Чавков: Пратениците ќе имаат непречен пристап до парламентот
28 април 2017Разни планови се во оптек како да биде импресиониран од „гласот на народот“ еврокомесарот Јоханес Хан, кој утре напладне доаѓа во Скопје со тројцата европратеници - Иво Вајгл, Кнут Флекенштајн и Едвард Кукан. Утре во 12 часот е закажана и координативна средба во парламентот, на која треба да се утврди предлогот за состав на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, што ќе биде основа за продолжение на конститутивната седница на Собранието. Двата настана од висок политички профил, станаа повод за народна мобилизација „на 200.000 луѓе“ од страна на иницијативата „За заедничка Македонија“. Нејзини поддржувачи во говори во изминатите денови повеќепати изјавуваа дека „пратениците можеби ќе влезат во Собранието, но прашање е дали ќе излезат“.
Полицијата - на потребното професионално ниво
Ваквите и слични повици ќе го стават на тест обезбедувањето на јавниот ред и мир и односот на МВР во насока на превенирање и спречување какви било блокади на законодавниот дом. Директорот на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, за Дојче веле тврди дека „како и досега, така и утре полицијата ќе биде на потребното професионално ниво за обезбедување на јавната безбедност“.
„Во МВР функционира штаб кој непрекинато заседава и ги следи сите информации. Полицијата презема оперативни планови согласно тие информации и безбедносни проценки. Врз таа основа ги димензионираме персоналните капацитети и материјално-техничките средства“, вели Чавков.
На прашањето - дали полицијата гарантира дека пратениците нема да бидат оневозможени да влезат или да излезат од Собранието, со оглед на разни најави дека учесници во протестот ќе ги блокираат приодите во законодавниот дом, Чавков е дециден: „Сигурно е дека пратениците ќе имаат безбеден и непречен пристап во парламентот!“
Тој подоцна беше недостапен да го коментира соопштението што во меѓувреме било испратено до неколку медиуми, а насловено како „Изјава од одржаните состаноци на синдикатот на Единицата за брзи интервенции 'Лавови'“, која е одамна расформирана. Во изјавата, од синдикатот го повикуваат претседателот Иванов да го повика амбасадорот на Албанија и од него да побара јавно извинување за мешањето во внатрешните работи на РМ и итно отфрлање на Тиранската платформа, а во спротивно амбасадорот веднаш да биде протеран.
„Албанските партии да престанат со националистичка реторика и да се свртат кон соживот и почитување на Уставот и законите во Република Македонија и да се откажат од утопистичката идеја за Голема Албанија. Треба да знаат дека унитарноста и независноста на државата со живот ќе ја браниме. Бараме од македонските политички партии да седнат на заедничка маса и да ги прецизираат црвените линии во однос на македонските национални интереси и за правата на етничките заедници во Република Македонија. Им порачуваме на политичарите дека ќе спречиме братоубиствена војна и поделба на државата заради политички цели и интереси“, се вели во изјавата.
Хан ќе разговора само со лидерите
Паралелно со вакви повици, средношколци од Битола и Охрид уште од денеска ги организираат своите соученици да ја прекинат наставата и да излезат на протести, а мобилизација на граѓаните вршеле и месни партиски комитети. Но, според извори на ДВ, целта била што помалку да се види организациски пристап од страна на партија, така што бројот на ангажирани автобуси бил сведен на мал број, а заложбите биле одзивот да се реализира со приватни возила и редовен автобуски или железнички превоз. До попладнето не беше спомнат нов термин за почеток на протестот.
Она што е извесно, е дека утре средбите на еврокомесарот со лидерите на партиите ќе почнат од 12.40 часот. Првата средба ќе биде со лидерот на ДПА, потоа со Беса во 13 часот и со Алијанса за Албанците од 13.50. Средбата Хан-Ахмети е планирана за 14.55, со Заев во 16.10 часот, а со претседателот Иванов во 17.45. Потоа е предвидена средба на Хан со претседателот на Собранието, доколку биде избран дотогаш. Последната средба во 20.15 ќе биде со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, по што во 21.45 часот еврокомесарот ќе даде изјава за медиумите.
Еврокомесарот утре нема да се сретне со претставници на иницијативата „За заедничка Македонија“, кои вчера побараа средба за да му ги пренесат нивните ставови. Портпаролката на ЕК, Маја Коцијанчич, потврди дека Хан добил понуди и за други средби, но тој и тројцата европратеници ќе се сретнат само со претставниците на политичките партии.
„Ние се обидуваме да се сретнеме со што е можно повеќе соговорници, вклучително и со претставници од граѓанското општество. Но, овојпат комесарот Хан ќе се сретне само со политичките претставници, бидејќи неговата агенда не дозволува повеќе“, изјави Коцијанчич.