека се потруди опозицијата на овие теми да поентира. Нека падне СДСМ, ама лошо е да падне на Северна, нека падне како што ѝ доликува на една демократија, на избори како резултат на евентуално лошо владеење или заситеност на граѓаните од одредени политики. Само така ќе го затвориме кругот, никако поинаку. Десницата и понатаму ќе може да си биде попатриотска од левицата, но не смее да биде токсична по здравјето на целата нација. Тоа е проблемот цело време со десницата. Левицата пак мора малку да се стегне на националните теми, да покаже помала сервилност кон сето она што ѝ се сервира од надвор, да постави принципи и црвени линии кои очигледно ѝ недостасуваат. Конечно, треба да почнеме да работиме малку повеќе и да бидеме помалку корумпирани. Тоа е.

Јаз'к Европо!

А со менталитетот што правиме? За тоа Јоханес Хан има нешто да ни каже. Пред десетина дена, комесарот за проширување, фалејќи го напредокот што го постигнала владата во светло на евентуално отпочнување на преговори годинава, го изјави и следново како важна фуснота: „Промените во легислативата се позитивни и неопходни, но сакаме да видиме и трајна промена на менталитетот и однесувањето. Тоа е нешто што е многу поважно во поглед на успешен процес за зачленување во ЕУ“. Ова „нешто“, што е „многу поважно“ за комесарот за проширување можеби е некакво навестување за меко спуштање (soft landing) на нашите аспирации за почеток на преговори. Хан, кој не може да се пофали дека е кралот на принципиелноста и дека има чистокрвен европски менталитет, бара од нас да го смениме менталитетот, ако може до јуни!, за да стигнеме навреме да почнеме преговори. Ми се чини дека некој со нас опасно си поигрува, да не го употребам зборот кој почнува на „з“.

Јаз'к Европо, кралицо на непринципиелноста. Знаете, малку заглупавено се чувствуваме кога ни продавате колонијалистички штосови за промена на менталитетот „до јуни“. Нас Груевски не успеа да ни го смени менталитетот, со стотици милиони евра, сеење страв и поделби, па вие за четири месеци ќе ни го смените. Ние не прифаќаме да си го смениме менталитетот, најмногу затоа што немаме време за таква хтонска работа. Сакаме преговори со ЕУ, а менталитетот ќе си дојде како што треба: бавно како полжав. Прашајте ги Бугарите и Руманците за промена како им оди промената на менталитетот.