1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Црвен картон за популистот Вилдерс на европските избори

АТ/ дпа/адп/ртр/ ард23 мај 2014

На изборите за Европскиот парламент на повидок е првото големо изненадување. На гласањето во Холандија, според прогнозите, противниците на ЕУ доживеаја пораз.

https://p.dw.com/p/1C4xI
Фотографија: Reuters

Антиевропската партија на десниот популист и противник на исламот Герт Вилдерс (на насловната фотографија) на европските избори во Холандија најверојатно претрпе значителен пораз. Според прогнозата што синоќа (22.05) ја објави холандската телевизија по затворањето на избирачки места, Партијата за слобода на Вилдерс со освоени 12,2 проценти се пласирала на четврто место, односно освоила пет проценти помалку отколку на изборите во 2009 година.

Доколку се потврди овој резултат, Партијата за слобода на Вилдерс ќе добие само три пратенички места од 26 кои ѝ следуваат на Холандија. Досега оваа партија имаше пет пратеници. Официјалните резултати од изборите се очекувата в недела, откако ќе завршат европските избори.

Победа на проевропејците

Наспроти ова, најголем број гласови во Холандија освоила проевропската левичарско-либерална партија Д66, односно 15,6 проценти, додека демохристијаните освоиле 15,2 проценти од гласовите. Деснолибералната холандска владеачка партија, со освоени 12,3 проценти од гласовите, се пласирала на трето место, додека нивниот коалиционен партнер, социјалдемократите, загубиле три проценти и освоиле 10,0 проценти гласови. Излезноста на изборите е идентична како на изборите пред пет години, односно својот глас го дадоа околу 37 проценти од граѓаните со право на глас.

Нема прогноза од Велика Британија

Во традиционално евроскептичната Велика Британија гласачите требаше да изберат 73 од вкупно 751 пратеник во Европскиот парламент. Демоскопите очекуваат добар резултат за десничарски ориентираната партија УКИП (United Kingdom Independence Party UKIP) со нејзиниот претседател Најџел Фараџ. Десните популисти, кои беа во трка по гласови со теми како истапување од ЕУ и доселувањето, според анкетите би можеле да освојат околу 30 проценти, и со тоа би биле најсилната политичка партија. Според анкетата објавена непосредно пред изборите, УКИП е во предност пред Лабуристичката партија и конзервативците на премиерот Дејвид Камерон. По затворањето на избирачките места во Велика Британија не беа објавени прогнози.

Europawahl Großbritannien Cameron 22.05.2014
Британскиот премиер Дејвид Камерон на гласањето за Европскиот парламентФотографија: picture-alliance/AP

Десничарите во полет

Според aнкетите и анализите на експертите, на европските избори може да се очекуваат успеси на партиите критички настроени кон ЕУ и на десничарските партии. Некои анкети прогнозираат дека десните популисти би можеле да освојат повеќе од 100 пратенички места во европскиот парлалемнт. Во ноември минатата година Вилдерс и десноекстремната Фронт насионал од Франција склучија алијанса и најавија сојуз со други десничарски групи во ЕУ.

Symbolbild EU Wahl Flaggen der EU
400 милиони граѓани со право на гласФотографија: picture-alliance/dpa

Холандија и Велика Британиија беа првите две земји од 28 членки на ЕУ кои гласаа за европскиот парламент. Денеска гласаат Чесите и Ирците. Вкупно до недела се повикани околу 400 милиони граѓани со право на глас да го изберат новиот состав на европскиот парламент. Тоа се вторите по големина демократски избори во светот, по парламентарните избори во Индија. Во Германија и во повеќето други европски држави се гласа во недела. Германија воедно има најмногу 96 пратеници, потоа следува Франција со 74 пратеници. Луксембург, Естонија и Малта имаат најмалку пратеници - шест.

Партиите за овие европски избори за првпат именуваа кандидати за функцијата претседателот на Комисијата на ЕУ. За европските народни партии, група кон која припаѓаат и германските ЦДУ/ ЦСУ, се кандидира поранешниот премиер на Луксембург и екс претседател на Еврогрупата Жан-Клод Јункер. Водечки кандидат на социјалдемократите е Мартин Шулц од Германија.