Црно
20 август 2016Најтажната вест неделава доаѓа од итната седница на Собранието на Република Македонија по повод поплавите од 6 август 2016 во која животот го загубија 23 лица, а 5,000 семејства останаа со делумно или со целосно уништени домови. Владејачкото мнозинство на ВМРО ДПМНЕ и ДУИ изгласа дека нема ништо спорно со изградбата на налудничавите објекти по течението на реката Вардар, дел од проектот Скопје 2014.
Со тоа на седницата беше „поплавен“ и последниот мит дека градот Скопје и нашата Република сѐ уште се синоними за солидарноста, возвишеноста, благородноста и помошта!
Наместо 18-те милиони евра народни пари од Панорамското тркало да се пренаменат за настраданите во поплавите, пратениците на владејачката коалиција изгласаа дека сакаат продолжување на „изградбата на објекти и други градежни активности по течението на реката Вардар, а кои може да предизвикаат несакани промени во водостојот и текот на реките“!
Жртвите од поплавите паднаа во втор план, а медиумите соопштија дека помошта за настраданите делумно ќе дојде од Владата, а делумно од странски кредити по „поволни услови“ и дека семејствата на починатите ќе добијат по 3,000 евра, а поплавените семејства 500 евра! Панорамското тркало, Рајската градина и секојдневното преоблекување на објектите од центарот на Скопје во барок остануваат аксиоматска вредност број еден за раководните структури во државата.
Скопје 2014 на Груевски и козоморот на Колишевски
За објаснување овој тажен феномен, еве една приказна.
Во една епизода од култниот унгарски цртан филм Густав од 1970-тите, со наслов „Густав бои“ прикажан е главниот лик Густав, субверзивен нихилист во интимна битка со сиот свет, како се буди едно утро и забележува дека копчето од манжетна е со избледена буква. За да ја „поправи“ грешката, Густав со црна боја ја премачкува буквата, но неколку капки од бојата паѓаат врз масата. Во опсесивноста Густав ја бојадисува масата во црна боја, а потоа по истиот принцип следи бојадисување на ноќната ламба, фотелјата, тепихот, ѕидовите, потоа на сликите, вратата, полиците и таванот. Кога конечно завршува со станот и оди кон метрото, на свое запрепастување сфаќа дека на улицата оставил црни дамки, па со црна боја ја обојува целата улица. Последните секунди од филмот ја даваат мапата на градот, каде опсесивниот неуротик ги обојува една по една сите населби, така што во нив нема ниедна грешка, а последната секунда од филмот ја дава мапата на Будимпешта, целата во црно.
Суштинската лекција од цртаниот филм за Густав е во сатирата за психо-динамиката на автодеструктивниот бес на автократот. Ниедна зграда не смее да остане како што била некогаш! Сите мора да бидат обновени, дури и кога обновата подразбира да бидат сосема изгорени, црни. Или, во нашата верзија, барокни, значи „постари“, но така што ќе бидат всушност „подновени“! Цртаниот филм го дава на показ ироничниот тон на теророт на лидерот кој додека ја актуализира апсолутната слобода, истовремено ја укинува слободата за секој кој бил пред или ќе биде по него, токму така како што поранешниот премиер, а сегашниот лидер на владејачката партија ја сфаќа „дневната соба“ на нацијата - главниот град Скопје. Се’ што води кон остатоците од „некогаш“ треба да бидат прекриени, сите тие непристојни спектрални видови што се појавуваат како сеништа од „некогаш“ да ги нема, секоја зграда да биде пресоблечена! Сега е време за Новото, за Партијата. Слично како во комунизмот, впрочем, и затоа не еднаш пишуваме дека ДПМНЕ на Груевски е суштински врзано за опсесијата со комунистичкото владеење. Нема ништо различно помеѓу начинот на кој Груевски го сфаќа Скопје во 2010-тите и начинот на кој Колишевски ја разбирал Македонија во 1940 и 1950-тите кога го предизвикал познатиот козомор во Република Македонија.
Станува збор за истата операција на претворање на стариот материјал во „нов“: материјалното добива негативен статус, не постои „позитивно“ повластена материја, сѐ што стои на патот на новата Партија, мора да се исчисти.
Поплавите не го запреа барокното преоблекување и сечењето зеленило
Секако, овде зборуваме за метафората на опсесијата, на лудилото и на општествениот инженеринг на новото. Во цртаниот филм за Густав иронизирана е метафората за водачот и неговата потреба да го унифицира просторот на начин што главниот анксиозен лик конечно ќе се почувствува во тој простор како во својата „дневна собата“.
Од т.н. „бомби“ на опозицијата, веќе знаеме дека креаторот зад Скопје 2014 е Груевски лично и неговите „туристички“ поимања за разликите помеѓу барокот и неоклацизизмот. Но, исто така, се’ што е во функција на прекројување на главниот град е добредојдено.
Новите објекти не треба да се адаптираат на веќе постоечките, напротив - тие треба да се скријат и да се пречкртаат, а најдобро е да заличат на една „унифицирана целина“! Нема тој ништо против унифицираноста, напротив, разликите се тие што му пречат, а унифицираноста во неговото поимање на естетиката е унификацијата на „старите стилови“ до ново совршенство на новиот свет. И при тоа ниту катастрофите не се пречка „проектите“ да се одвиваат непречено!
Забележете дека само во последните две недели по катастрофалната поплава од 6 август со човечки жртви и материјални штети од огромни размери, во државава на никаков начин не беше спречено изведувањето на проектот на налудничавото преоблекувањето на редици објекти од главниот град во барок! Ниту пак поплавите го запреа сечењето на зелените површни во градот. Еве најмалку 10 медиумски информации само од овие две недели, во кои власта на никаков начин не ги запрела активностите околу Скопје 2014 и сечењето на зеленилото, по поплавите!
1) Вчера, на 18 август општина Карпош за 400,000 евра продала 18,000 квадратни метри зеленило од т.н. Парк на толеранцијата за изградба на нова приватна болница што ќе се крене веднаш пред веќе постојната специјална болница „Филип Втори“.
2) Два дена пред тоа, на 16 август Владата најавила нов пешачки мост, а четврти по ред од проектот Скопје 2014 на реката Вардар, инаку сите мостови на оддалеченост од 250 метри, што ќе би ги поврзувале локациите на „Дрводекор“ и Плоштадот „Пресвета Богородица“.
3) На 16 август, градот Скопје го потврдил договорот да пресоблекување на предната фасада во барок на објектот бр. 32 на улица Македонија (објектот познат под името „Палома Бјанка“) за што би биле потрошени дополнителни 1.1 милион евра народни пари.
4) Еден месец порано бил потврден договорот за ставање барок на објектот бр. 40 на улица Македонија, инаку зграда изградена во 1911 година.
5) На 14 август, во време на најакутната грижа околу загрозените поплавени подрачја било известено дека е завршена изградбата на неокласицистичка палата под името „Лазар Поп Трајков“ кај хотелот „Бристол“ во центарот на Скопје, за што биле потрошени 14 и пол милиони евра народни пари, и бил исечен парк во центарот на градот.
6) Во паркот на МОБ информирано беше дека е при крај изградбата на шесткатната зграда во вредност од 10,1 милиони евра народни пари.
7) Два дена порано, на 12 август, а четврти пат обновен е отпорот на жителите на Тафталиџе 1 започнат уште во мај против изградбата на зграда во локалниот парк, за кој одобрение дала општината Карпош. Оваа општина се јавува и како нарачател на градба на плоштад на зелена површина во населбата Карпош 4 во вредност од 290,000 евра на што со месеци се противат граѓаните на Карпош 4.
8) Два дена порано, а четири дена по катастрофалните поплави, на 10 август, на плоштадот Македонија бил поставен споменик од проектот Скопје 2014, изработен и донесен од леарница во Фиренца.
9) На 9 август, три дена по катастрофалните поплави, турската компанија Лимак на која државата во 2012 и’ продала огромна градежна парцела за 3,3 милиони евра кај старата Железничка станица во Скопје изјавила дека освен подземна сообраќајница, ќе изгради и модерен надземен комплекс со згради и до 20 ката.
10) На местото на некогашниот парк со дрвја било известено дека веќе се привршува изградбата на т.н. „Палата на Зевс“ дел од проектот Скопје 2014, карши хотелот „Бристол“, кој се гради веќе три години и чини околу 17,4 милиони евра народни пари.
Чуму Панорамско тркало, чуму Рајска градина?
Со најмалку 70 објекти само од централното скопско подрачје подложни на преоблекување на зградите во барок, Република Македонија во моментов е феномен незабележан во ниедна земја и во ниеден главен град во Европа од распаѓањето на Берлинскиот ѕид во 1989 година до денес.
Каков е овој тип опсесија со фасадноста која треба да ја крие шокантната валкана реалност на недостаток од елементарна хигиена и градска култура, сигнализирана и со поплавите од 6 август? Додека нашата земја ја нема уредено најосновна канализациска инфраструктура за безбедноста на граѓаните, само во последниве две недели сведоци сме дека режимот преживува со едноставното бегање назад во лудилото, во дисконтинуитетот од реалноста.
По поплавата од 6 август веќе не станува збор само за стравот дека проектот Скопје 2014 е многу корумпиран, туку дека е и потенцијално опасен за животот на стотици и илјадници граѓани во Скопје. И додека проектот ги има сите елементи на трипартитниот Веберовскиот модел на кој почива современиот капитализам (1. оддава дух на претприемачки проект, 2. оддава идеја на „организираност“ и 3. игра на картата на „мноштвата на проекти“, божемно независни идеи, кои всушност само паразитираат зад туристичката „визија “ на лидерот), во исто време во туркање на Скопје 2014 по секоја цена не зборуваме веќе само за опсесивната потреба од чистење на стариот санитарен вишок идеологија, туку зборуваме за едноставно преживување! Тоа е и одговор на прашањето: а чуму Панорамското тркало? Според описот, на тркалото може да се вртат 300 луѓе во 30 гондоли на 73 метри над брегот на реката Вардар. Зарем е тоа примарно за граѓаните? Чуму Рајската градина? Во неа според „проектот“ ќе има скулптури, фонтани, езера, мостови, педалинки, коњи, елени, зајаци, пауни, фазани, можност за јавање на коњите и за изнајмување на островот.
И овде зборуваме и за фактот дека на само седум и пол километри од „оазата“ што лидерот ја замислил во своите туристички фантазмагории, нашите сограѓани од Стајковци, на пример, ќе треба да цапаат во калта и фекалиите на своите уништени домови со 500 евра компензација од државата за немањето соодветна инфраструктура. Некои од нив до крајот на своите животи нема да заборават дека ги загубиле свои најсакани во обичен пороен дожд! Тогаш за каков темелен распад на основната етика зборуваме овде? Како некој да јава на коњ кога некој на седум километри тагува? За какво претворање на човечкиот материјал во дијаболичен зборуваме овде? И кој од нас бара да се претвориме во овие мизерни човечки битија? Одговорот е дека тоа го бара лидерот на идејата за новата „комунистичка“ Македонија, понова од некогашната комунистичка Македонија, лидерот на новите „Игри на гладта“ и на идејата на апартхејдот (вклучените наспрема исклучените), како база за владеење со сите нас.
Еднаш како историја, а вторпат како фарса
Антрополозите велат дека секој регион си има свој зналец, кој кажува каде се гради куќа, мост, тврдина. А каде не! Скопје 2014 е изградено наспроти тие знаења!
По скопскиот земјотрес од 1963 година, деталниот урбанистички план за Скопје е изработен од водечките светски архитекти и урбанисти на тоа време, а усвоен е во ноември 1965.
Мастер планот на градот Скопје од 1965 се состоел од само пет основни принципи: 1) Скопје е дисперзиран град, 2) Реката Вардар го спојува градот, 3) Тврдината Кале е највисоката точка на градот, 4) Скопската чаршија го спојува градот, 5) На левиот брег од реката Вардар не се градат високи градби.
Забележете дека од петте точки, само последната е базирана на принцип на исклучување (што не треба да се прави), толку високо била проценета опасноста од подземните води што била вклучена во најбазичните основи за развојот на Скопје. И забележете дека мастермајндот зад Скопје 2014 не само што не ги познава овие принципи, туку и покрај илјадниците укажувања од експертите веќе пет години се обидува да направи „нов град“, наспроти истите принципи. Забележете исто така дека на левиот брег на реката Вардар денес се сконцентрирани повеќето од објекти од Скопје 2014. Погледнете ги старите цртежи и слики на градот Скопје, левиот брег од реката е празен или со ниски градби – една од претпоставките е затоа што не го издржуваат тестот на времето. Во 2016 година, ако најмел јапонски архитекти, секако Груевски би можел да нарача да му изградат и пет стокатници на самиот лев брег на реката Вардар и да се нишаат ако треба, но за тоа ќе требаат некорумпирани пари, некорумпирана идеологија, одвојување од локалните олигарси, замрзнување на земјата, професионалци, и.т.н. Се’ што Скопје 2014 не е!
Во моментов пак, сѐ поизвесно е: Скопје 2014 во годините што следат ќе пропаѓа под забот на времето, а објектите на левиот брег на реката Вардар нема да го издржат предизвикот на времето. Скопје лежи на подземни води.
Затоа акутно прашање е зарем Панорамско тркало нема дополнително да го загрози коритото на реката Вардар? Ако навистина во подрумските простории на Археолошкиот музеј во Скопје избила вода, иако веста беше негирана, зарем не е ред за независна експертиза за состојбата на зградите од тој дел на реката Вардар? А додека почекаме на оваа политичка и безбедносна зрелост, следното прашање е: дали сепак мора да се гради барокното Панорамско тркало заедно со уште еден (петти по ред) мост на реката Вардар, помеѓу Камениот мост и мостот „Гоце Делчев“? Кога лудилото ќе запре? Кога некој ќе рече дека е доста? И дали историјата навистина мора да се повторува? И дали ако се повторува, тоа секогаш мора да биде според формулата: еднаш како историја, а вторпат како фарса?