1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Црната листа на САД со долги пипци

ДТЗ
18 јуни 2021

Се шири црната листа на САД насочена кон сите што работат против Договорот од Преспа. Последните најави од Белата куќа се дека со неа може да биде опфатена и Грција.

https://p.dw.com/p/3v9fb
Großbritannien Vor dem G7-Gipfel in Cornwall - Joe Biden, Präsident der USA
Фотографија: Patrick Semansky/PA Wire/dpa/picture alliance

Се шири црната листа на САД насочена кон сите што работат против Договорот од Преспа. Последните најави од Белата куќа се дека со неа можат да бидат опфатени и држави надвор од Западниот Балкан, вклучувајќи ја и Грција. Ова за Гласот на Америка го изјавил портпарол на Стејт департментот, одговарајќи на прашањето дали администрацијата на Бајден планира да ги прошири санкциите и кон лица од други држави, конкретно од Грција, која е потписник на Преспанскиот договор, поради што и подлежи на одредени обврски за негова имплементација.

-повеќе на темата: Малески: Теоретски, декретот на Бајден може да ни ја испразни политичка сцена

Извршната наредба 14033 дозволува санкции против оние што ја потценуваат стабилноста на Западен Балкан, каде и да се наоѓаат, под услов да ги исполнуваат релевантните критериуми за таргетирање, рекол портпарол на Стејт департментот.

Тој на почетокот на неделава истакнал дека одлуките за додавање нови имиња на црна листа се „предмет на внимателен, дисциплиниран процес, и важи само во најсериозни случаи“. На прашањето дали извршната наредба на Бајден опфаќа и граѓани кои јавно се спротивставуваат на Договорот од Преспа на социјалните медиуми, портпаролот тогаш истакнал дека намерата на САД не е да се спречат приватни лица да изразуваат мислење и оти САД охрабруваат силна дискусија и дебата меѓу граѓаните глобално и на Западниот Балкан.

Griechenland - Die beiden Außenminister Nikos Kotzias und Nikola Dimitrov, Alexis Tsipras und Zozan Zaev
Последните најави од Белата куќа се дека со црната листа можат да бидат опфатени и држави надвор од Западниот Балкан, вклучувајќи ја и Грција, коишто работат против Договорот од Преспа. Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis

Според него, „извршната наредба е алатка да се таргетираат оние што ја поткопуваат стабилноста на Западниот Балкан, и помага да се зацврсти основата за мир, безбедност и стабилност во регионот“. Извршната наредба се однесува на постапки кои ги потценуваат демократските процеси, на обиди за прекршување, опструкција или закана за имплементација на меѓународни мировни договори, учество во сериозна злоупотреба на човекови права, или корупција, меѓу други активности.

Декретот од 8 јуни

Претседателот на САД, Џо Бајден, на 8 јуни издаде декрет за земјите од Западниот Балкан со кој им се наложува на сојузните власти да ги стават на црна листа сите лица кои работат против клучните договори во регионот. Секое лице кое директно или индиректно го спречува или е закана за спроведување на Охридскиот рамковен договор, или за Преспанскиот договор, ќе се најде на црната листа на САД. Декретот го потпиша претседателот на САД, Џо Бајден им дава овластување на сојузните власти да блокираат имот и да им забранат влез на сите лица за кои администрацијата во Вашингтон ќе оцени дека работат на штета на клучните договори во регионот на Западниот Балкан и Северна Македонија.

-повеќе на темата: Реакции за црната листа: Ветер во грб за демократијата и казнување на криминалот

Потенцијалните злоупотреби и нарушувања се наведени во седум точки во декретот на Бајден. Па така, на црната листа може да се најде секој кој директно или индиректно ги нарушува мирот, безбедноста, стабилноста или територијалниот интегритет на земјите од Западниот Балкан. Понатаму, секој кој директно или индиректно се впушта во акции или политики кои ги нарушуваат демократските процеси и институции во регионот. Секој кој извршил или поддржал злоупотреби на човекови права. Секој кој бил вмешан, директно или индиректно, во корупција или поткуп, вклучително и владини претставници на сите нивоа. Третата точка од декретот ги наведува и сите договори во регионот кои САД ги сметаат за клучни, а чии противници и лица кои работат против нив ќе се најдат на црната листа. Освен Охридскиот и Преспанскиот, тука се уште и Дејтонскиот мировен договор, Резолуцијата 1244 на ОН, како и Хашкиот трибунал, и други.