1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Депониите - најголема главоболка за граѓаните

ДТЗ
25 јуни 2021

Граѓаните поднеле 311 претставка за загадување на воздухот. Најмногу пријави има од граѓаните на Скопје, а најмалку во Пелагонискиот и Североисточниот регион.

https://p.dw.com/p/3vXiS
Nordmazedonien | Luftverschmutzung in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

311 преставки пристигнале досега на онлајн платформата на Државниот инспекторат за животна средина од граѓани, кои што се жалеле на загадување во средината во којашто живеат. Граѓаните го користеле сите можни канали за да стапат во контакт со инспекторите и да ги информираат за црните чадови или за лошата миризба којашто се ширела во нивниот град. Претставки биле поднесувани и на Фејсбук страната на инспекторатот, преку веб-страницата, а дел од револтираните граѓани праќале и имеил пораки за да известат дека нешто чудно мириса во воздухот.

„Само мал дел од пријавите се лажни - 27 од 311“, вели за ДВ Ана Петровска, директорката на Државниот инспекторат за животна средина.

Палење на отпад

Депониите и палењето на отпадот стануваат најголем кошмар за македонските граѓани. Проблемот особено е загрижувачки во текот на летото, кога црниот чад од депониите ги одзема и последните резерви кислород во поголемите градови. Ситуацијата особено е загрижувачка во попладневните часови.

Деновиве бројни граѓани пријавуваа дека црни чадови од оган повторно се шират во попладневните часови во одредени делови на главниот град Скопје, во близина на поранешната депонија Вардариште. На повеќе мерни места, деновиве бројките покажуваа загадување повеќе од 100, а максимално дозволената концентрација е 50.

-повеќе на темата: Не се дише во повеќе македонски градови, прашина од Сахара енормно го загади воздухот 

Од Инспекторатот за животна средина велат дека ги следат предупредувања за појава на загадувачи во главниот град. Откако на социјалните мрежи се споделуваа фотографии на чад којшто се шири во близина на некогашната депонија Вардариште, Петровска за ДВ деновиве изјави дека се запознати со проблемот, којшто трае веќе подолго време. Таа најавува координација со повеќе институции, кои со полициска асистенција ќе се обидат да најдат решение за загадувачите. Се размислува за воведување контроли и полициски патроли на „жариштата“ каде што е детектирано дека најчесто се палат кабли.

Се загадуваат реки, се фрла шут насекаде

Но, не се само депониите проблем. Се загадуваат реки, се труе воздухот, се расфрла градежен и пластичен отпад каде што ќе се стигне – а сето тоа е причина за граѓаните да се пожалат до инспектрите и да бараат некој да го казни ваквото несоовесно однесување на поединци и фирми.

Leere Ölfässer in der Landschaft
Се загадуваат реки, се труе воздухот, се расфрла градежен и пластичен отпад каде што ќе се стигне.Фотографија: picture alliance/JOKER

Најмногу пријави за загадување има од граѓаните на Скопје, а најмалку во Пелагонискиот и Североисточниот регион. Па така, само во Скопскиот регион досега имало 103 пријави до инспекторатот, во Вардарскиот регион – 34, во Југозападниот регион – 35, во Југоисточниот регион - 25, во Пелагонискиот регион – 16, Североисточниот регион – 19, Источниот регион – 23 и во Полошкиот регион – 29.

-повеќе на темата: „Нѐ убиваат со загаден воздух“

„Најчесто добиваме преставки за диви депонии и горење на депонии (43), загадување на реки (36), загадување на воздух (97). Исто така, често добиваме претставки за прекумерна бучава, исфрлање на градежен шут, сечење дрвја и слично“, вели Ана Петровска, презентирајќи ги податоците од анализите на работата на Инспекторатот во изминатиот период.

Казни

Според неа, Државниот инспекторат за животна средина има излезено на терен на повеќе од поповината претставки (145), самостојно или координирано со овластен инспектор. 67 претставки се проследени до овластен или друг инспектор, бидејќи немало правна основа за постапување на ДИСЖ.

-повеќе на темата: Фрчат казни и пријави- загадувачите си тераат по старо

Според надлежните изречени се повеќе казни, а ефекти дава и алатката за пријавување на загадувањето, со која полесно се откриваат сторителите. Па така, издадена е привремена забрана за работа на една асфалтна база, издадени се платни налози и наредено е отстранување на отпади што работеле без дозвола. Исто така, изготвен е записник за спогодување со свињарска фарма, издадени се голем број решенија со задолжувања да се применат мерки за намалување на загадувањето.

Од Инспекторатот велат дека бројот на преставки е зголемен, а доказ за тоа е зголемениот број вонредни надзори. Минатата година во просек имало 12 вонредни надзори месечно, а годинава околу 30 (спроведени 153 вонредни надзори до 22 јуни 2021 година.