Чешка: Кампања а ла Орбан и офшор бизниси на Бабиш
8 октомври 2021Чешкиот премиер Андреј Бабиш е „тежок“ помеѓу четири и пет милијарди евра. Тој е еден од најбогатите луѓе во својата земја и живее луксузно. Но, претпочита да се презентира во јавноста како едноставен претприемач и адвокат на народот - љубезен, скромен, анти-елитен. Деновиве посети термоцентрала, разговараше со работниците. На враќање кон службеното возило, на Бабиш му се обрати истражувачка новинарка. Таа го праша дали навистина поседува офшор компании на Карибите? Бабиш не одговари на нејзините прашања, а неговите мускулести телохранители грубо ја турнаа новинарката и ја спречија да се приближи до премиерот.
Прунеров на североисток од Чешка: додека Бабиш завршува еден предизборен настап, медиумите почнуваат да објавуваат детали во текстови за „Пандора документите“. Судејќи според овие документи, Бабиш купил неколку луксузни недвижности во вкупна вредност од 15 милиони евра на Азурниот брег, во јужниот дел на Франција, во 2009 година. Меѓу другото, купил и замок, и тоа преку многу комплицирана финансиска конструкција со помош на компании кои буквално поседуваат само поштенско сандаче, со тоа што формално себеси си обезбедил кредит од сопственото богатство. Чешката полиција сега води истрага во врска со сомневања за перење пари. Истраги на Бабиш му се закануваат и во Франција и во САД, меѓу другото, под сомнение за затајување данок.
Срам или спасител на Чешка?
Чешка пред парламентарните избори, кои се одржуваат денеска и утре: Објавувањето на Пандора документите дојде во многу лош момент за Андреј Бабиш. Досега тој и неговата владејачка партија АНО (Акција на незадоволни граѓани) водеа во анкетите. Но, сега офшор аферата може да го чини премиерот втор мандат. Имено, многу гласачи сѐ уште се неопределени. Наодите базирани на „Пандора документите“ би можеле да влијаат на нивната одлука - премиерот Бабиш со години проповеда транспарентност и се бори против затајувачите на данок, додека во исто време и самиот практикувал такво однесување.
Изборната кампања и онака главно се вртеше околу контроверзниот лик и дело на Андреј Бабиш. Популистичкиот стил што го негува политичарот Бабиш и неговите бројни политички афери, создадоа длабок јаз во чешкото општество. Некои во него гледаат најголем срам за земјата по Кадифената револуција во 1989 година, додека други го гледаат како способен менаџер, спасител од илегалната миграција и од Европската унија која наводно го загрозува суверенитетот на Чешка. И токму поради ова, за многу чешки политичари, но и за многу гласачи во земјата, овие избори се едни од најважните во поновата историја на Чешка.
Нејасно потекло на имотот
„Бабиш на овие избори игра на сѐ или ништо“, вели за ДВ политикологот Петр Јуст. „Не се работи само за неговата политичка, туку и за неговата лична иднина, вклучително и кривично гонење и неговата позиција како бизнисмен.“
67-годишниот милијардер и основач на „Агроферт-холдинг“ влезе во политиката во 2011 година. Тогаш ја основаше партијата АНО, а кратенката на чешки значи „Да“. АНО всушност е дефинирана како „политичко движење“. Бабиш стана министер за финансии во 2014 година, а премиер во 2017 година. Тој постојано им ветува на граѓаните борба против корупцијата, против вмрежувањето на чешките елити и бирократијата, како и борба за поголема транспарентност и ефикасност. Но, до денес не го има ставено на увид на јавноста потеклото на својот огромен имот.
Судири на интереси
Со цел да избегне судир на интереси, Бабиш ја предаде својата грижа за Агроферт на фонд на доверители во 2017 година. Но, неколку експерти во меѓувреме успеаја да докажат дека Бабиш сѐ уште има многу силно влијание врз бизнисот на холдингот. Веќе неколку години се зборува за аферата „Штрково гнездо“, во која една од компаниите на Бабиш за изградба на велнес-центар нелегално добила два милиони евра субвенции од фондовите на ЕУ. Се очекува Бабиш да биде обвинет за оваа злоупотреба на ЕУ-стимулациите.
Според мислењето на Европската комисија, Бабиш е во конфликт на интереси бидејќи, како премиер, влијаел врз распределбата на субвенциите од ЕУ за концернот Агроферт. Пред неколку дена, чешкиот премиер беше казнет и со максимална сума од 10.000 евра за друг судир на интереси поврзан со неговиот медиумски концерн Мафра. Но, тоа не е сѐ. Пред неколку години, беше откриено дека Бабиш некогаш бил соработник на поранешната чехословачка служба за државна безбедност.
Помош од Орбан
За да ја спаси својата политичка иднина, Бабиш водеше остра изборна кампања, за време на која предупредуваше од наводнаопасност од мигрантите. „Нема да дозволиме Европа да стане муслиманска“, повторуваше постојано Бабиш и лажно го обвинуваше Иван Бартош, претседателот на опозициската коалиција, дека сака масовно да ги насели мигрантите во Чешка.
За мигрантите стануваше збор и во шпицот на кампањата на Андреј Бабиш. Минатата недела, среде кампања, во посета му дојде унгарскиот премиер Виктор Орбан. Иако двајцата тврдеа дека тоа не е предизборна кампања, двајцата речиси исклучиво зборуваа за предизборната тема - миграција. Бабиш го нарече Орбан пријател и заштитник на Чешка. „Унгарија беше единствената земја во 2015 година што навистина ја заштити Шенген -границата и подигна ограда“, рече Бабиш. „И во тековната година, таму пристигнаа 77.000 илегални мигранти. Да не беше оградата, тие ќе тргнеа по најкраткиот пат - преку Чешка до Германија- за таму да добијат социјална помош“, рече Бабиш на прес -конференција пред избрани новинари. Вработени во странските медиуми, вклучително и германскиот сервис АРД или францускиот Ле Монд, немаа право да присуствуваат на прес -конференцијата.
Прашање е дали ќе успее планот на Андреј Бабиш за освојување политички поени на тема миграција. Во моментов во Чешка практично нема илегални мигранти и баратели на азил, а прашањето за миграцијата, според анкетите, воопшто не е важна тема за гласачите.
Коалиција со десни екстремисти
Според анкетите, меѓу 24 и 27 проценти од гласачите сепак ќе гласаат за Бабиш и партијата АНО. Но, предноста во однос на двата опозициски блока, десно-либерално-конзервативната коалиција Сполу (приближно 23%) и либералните Пират /СТАН (околу 21%) е минимална и се топи. Двата опозициски блока отфрлаат соработка со партијата АНО по изборите. Бабиш би можел да владее само со преостанатите две партии кои имаат шанса да го надминат изборниот праг од 5% - десноекстремната партија Слобода и директна демократија (СПД) и Комунистите.
СПД се залага за одржување референдум за излез од ЕУ, а Комунистите (само на хартија леви) застапуваат исто така многу деснонационалистички позиции. Бабиш е подготвен да направи коалиција и со двете партии, а и чешкиот претседател Милош Земан, формално социјалдемократ, долго време отворено се залага за формирање влада составена од АНО, СПД и Комунистите.
Чешката опозиција на оваа можност гледа со згрозеност. „Не претерувам, на овие избори станува збор за сѐ или ништо. Се работи и за западната ориентација на оваа земја“, вели Петр Фиала, претседател на опозицискиот сојуз Сполу.
Клевета од странство
Бабиш најверојатно нема да дозволи референдум за излез од Европската унија, смета политикологот Јуст. Но, тој додава: „Укинување на елементи на демократијата по примерот на Полска или Унгарија е многу можно во случај на формирање влада на АНО, СПД и Комунистите“.
Во меѓувреме, Бабиш реагираше на објавувањето на „Пандора документите“ по примерот на неговиот модел - Виктор Орбан. Сето ова е само клевета од странство, клевета со цел да се влијае врз исходот на изборите во Чешка, вели Бабиш. Тој тврди дека „никогаш не направил ништо нелегално или погрешно“.