1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Црниот сеизмички појас- голема опасност за Скопје

Н. Домазетовиќ12 септември 2016

Професорот Апостол Поцески уште во 2010 година предупредуваше дека Скопје е во опасност поради т.н. црн сеизмички појас, кој опфаќа делови од централното градско подрачје. И покрај тоа, се гради токму во опасните зони.

https://p.dw.com/p/1K0iP
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Црн сеизмички појас се протега од Кисела Вода, Стара железничка станица, Беко, Универзална сала, сѐ до Зајчев рид и Лепенец. Ова е утврдено по спроведувањето на студијата „Ефектот на почвата од скопскиот земјотрес во 1963 година“ направена во годините по катастрофата при испитувањето на составот на земјата во главниот град и нејзиното влијание врз градбите.

Авторот на студијата, Апостол Поцески, пензиониран професор на Градежниот факултет во Скопје, во 2010 година за весникот Дневник изјави дека на таа линија, во Скопје не би смеело да се градат висококатници.

Во големото истражување на составот на почвата и нејзината издржливост, по скопскиот земјотрес биле вложени сегашни милијарда долари, средства обезбедени од југословенската влада и донации од други држави. Се покажало дека целата скопска котлина лежи на чакал кој некаде е длабок, а некаде многу плиток. Токму таквите разлики во длабочината може да бидат кобни при земјотреси. Студијата на Поцески подоцна била објавена во едно од најугледните стручни списанија во Америка и публикации низ земјата.

Flash-Galerie Erdbeben Skopje Mazedonien 1963
Земјотресот во 1963 година го разурна Скопје до темел.Фотографија: AP

Во истражувањето идентификуван е т.н. црн сеизмички појас, кој Поцески го смета за голема опасност. Станува збор за процеп длабок 200 метри, почнувајќи од Кисела Вода, Стара железничка станица, Беко, Универзална сала, се до Зајчев рид и Лепенец. Според него, на оваа линија, во Скопје не би смеело да се градат висококатници. Поцески е видно вознемирен поради игнорирањето на овие податоци од страна на фелата, која ја обвинува дека не размислува на идните генерации и можните жртви во некој иден земјотрес во Скопје.

Тафталиџе најпогодно за градба

„Детално се знае каква е почвата низ Скопје и не мора да се прават нови испитувања. Затоа во сите нови урбанистички решенија мора да се земат предвид. Стручната јавност знае за испитувањата и за студијата, но намерно го премолчува тоа бидејќи веројатноста да се случи некоја нова катастрофа во скоро време е мала. Но, ова што се прави со градбите во Скопје е злосторство кон идните генерации. Нова катастрофа може да се случи за 100 години, ама луѓето сега не размислуваат за тоа бидејќи се чини далеку. Какви се овие луѓе што градат, не мислејќи на идните генерации?“ изјави Поцески за дневниот весник Дневник во 2010 година.

Серија земјотреси предизвикаа паника во Скопје

Според истата студија, утврдено е дека најпогодна за градба на висококатници е населбата Тафталиџе. Во тој реон и по земјотресот од 1963 година немало никакви урнатини и посериозни оштетувања на градбите. Тоа се должи на почвата која е составена од плиток чакал и тврда подлога – конгломерат. Професорот Поцески потсетува дека чакалот во Аеродром и Ново Лисиче и денеска тоне, поради што таму не треба да се градат згради повисоки од осум ката. Токму овие две населби во последните неколку години се соочија со масовна градежна експанзија.