Црвен аларм за женското срцево здравје
29 октомври 2019Кардиоваскуларните болести (КВБ) се причина број еден за смрт кај жените, но свеста за превенција на тие болести е далеку пониска, иако една од три жени умираат од КВБ. За споредба, една од 18 жени умира од мозочен удар и една од 31 жена умираат од карцином на дојка.
Работните обврски, животната динамика и непрепознавањето на симптомите, кај голем дел од популацијата резултираат со „немање време“ за навремени прегледи и консултации за срцевото здравје. Со цел состојбите да се изменат, Акцијата за јакнење на свесноста за кардиоваскуларно здравје, што ја почна Универзитетската клиника за кардиологија на Светскиот ден на срцето (29 септември 2019 година), ќе продолжи во следните месеци и ќе финишира на 1-ви февруари 2020 година - на Денот на одбележување на женското срцево здравје.
„Ненадејната срцева смрт е причина за 21% од вкупната смртност кај машката популација и 14% од вкупната смртност за женската популација во Европа. Сепак, само една од пет жени е свесна за опасноста од КВ болести кај женската популација“, објаснуваат за Дојче веле проф. др. Марија Вавлукис и др. Оливер Бушљетиќ, интервентен кардиолог.
Веќе е вклучен црвениот аларм - и под тоа мото ( „Црвен аларм за женското срцево здравје") вечерва ќе бидат најавени сите активности во претстојната Акција.
Митови и факти
Лекарите велат дека може да се стори многу, но за почеток треба да се избориме со митовите. Еден од тие митови е дека „срцевите болести се за мажи, и за постари". Фактите говарат друго.
„Анализите од студии во последниве 25 години покажуваат растечки тренд на кардио болести кај помладата популација (под 55 години). Доколку истата била 27% во периодот 1995/1999, таа во 2010/2014 пораснала на 32%. Околу 30% од пациентите со срцев удар се на возраст под 55 години и покажува растечки тренд, кој е поизразен кај младите жени споредено со мажите. Во постарата возраст жените со галопирачко темпо ги достигнуваат мажите во честотата на срцев удар. Но, независно во која животна доба, споредено со мажите, жените имаат полоша прогноза со повисока смртност, почеста појава на компликации како што е срцевата слабост“, објаснуваат нашите соговорници.
Повеќе на темата:
-Забраната за пушење го намали бројот на инфаркти
Вториот мит е - „немам симптоми". Фактите се следни: жените имаат поинаква клиничка слика, поретко типична градна болка за разлика од мажите, почесто краток здив, гадење, повраќање, грбна и болка во вилицата. Други симптоми се мачнина, слабост, вртоглавица, болка во долниот дел на градите и изразен замор.
Според кардиолозите, асимптоматскиот срцев удар или воопшто нема симптоми, или има минимални непрепознаени симптоми, но остава исти последици по срцевиот мускул како и симптоматскиот срцев удар.
„Ако добро ги прашаме овие луѓе, ќе кажат дека имале симптоми како лоша дигестија, како настинка, или истегнале некој граден или грбен мускул“, објаснуваат лекарите, и сугерираат: доколку постојат овие симптоми веднаш треба да се побара лекарска помош.
Според податоците од Клиниката за кардиологија, од околу 900 пациенти со срцев удар, дури 38,2% од жените, а само 26,2% од мажите побарале медицинска помош после повеќе од 6 часа од почетокот на тегобите.
Почнува скрининг
Од Клиниката за кардиологија посочуват дека грижата не смее да се сведе само на пиење таблети кои ги препишал лекарот, бидејќи вистинската превенција лежи во промена на животниот стил, пред се, непушење и физичка активност. Здравиот животен стил може да го редуцира КВ ризикот за дури 80%.
Со цел да се подигне свеста за превенирање на ваквите состојби, во ноември и декември, одбрани матични и семејни лекари од територијата на град Скопје ќе вршат кардиоваскуларен скрининг на жени до 65 години со недокажана кардиоваскуларна болест, односно кардиоваскуларен скрининг на, условно кажано, здрава популација. Жените со среден и висок ризик ќе бидат упатувани на превентивни кардиолошки прегледи на Клиниката за кардиологија, а резултатите од кардиоваскуларниот скрининг ќе бидат презентирани пред стручната јавност и публикувани во медицинските и електронските медиуми.
„Акцијата е организирана со цел да ја зајакне врската меѓу трите основни алки кои го чинат синџирот неопходен за успешна и навремена кардиоваскуларна превенција: пациентите, матичните и семејни лекари и кардиолозите“, велат од Клиниката.
Клиниката за кардиологија ќе ги изведува активностите партнерски со Здружението на матични и лекари по семејна медицина и Центарот за Семејна медицина. Во промотивните активности се приклучува и Здружението на пациенти со кардиоваскуларни болести "Здрава иднина”. Поддржувач на Акцијата е Елизабета Ѓеоргиевска, сопруга на претседателот на државата, а покровител - фармацевтската компанија „Алкалоид".