1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Чекајќи да зазори 12 септември

9 декември 2021

Кај Македонците и Албанците, војната против теророт израсна во индустрија на клиентелизам и култура на целосно игнорирање, подривање и рушење на сите полуги на системот и општеството. Пишува Арсим Зеколи

https://p.dw.com/p/441Qq
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Америка повторно минува низ критичко преиспитување на сопственото минато. Слично со претходните епизоди на осврти кон ерата на робовласништвото, борбата за граѓански права, војната во Виетнам, САД веќе подолго веме се осврнуваат кон темните петна од војната против тероризмот започната по терористичкиот атак на 11 септември 2001година. Како и обично, преиспитувањето за и против теророт започна со новинарски белешки на Сејмур Хирш, следено од редица книги, конгресни истраги и серијал хит-филмови за мрачните агли на борбата против теророт. Америка останува доследна на традицијата на самопреиспитување во процесот на градење „сѐ посовршена унија” во која „доброто во Америка го заздравува лошото во Америка” (Клинтон) докажувајќи повторно и повторно дека „Америка е доволно голема за да си ги признае сопствените грешки” (Дајен Фајнштајн). Некој ќе каже, „сѐ е тоа Холивуд”. Но доколку е толку лесно, обидете се да најдете арапски филм за егзекуцијата на Џејмс Фоли.

Македонски епизоди

Дали и Северна Македонија има сопствени нечесни епизоди од борбата против тероризмот? Доколку го користиме американскиот модел, нашите темни петна од тој период се случајот  Ел Масри,  ладнокрвниот масакр на сиромашни пакистански бегалци и третман на затвореници осомничени или обвинети за поврзаност со тероризам. Но она кон што помалку се имаме осврнато се нус-ефектите, последиците, реперкусиите од манипулацијата со  борбата против тероризмот  врз поширок спектар на односи во земјата и општеството.

Гледано наназад, во поширок политичко-системски аспект, ефектот на 11/9 во нашиот контекст може да се смета како трауматично изнуден негативен пресврт на запирање на реформите во политиката, безбедноста, демократијата итн. Процесот на расчистување со комунистичкото наследство и агентурниот октопод, кој беше штотуку започнат во времето на владата на Љубчо Георгиевски, беше насилно прекинат со војната во 2001 година и сосема покопан како последица на нападот во Њујорк и новата реалност на борбата против тероризмот. Што во наш контекст, подразбираше враќање на „старите, докажани, проверени” кадри од доверба во безбедноста, политиката, медиумите, економијата. Следбениците на умерениот национализам кај Албанците и Македонците беа (донекаде взаемно, повеќе со интервенција на архи-комунистичкиот естаблишмент) елиминирани како радикално експоненти наклонети кон екстремистичко делување. Апетитот на западната дипломатија за автохтони, современи, етнички-оформени, умерени експоненти беше експресно заменет со глад за полуписмени, агресивни, насилни, криминализирани, маалски експоненти на послушништво, доушништво, интрига во размена за влијание, моќ и многу, многу пари. Таквите беа педантно распределувани низ албанските партии и користени од македонските како „прифатлив муслимански супститут за неприфатливиот албански национализам”. Тоа е генерацијата на ситни ембриони од кои ќе се формира последователната класа на денешната стабилократија. Тоа е коренот и на сегашните, тековни партиски интриги во македонскиот и албанскиот партиски микрокосмос.

Индустрија на клиентелизам

Во тој период, Албанците (посебно доминантниот секуларен дел на населението) беа принудени повторно да се соочат со феномени за кои мислеа дека се дел од минатото. Во сосема поинаква амбалажа, со поинаква аргументација, но со исти последици, Албанците повторно дојдоа лице во лице со искуствата од комунистичките 80-ти, старите врази на етно-религиско профилирање, социјална уцена и идео-политичка диференцијација. Но сега со западен шмек и во име на одбрана на демократијата и западните вредности. И повторно, како и во последните години на комунизмот, Албанците мораа први да ги осетат ексклузивните последиците на новата пракса пред истата да стане општо присутно правило со општо присутни последици. Кои денеска ги живееме. И во чии технологии и стратегии се кријат корењата на денешната апатија и безизлез.

Други колумни од авторот: Балван Еволуција: Сојузи на српски, албански и бугарски oпштини

Кај Македонците, 11/9 беше можност преку религијата да се компензираат изгубените етнички или идеолошки позиции пред западната заедница. Кај Албанците, 11/9 беше можност марксистичкото левичарство да се понуди и прифати како помало зло во споредба со (реалното или предрасудно претставено) конзервативно, исламистичко, националистичко милје. За Македонците тоа беше можност повторно да ја вратат аргументацијата за „одбрана на христијанска Европа”, за Албанците шанса преку апсорбирање на религиозните струења во сопствената агенда да се прикажат како „чувари на демократијата и прогресивноста”. Кај едните и другите, војната против теророт израсна во индустрија на клиентелизам и култура на целосно игнорирање, подривање и рушење на сите полуги на системот и општеството, согласно партиските, клановските или лични интереси. Сѐ додека таа мимикрија на „чување на демократијата во зимска сезона” не израсна во комплексен, инертен, самодоволен, опортунистички апарат на политичка автократија и државен криминал.

Соборец од доверба”

Од тој комплексен преплет на реални потреби, дневно-политички експлоатации, политички манипулации и разузнавачки махинации се изроди една чудна, неприродна појава со далекусежни последици. Зборот ми е за здружената одбојност на етно-македонскиот етсаблишмент кон етно-албанската претставителност и зачудувачка широкоградост кон религиското здружување на Албанците муслимани. Во чекор следена од интегристичкиот монопол врз албанството и толеранцијата за инкорпорирање на религиските кланови во рамките на партијата на Ахмети и дериватите кои ќе се изродат од неа. Под плаштот на борба против  исламистичкиот радикализам  или во име на екуменско братимење, македонскиот и албанскиот естаблишмент обилно ја користеа паранојата на западот од исламскиот фундаментализам, претставувајќи се себе или како „соборец од доверба” или пак како „модел на кохабитација”. Притоа умешно експлоатирајќи ја истата во полза на сосема приватните амбиции на елиминирање на ривалските струења во општеството или подривање на конкретни ликови оценети како загроза по ексклузивноста врз правото за владеење ии претставителност. Парадоксално, но вистинито, во сенка на таквата „одбрана и заштита” се обезбеди привилегиран процут на про-религиските партии, концептот едно-општество одбележано со доминација на екстремно-радикални религиски ликови, цунами на криминогени дружби во владејачката албанска партија и брутална чистка на либерал-урбаните струења кај Албанците со интензитет не помал од чистките во 80-тите години. Подеднакво низ домашните институции, политички партии и посебно низ западните амбасади во Скопје.

Други колумни од авторот: Несреќи? Или убиства од небрежност

Самиот напад од 11/9, па ни самата борба против тероризмот и политиката на САД во тој период, не може да се сметаат како директно одговорни за последиците кои ќе уследат во текот на годините кои ќе следат. Притоа, во најголем дел, манипулациите кои ќе уследат се сепак домашно генерирани и попатно поддржани од западните фактори според принципот „колатерална штета во име на поголеми цели”. Но тоа сепак не ја намалува и нашата и нивната одговорност во согледување на последиците во вид на тивка, систематска, метастаза на ерозијата на безмалку сите аспекти на политиката, општеството, економијата, парламентарната демократија. Сѐ додека се толерира предрасудата на едните и ексклузивитетот на другите, манипулацијата со претставителноста ќе продолжи да ја еродира секоја прогресивна агенда и ги обесмислува реформските зафати.

Решението не е во процедурите. Решението, како што потврдува американскиот пример, лежи во сонцето на јавноста, најдобриот дезинфектант за сите манипулации, подметнувања и интриги родени и водени во комформот на сенката. Евидентно, тоа сонце на новото утро на 12 септември веќе се роди во Америка. Ќе треба многу време и Америка и Северна Македонија да увидат дека ние сеуште талкаме длабоко низ ноќта меѓу двата дни. Ќе осамне ли некогаш 12 септември и кај нас? Хм, да. Не баш.

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач