1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Четврт век од почетокот на опсадата на Сараево

Самир Хусеиновиќ
6 април 2017

Почетокот на април 1992 година Сараево ги памети по случувањата кои го означија почетокот на војната. Сеќавањата на учесниците на тие судбоносни случувања не бледеат ни 25 години подоцна.

https://p.dw.com/p/2amA2
25 Jahre nach dem Kriegsbeginn in Sarajevo
Фотографија: DW/S.Huseinovic

Хроничарите забележале дека екстремистите и симпатизерите на Српската демократска партија (СДС) на 4 април поставија барикади на приодите кон Сараево и го блокираа сообраќајот на подрачјето на населбата Грбавица. Снајперистите на СДС, како што тврдеа припадниците на Министерството за внатрешни работи на тогашната Република БиХ, ги запоседнаа позициите во објектите над Врбањ мост, денес мост на Суада и Олга.

Демонстрациите на 5 април

На 5 април 1992 во Сараево беа одржани антивоени демонстрации на кои присуствувал и Неџад Ахатовиќ. Тогаш имал 15 години. „Тоа беа демонстрации за мир на кои граѓаните на Сараево бараа од ЈНА и СДС да ги тргнат барикадите од улиците. Десетици илјади луѓе на демонстрациите се спротивставија на војната. Се сеќавам дека неколку јавни личности одржаа многу емотивни говори повикувајќи на мир, но тоа не ги спречи снајперистите на СДС од блискиот хотел Холидеј Ин да пукаат врз граѓаните“, вели Ахатовиќ за ДВ.

Со граѓаните на Сараево тој ден беа и познатите актери Јосип Пејаковиќ и Раде Шербеџија
„Овој народ го брани сопствениот живот, граѓанскиот живот, цивилниот живот, својата слобода и животот на своите деца“, рече тогаш Шербеџија, видно потресен од случувањата пред парламентот на БиХ.

Bosnien Sarajewo Krieg
Децата беа први жртви на војната во БиХФотографија: picture-alliance/dpa

Први гранатирања

„Демонстрантите потоа од платото пред парламентот на БиХ се упатија кон Врбањ мост, а потоа повторно следеше пукање. Српските екстремисти пукаа од објекти од левата страна на реката Миљацка, од правецот на некогашната зграда 'Димњачар“, и на мостот беа убиени Суада Дилберовиќ и Олга Сучиќ. Тоа беа првите жртви на војната во Сараево“, вели Неџад Ахатовиќ. Истиот ден паравоените формации на СДС и ЈНА почнаа да го гранатираат Сараево, а првите гранати на приградските населби беа испукани од српските позиции на Лапишница, Борија и Требевиќ. Градот го надлетуваат борбени авиони на ЈНА, отворајќи оган врз објекти од витално значење. ЈНА го уништување телевизискиот репетитор на ридот Хум во Сараево и зградата на Радиотелевизија БиХ.

Сузана Ѓозо во тоа време била уредник во Радио Сараево. Како многу граѓани на Сараево и таа мислела дека сето тоа брзо ќе помине.

„Утрото отидовме во Башчаршија да ја видиме штетата. Врз станот на мојата колешка Ениса Аљушевиќ паднала граната. Старите продавници беа искршени. Не можев да верувам дека тоа му се случува на мојот град, иако тогаш веќе беа нападнати Бјелина, Босански Брод, и градовите на Дрина. Ги убиваа Бошњаците, но мислев дека сето тоа е далеку и не може да се случи тука во Сараево. А потоа војната почна и во нашиот град“, вели Ѓозо за ДВ.

Сараевските деца

Во Сараево во текот на војната загинале или биле убиени повеќе од 11.500 луѓе. Силите на „босанските Срби“ (поранешната војска на Република Српска и МВР на РС) лојални на Радован Караџиќ во главниот град на БиХ убија 1.600 деца. „Нашите деца беа убивани плански и целно“, вели за ДВ претседателот на Здружението на родители на убиените деца во Сараево, Фикрет Грабовица. „Од 1.600 убиени деца секое десетто било убиено со снајпер. Јасно е дека оној кој пука од снајпер знае точно во кого пука“, вели Грабовица.

Sarajevo Zerstörung
Гранатирање на Сараево во август 1992 годинаФотографија: Manoocher/AFP/Getty Images

Една од првите жртви бил и 16-годишниот Самир Мишиќ, ученик во Полициската школа. И тој е убиен на 5 април 1992, за време на нападот на српските паравоени формации врз училиштето во Враца. Во нападот учествувале и тенкови на ЈНА. На 6 април 1992, ЕУ и САД ја признаа независноста на БиХ. Истиот ден, српскиот паравоени формации почнаа со отворени артилериски напади врз Сараево.

Злосторство и казна

„Во април и мај 1992 година, силите на Караџиќ на сараевското боиште ангажираа преку 15 илјади луѓе“, вели човекот од почетокот на оваа приказна, а денес професор по одбрана и безбедност Неџад Ахатовиќ.
„На почетокот на војната, српските паравоени сили и бивша ЈНА на еден километар од сараевскиот фронт имаа околу 35 орудија. Најголемата концентрација на орудија во историјата на војувањето е забележана во битката за Берлин 1945 година кога руските сили на еден километар имале по 25 орудија“, вели Ахатовиќ.
По војната, Меѓународниот суд на правдата за поранешна Југославија правосилно осуди многу војници и офицери на Војската на Република Српска за воени злосторства, вклучително и оние сторени во Сараево во текот на опсадата. Меѓу нив се и некогашните команданти на Сараевско-романискиот корпус Станислав Галиќ, кој е осуден на доживотен затвор, и Драгомир Милошевиќ кој издржува казна од 29 години затвор.
За најтешки воени злосторства сторени во Сараево во текот на опсадата 1992-1995 година, обвинети се и поранешниот претседател на РС, Радован Караџиќи командантот на армијата, Ратко Младиќ.Обајцата во Хашкиот затвор го чекаат крајот на судскиот процес и правосилните пресуди.

Den Haag Bosnien Niederlande Radovan Karadzic Internationaler Strafgerichtshof
Радован Караџиќ и други водечки воени и политички функционери на босанските Срби се обвинети за воени злосторства во ХагФотографија: picture-alliance/dpa/R. van Lonkhuijsen