1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Четничкиот маг- повторно во Хаг?

Драгослав Дедовиќ
11 април 2018

Искрено, Војислав Шешељ помалку ме разочара. Одамна нема направено ниту еден гаф, ниту еден инцидент, ниту една циркуска точка. Не е дека ми недостасува нешто такво. Но денес човек веќе не може на никого да се потпре.

https://p.dw.com/p/2vmcV
Den Haag - Vojislav Seselj
Фотографија: picture-alliance/dpa/V. Kuypers

Додуша, во Србија е тешко да се привлече внимание. Врескаат насловните на булеварските медиуми, претседателот секојдневно соопштува важни работи на своите канали, водителки со пискави гласови и прекуси здолништа се надвикуваат со гостите во емисиите од забавен карактер.
Ни на Шешељ не му е лесно. Некогаш беше доволно да го извади пиштолот пред парламентот или да започне приказна за за'рѓаните лажици, да опцуе како кочијаш во Хаг, па со неверување би го набљудувало и старо и младо. И противниците и поддржувачите.
А сега?
Сега на сцена стапуваат хашките правници. Непријатно е тоа што во сите сериозни правни системи првостепената пресуда подлежи на второстепено преиспитување. Не велам дека Хаг- кој ослободува генерали, проверени етнички чистачи, или паравојници кои ги ликвидираа сите сведоци на своите свињарии- целосно кредибилна институција. Но барем се обидува формално да си ја заврши работата до крај. Второстепената пресуда за Шешељ се очекува денеска (11.04.). Ослободителната пресуда од крајот на март 2016 треба да биде потврдена или отфрлена.

Свети Ѓорѓија или воен злосторник?
Шешељ веќе кажа дека правосилната пресуда не го интересира, бидејќи својата работа во Хаг ја завршил. Но, Шешељовата нова благост не треба да залажува. Доколку хашките судии го прифатат барањето на обвинителството и му одредат на Шешељ казна затвор до 28 години, многу брзо војводата повторно ќе стане радикалскиот Свети Ѓорѓија кој би сакал на копје, или некаков друг бодеж, да го набоде хашкиот змеј.
Тоа за него не е проблем, напротив. Нему на стари години недостатокот на солиден непријател му го загорчува животот и го претвора во обичен, потрошен српски политичар кој не знае кога да замине во пензија. Натегнувањето со Хаг Шешељ го гледа како свој придонес кон српската историја, па оваа нова епизода само ќе му даде можност да се врати во својата изворна плукачка луцидност.
Секоја пресуда, освен потврда на ослободителната, би имала непријатни последици за идиличните односи на власта и Шешељ. Особено ако судиите пресудат повеќе од 16 години. Бидејќи Шешељ веќе одлежа 11 години, а тоа се две-третини од 16, секоја пресуда која би останала под тој лимит би била индиректна потврда на ослободувачката пресуда. Но, Шешељ повеќе не би бил убиец на хашкиот змеј, туку осуден воен злосторник. Што нему би можело да му биде и сеедно, затоа што го признава само судот на својата партија.

Schriftsteller und Literaturkritiker Dragoslav Dedovic
Драгослав ДедовиќФотографија: Vohburger

Работата би се заплеткала дополнително доколку судиите се приближат кон барањето на обвинителството- или 28 години затвор или нов процес. Белград тогаш би имал обврска да го израчи Шешељ во Хаг. А војводата најави дека доброволно нема да оди. Бидејќи Србите, а особено оние наклонети кон напредњаците, сѐ доживуваат многу лично, Александар Вучиќ не би можел повеќе да остане само преобратен бивш радикал, туку би морал да го стори она што го направи и Ѓинѓиќ- да го испрати бараниот на пат со карта во еден правец. Бившите фанови на Шешељ, кои ги има доста во напредњачката целна група, би можеле да дојдат на идеја дека тоа е некој вид предавство, татко-убиство или некој сличен српски кумско-политички специјалитет. А тоа на Вучиќ нема да му се допадне.

Стабилноста на Вучиќ

Зарем не е индикативно тоа што две барани радикални лица не се израчуваат во Хаг, иако од Холандија уште во 2015 година стигна потерница со нивните имиња поради заплашување сведоци во случајот Шешељ? Кога претседателот ги чува ситните риби, не би било баш логично да го пушти низ вода сомот капиталец. Освен доколку политичката цена за неизрачување не биде поголема од онаа која би морал да ја плати доколку Шешељ биде повторно испратен во Хаг.
Доколку го погледнеме однесувањето на западните земји кога се во прашање принципите како владеењето на правото и слободата на медиумите, тогаш Вучиќ донекаде може да биде спокоен. Балканската бегалска рута ја чуваат стабилизатори на кои понешто им се прогледува низ прсти. А Вучиќ почесто од сите го изговара зборот стабилност. Додуша, за Србија би било непријатно ако повторно му стане јатак на некој хашки бегалец. Но зошто брзање? За тоа може подробно да се расправа и околу 2025 година.
Потврда на ослободувачката пресуда би им дополнително понижување на жртвите. Тие на своја кожа ги почувствуваа делата кои претходно беа најавени со тешки зборови. А најгласниот црн маг на убиствените, пресилни зборови, беше токму Војислав Шешељ. Но, на официјален Белград таквата пресуда ќе му донесе олеснување.
Иако во таквата формула е нешто наопаку поставено- тебе ти е добро кога на соседите ќе им се смачи- оваа математика многу добро функционира и тука и во соседството, уште од деведесеттите.