ЦСУ сакала да влијае врз телевизијата ЗДФ?
25 октомври 2012Телефонскиот повик на портпаролот на Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) Ханс Михаел Штреп во телевизијата ЗДФ во неделата (21.10) предизвика возбуда во јавноста во Германија и повторно отвори дебата за слободата на печатот и медиумите во земјата. Веќе самото сомневање дека некој сакал да се меша во слободното известување предизвика големи бранови, поради тоа што слободата на печат е висок принцип кој треба да се одбрани во секој случај. Штреп, во меѓувреме, како последица на скандалот поднесе оставка на функцијата портпарол на ЦСУ. Партискиот лидер Хорст Зехофер одговорил позитивно на неговото барање да биде ослободен од должноста.
Весникот „Зиддојче цајтунг“ напиша дека Штреп се обидел да спречи извештај на ЗДФ во неделата вечерта за партискиот конгрес на баварските социјалдемократи (СПД) во Нирнберг. Весникот се повикува на извори во телевизијата.
Генералниот директор на ЗДФ д-р Томас Белут денеска соопшти: „Интенцијата на повикот беше јасна. За ЗДФ од одлучувачко значење е редакцијата да ја задржи новинарската независност. ЗДФ не дозволува политичко мешање и влијание врз програмата.“
Главниот уредник на ЗДФ, д-р Петер Фреј, исто така соопшти: „Портпаролот на ЦСУ во неделата се обиде на различни начини да изврши влијание врз известувањето на ЗДФ за друга партија. Редакцијата на вестите извести како што беше планирано за партискиот конгрес на СПД и ја зачува својата новинарска независност.“
Баварското радио Бајерише Рундфунк денеска (25.10) јави дека Штреп се информирал за плановите за известување од конгресот на СПД и во првиот канал на јавниот радиодифузен сервис АРД.
Лидерот на Христијанско-социјалната унија, која инаку е доминантна во покраината Баварија и е помал коалиционен партнер на ЦДУ на Ангела Меркел, Хорст Зехофер, денеска уверуваше дека случајот ќе се расчисти најбргу што е можно, но додаде дека Штреп му рекол оти случувањата не биле онакви како што се претставени во јавноста.
Опозиционите социјалдемократи и зелените бараат детално расчистување на случајот и повлекување консеквенци. Томас Оперман од СПД за „Шпигел“ изјави дека Зехофер ќе мора да се извини кај ЗДФ и јасно да каже дека „слободата на печат важи и во Баварија“. Според Оперман, од случајот на претседателот Кристијан Вулф, кој исто така се обиде да интервенира во весникот „Билд“, требало да се извлечат поуки. Фолкер Бек од редовите на Зелените пак, за АРД изјави дека е „шокиран“. Здружението на новинарите во Германија ДЈВ соопшти дека постапката е скандалозна и бара заострување на правилата против влијание на политика во јавниот радио-дефузен сервис.